Фото: Маја Јаневска-Илиева

Епидемиологот Александар Стојанов вели дека, според неговите сознанија, досега во Македонија нема лабораториски потврден случај на сезонски грип. Според Европскиот центар за контрола на болести, сè уште не се пријавени хоспитализации за грип во 55-те европски земји што ги следи организацијата

Сезонскиот грип оваа година е заменет со ковид-19. „Кралот“ на зимските респираторни инфекции, грипот, ќе остане во втор план оваа сезона, односно го изгуби приматот покрај коронавирусот. Ковид-19 сѐ уште е водечки здравствен проблем во целиот свет. Епидемијата не стивнува, а грипот се појавува во мал број случаи, и тоа само во мал број земји.
Епидемиологот Александар Стојанов вели дека, според неговите сознанија, досега во земјава нема лабораториски потврден случај на сезонски грип, но дека грипот секоја година ја достигнува кулминацијата во јануари и во февруари.
– Иако стравувавме дека ќе имаме сериозни проблеми со почетокот на сезоната на грип, сепак тоа не се случи. Но, сепак, рано е и да се каже како ќе се одвива состојбата следните месеци. Сепак, состојбата е таква зашто во сила имаме мерки за носење маски и за дистанцирање. Сето тоа нѐ чува не само од ковид-19 туку и од сезонски грип – посочува д-р Стојанов.
Според него, во многу земји има мал број заболени од грип.

Помалку заболени од лани

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, за една недела, односно од 30.11 до 6.12.2020, во земјава се пријавени 41 случај на заболени од грип или со симптоми на грип.
Во сезоната 2020/2021 вкупниот број на заболени изнесува 259 лица, што е за 40,2 отсто помалку во споредба со истиот период минатата сезона и 60,6 отсто помалку во однос на типичната сезонска крива.
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број заболени се пријавени во возрасната група што опфаќа најголем дел од населението, од 15 до 64 години или 112 случаи.
Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 10.265 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.
Од вкупниот број набавени вакцини, 2.790 им се дадени на здравствените установи и истите тие им се аплицирани на здравствени работници и вработени во здравствените установи.
Во однос на комерцијалните вакцини, во согласност со достапните податоци од извештајот на Центарот за јавно здравје – Скопје, вакцинирани се 2.000 лица на територијата на Скопје.

Хрватска без потврден случај на грип

Во Хрватска, последните податоци покажуваат дека нема грип, односно не е потврден ниту еден лабораториски случај, иако оваа сезонска инфекција започна лани токму во ова време. Факт е дека секоја година сезоната на грип започнува во средината на ноември и завршува само во март или април. Но според сите процени, оваа сезона ќе биде целосно неспецифична и во однос на бројот на пациенти и на бројот на хоспитализирани тешки случаи на грип.
Според Европскиот центар за контрола на болести, сè уште не се пријавени хоспитализации за грип во 55-те европски земји што ги следи организацијата, при што 30 земји известуваат за активности во рана фаза, пет известуваат за низок интензитет, а 29 земји немаат пријавено активност на грип. Имајќи предвид дека ова се само неколку случаи, мапата за грип на Светската здравствена организација сè уште е бела. Имено, сè додека во земјата нема повеќе од 10 случаи на грип, мапата ќе остане бела, што е моменталната состојба во сите европски земји.
Делумно, намалениот број на потврдени случаи на грип во светот се објаснува и со можното зафаќање на микробиолошките лаборатории со ковид-19, така што според експертите, веројатно има помалку време за друг вид дијагноза.
Специфичен е и примерот со Австралија, каде што просечно имало околу 86.000 случаи на грип секоја сезона, а до септември оваа година биле тестирани 96.294 примероци, од кои само 946 биле позитивни на грип. Слична е и ситуацијата и во Нов Зеланд. Од 159 примероци, ниту еден не бил позитивен.


Угостителските објекти со скратено работно време

Комисијата за заразни болести вчера предложила до Владата, во периодот од 18 декември до 21 јануари следната година, угостителските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо во 21 часот како што беше досега.
– Во претстојниот период се препорачува забрана за групирање по плоштади за пречек и прослава на Нова година, како и секаков вид собири во периодот на празниците. Комисијата ќе достави и препорака за групирање во станови за претстојните празници, односно укажува да се почитуваат препораките за собири во домови. На хотелите им се забранува работа на рестораните и баровите по 21 часот – соопштуваат од комисијата.
Во сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите во сила е препораката максималниот број лица да не биде повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.

[email protected]