И во минатото и сега, во речиси сите западни извештаи што се занимаваат со мониторирање на борбата против корупцијата, сме оценувани со најниски оцени, корупцијата се посочува како рак-рана на општеството, односно како држава предничиме во забелешките за незаконско трошење на државните пари, поткупливост, непотизам, политички влијанија, судир на интереси и сл.
Македонија повеќе од девет месеци е без антикорупциска комисија. Така ќе остане, многу веројатно, до претседателските избори предвидени за напролет следната година бидејќи сѐ уште немаме конечна верзија на новиот закон. Со ваква фактичка состојба, но и без пополнета комисија, телото не може да отвора нови предмети додека домашната јавност ја преплавуваат натписи и информации за коруптивни скандали, за судири на интереси на функционери и политичари, сомнителни вработувања, непотизам итн. Во меѓувреме речиси во сите западни извештаи, кои се занимаваат со мониторирање на борбата против корупцијата, сме рак-рана односно како држава предничиме во забелешките за незаконско трошење на државните пари.
Дали отсуството на антикорупциската комисија ги опушти и функционерите и техничките служби во државната агенција за спречување на корупцијата е дилемата, која е актуелна деновиве особено кога во Собранието беше пуштен на второ читање новиот закон за спречување корупција и судир на интереси.
Но и претходно кога државата имала антикорупциска комисија нејзиното дејствување и поведените постапки останале незабележливи за пошироката јавност. Дури напротив, во одредени случаи антикорупциската комисија во минатото се користеше и како параван за покривање или за замачкување одредени постапки.
Правејќи паралела во некогашното функционирање на антикорупциската комисија и денешното нејзино отсуство, поранешниот прв човек на антикорупциската комисија Игор Тантуровски во изјава за „Нова Македонија“ посочува дека во земја каде што владее поткупливост и таа е распространета од врвот па до нејзиното најниско ниво на општеството, недозволиво е да не постои институција што ќе се обиде да го спречува тоа. Според неговото толкување, причината за ваквата затекната состојба е тоа што очигледно некому му одговара ваквата ситуација, за да не може да се лоцира одговорноста за овие појави, кои се недозволиви за земја што се стреми да биде членка на ЕУ. Тантуровски додава дека кадровската екипираност, но и партизираноста, исто така, е проблем на сите институции во државата, а непостоењето на антикорупциската комисија во Македонија дава не многу пријатна слика за нашите заложби за спречување на корупцијата пред очите на Брисел.
– Секојдневно има корупциски скандали за некого, тоа очигледно не претставува никаков проблем за институциите. Од друга страна, и сега но и кога постоеше комисијата оваа институција на некој начин си ја вршела својата работа и си ги завршувала активностите, кои ѝ беа во надлежност. Повеќе од очигледно е дека за тоа денеска нема волја и затоа сѐ уште не може да се формира антикорупциска додека во јавноста се измислуваат безброј објаснувања зошто е тоа така – вели Тантуровски.
Во однос на последователните забелешки на претставниците на ЕУ, каде што беше укажувано оти е потребна поголема видливост на институциите за спречување на корупцијата за да се зголеми довербата кај граѓаните, Тантуровски објаснува дека тоа не е никаква новина. Според него, Брисел отсекогаш барал резултати и ќе бара опипливи докази дека земјава е застаната на страната за спречување на криминалот и корупцијата докрај.
– Ваквите забелешки од ЕУ, но и од извештаите на реномираните меѓународни организации, кои се занимаваат со мониторирање на корупцијата во земјите од Западен Балкан не е никаква новина. Овде сакам да појаснам дека антикорупциската комисија во минатото функционираше според сите стандарди и според тогашниот актуелен законот за корупција. Уште од минатото се настојуваше да се дојде до промена и корекција на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси. Деновиве во Собранието се гласа околу негово усовршување за комисијата да може поефикасно да си ја врши работата. Искрено, колку овие нови законски измени што се предлагаат од пратениците ќе ги подобрат ингеренцијата но и ефикасноста на антикорупциска, тешко е да се каже од денешна гледна точка. Останува времето да покаже какви резултати ќе има земјава на ова поле – заклучува Тантуровски.
Аналитичарот Сашо Орданоски во колумна на оваа тема оценува дека се ставаат секакви можни сопки новите членови на комисијата да не бидат професионалци со потврден морален интегритет, туку повторно да се направи некаква мешавина од политички (читај партиски) свесни членови, кои арбитрарно ќе одлучуваат што и како ќе работат при гонењето коруптивни практики во државата.
– Некои сакаат тоа да се претвори во одредено етно-партиско мнозинство во комисијата, за со надгласување да може да се блокираат евентуални „незгодни“ афери, но и да се намали стручното влијание на Секретаријатот на ДКСК во обработката на случаите, како и да се ограничи достапот на ова независно тело за проверка на одредени бази на податоци во државава. Пак комисијата да се направи што е можно поимпотентна, за да не им го крева притисокот на оние што би сакале државата да ја имаат на располагање на сопствените дебитни банкарски картички – смета Орданоски.
Во меѓувреме власта и опозицијата разменуваат жестоки критики и меѓусебни обвинувања од собраниската говорница деновиве, околу новиот закон за корупција. Опозицијата тврди дека на власта ѝ одговара до одржувањето на претседателските избори да не се формира антикорупциска комисија. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара антикорупциската комисија да биде избрана по стариот закон, бидејќи до носењето на новиот ќе измине уште еден месец.
– Талат Џафери треба да ги распише претседателските избори во првите неколку дена од февруари и Собранието дури и денес да го донесе законот, нема да има време да ја спроведе таа постапка што е предвидена во законот. Истата таа е покомплицирана, посодржинска, поаналитична, нема да има време да формира антикорупциска комисија пред распишување на претседателските избори – изјави Димовски.
Од Владата вчера возвратија дека пред пратениците веќе е доставено новото законско решение, со кое би се избирале членовите на антикорупциската комисија, кои предвидуваат нови услови и критериуми за избор. А новиот закон, веќе помина на прво читање.
Паралелно на сето ова повеќепати периодов, земјава добиваше негативни извештаи од антикорупциското тело на Советот на Европа, но и други меѓународни тела што се занимаваат со следење на оваа проблематика. Последен од низата на анализи беше извештајот на ГРЕКО (антикорупциското тело на Советот на Европа) во кој беа посочени повеќе случаи на злоупотреби на државни пари, партизација и судири на интереси на функционерите во земјава. Инаку, антикорупциската комисија не функционира девет месеци. Во март, пет од седумте члена поднесоа оставки поради сомневања во лажирани патни сметки и други малверзации, на кои укажуваше ревизорскиот извештај. На огласот за нивна замена се пријавија 39 кандидати, но избор не е извршен поради очекување на новиот антикорупциски закон.