Фото: Игор Бансколиев

Секојдневно во дневните билтени се соопштува за починати пациенти на возраст и под 50 години, што не беше случај во европските земји, каде што старосната граница на пациенти починати од ковид-19 беше доста повисока. Кои се причините за тоа

МНОГУ ЕНИГМИ ЗА НОВАТА ЗАРАЗА И СТАПКАТА НА СМРТНОСТ

Животниот век на македонските граѓани е многу пократок од европскиот просек, па на некој начин и жртвите од коронавирусот во земјава се многу помлади отколку во Италија или во Шпанија или од другите европски земји.
Неодамна на Клиниката за инфективни болести почина пациентка на 24-годишна возраст, која немала никакви претходни хронични заболувања, што само го вклучи алармот за старосната граница на луѓето што ја губат битката со ковид-19 во земјава.
Секојдневно во дневните билтени се соопштува за починати пациенти на возраст и под 50 години, што не беше случај во европските земји, каде што старосната граница на пациенти починати од ковид-19 беше многу повисока.
Статистиката покажува дека 70 отсто од починатите од коронавирус во Швајцарија имале над 80 години, 65 отсто во Шведска, 57 отсто во Италија и 42 отсто во Полска, додека речиси половина од починатите во Велика Британија имале над 85 години. Две третини од жртвите од коронавирус во Чешка имале над 75 години.

Според директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Милена Стевановиќ, не може да се даде прецизен одговор за тоа зошто во Македонија починатите од ковид-19 се помлади за разлика од западноевропските земји.
– Не може да се даде прецизен одговор на ова прашање. Популациите се разликуваат, кај нас маса луѓе носат хронични заболувања за кои воопшто и не се свесни. На Запад тоа не е случај. Покрај тоа, добар дел од жртвите на ковид-19 во земјава предоцна се јавиле на лекар – вели Стевановиќ.
Таа додава дека причините треба да се бараат и во нередовното следење на други хронични состојби кај луѓето.
– Допрва ќе научиме многу нови работи во врска со оваа здравствена закана. Вирусот различно се манифестира во различни региони. Како и да е, лекцијата ковид допрва ќе ја учиме – истакна Стевановиќ.

Според други лекари, за помалата смртност од коронавирусот кај помладата популација во западните земји голема улога играат подобриот стандард, подобрите услови за живот, подобрата исхрана, почистиот воздух, но и поголемата физичка активност.
Инфектологот Вело Марковски смета дека институциите треба да реагираат во справувањето со здравствената криза предизвикана од коронавирусот.
– Факт е дека ние имаме поголема смртност од ковид за разлика од другите држави. Она што сега се поставува како прашање е дали ние како доктори одиме со најдобрите решенија. Не може кај нас да има најголема смртност. Институциите треба итно да реагираат и да најдат начин за справување со состојбата – истакнува Марковски.
Тој додава дека е потребно да се направи стручна анализа зошто е тоа така кај нас.
– Треба да се утврди дали постојат објективни или, пак субјективни причини за големата смртност од ковид-19 во земјава – нагласува Марковски.