Денешниов текст е дел од моето обраќање по повод одбележувањето на Денот на МАНУ, што се одржа на 8 октомври 2021 година. Колумнава ќе ја започнам со осврт на тековната општествена состојба во македонската држава, во која Академијата, но и секој од нас живее, работи и дејствува.
Иако состојбите со кои се соочуваме како држава и општество имаат подлабоки корени, дозволете ми да потсетам на периодот од 2006 до 2016 година, којшто најдобро го карактеризира синтагмата „заробена држава“, односно состојба во која оние на власт ги заробија државните институции, ги ставија во функција на сопствените интереси, ги отуѓија од граѓаните, впуштајќи се меѓу другото и во општествен инженеринг, што резултира во засилени општествени поделби. Тоа беше период што се карактеризираше и со обид за градење наратив за наводен етнички/национален континуитет од антиката до денес, при што требаше да се изврши поместување на македонскиот идентитет од јужнословенски кон антички претсловенски корени. Истакнувајќи дека барањето директни врски и наводен линеарен континуитет меѓу современите и античките народи е неточно и ненаучно (што важи за сите народи денес, а не само за македонскиот народ), сепак, ќе потсетам дека, според современите сфаќања за нациите и национализмот, „модерните нации не можат да се воспостават без одредено ниво на замислување, митологизирање и симболички ритуали коишто креираат претстави за тоа каде завршува една група, а започнува друга“.
Оттука, Македонија не треба и не смее да се откаже од легитимното право на културно-историско, вклучувајќи и митското наследство, што е карактеристично за сите модерни држави. Во таа смисла, недвосмислено е дека и македонскиот народ располага со одредена традиција на евоцирање и асоцирање и со наследена колективна меморија, народни преданија, материјално и духовно античко наследство, кои е оправдано да се негуваат на цивилизиран начин и без експлицитни и кич-идентификации.
Периодот на владеење од 2017 година до денес најдобро се карактеризира, според моето мислење, со синтагмата „понижена држава“. Притоа, понижувањата се предизвикани и од домашните и од надворешните потреби, а сите имаат заеднички атрибут: владеење. Ова е време кога владејачките елити се впуштија во другата крајност – национален инженеринг преку бришење на сите одлики на современата македонска нација, со образложение дека тоа е услов за европска интеграција.
Но ако е точно тоа што го вели претседателот Пендаровски, дека „ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција“, тогаш се поставува прашањето за причините и последиците од вештачкото конструирање и ребрендирање на разновидни северномакедонски ентитети, одредници, идентитетски маркери и слично – односно, на сè што нужно води до постепено деградирање и конечно згаснување на македонскиот идентитет. Тридецениската континуирана криза во која се наоѓа Македонија, како и засиленото присуство на значително количество бескорисни и/или манипулирани информации, особено во текот на изминатите неколку години, доведоа македонските граѓани да бидат не само дезинформирани за суштината и последиците од брзоплетите и непромислени политички одлуки од национално значење туку и од колективна апатија, па и аномија. Со тоа се остава простор, политичките центри на моќ, неретко во симбиоза со економските, да ја користат државата за свои лични цели, кои се апсолутно спротивни на државите интереси и на она што е јавно добро (res publica).
Оваа 2021 година одбележуваме два големи јубилеја: 30 години од независноста на Република Македонија и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, првиот претседател на МАНУ. Двата јубилеја нè обврзуваат и кон предците и кон идните генерации, па затоа дозволете да кажам некој збор за идните очекувања. Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција, или кажано со еден збор: СЀ, тогаш неминовно се наметнува прашањето: како понатаму? Ако секоја досегашна влада нудеше сè понови и сè поиновативни пристапи во разнебитувањето на македонската држава, зарем не е време да се каже: вака повеќе не може?! Ако, и наредната влада (од која било провениенција) продолжи со деструктивни и коруптивни политики, а, за жал, малку надеж има дека таквата тенденција ќе прекине, ако трендот е навистина јасен и впечатлив – тогаш, треба да се соочиме со реалноста и со предизвиците на држава што неумоливо тоне. Ние како членови на највисоката научна и уметничка институција во државава не можеме да бидеме неми сведоци на ваквите тенденции, да не предупредуваме и да не нудиме решенија и визии.
Непристрасна анализа на поздравните обраќања на неoдамнешниот свечен дел од научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“, како и нивниот прием и реакции кај дел од медиумите, укажуваат на два неоспорни факта. Прво, и покрај различните рамки на наративниот дискурс и пристапот во обраќањата за дел од клучните прашања, сепак, несомнено е дека постои одреден степен на совпаѓање меѓу гледиштата на претседателот на МАНУ и претседателите на Македонија, поранешните и сегашниот. Второ, реакцијата на провладините апологети беше Ad Hominem, или, со други зборови, тие не ги нападнаа аргументите во обраќањата, туку говорниците, што всушност е потврда дека аргументите не само што не се спорни туку се општоприфатени.
Ако треба да се издвои клучна порака од сите обраќања на свечениот научен собир, но и од моите пишувања, анализи и слова од јануари 2020 година до денес, тогаш таа се сведува на следната заедничка нишка: на Македонија ѝ е потребен нов фундаментален документ – „платформа“ (според зборовите на Црвенковски), „општествен договор“ (според зборовите на Иванов), или „широк, национален и државен консензус за развој“ (според зборовите на Пендаровски), при што документот треба да биде „поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција“ (Пендаровски). Вториот дел од пораката е круцијален и затоа ќе го повторам: документот треба да биде поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Но зафат од вакво значење не смее да се остави само на волјата на оние што имаат политичка моќ, туку е нужно не само да се консултира туку и да се вклучи академската и интелектуалната јавност. За жал, историјата на современата македонска држава нè учи дека вториот дел од пораката нема лесно да се оствари. Во продолжение ќе наведам само два примера што го поддржуваат моето мислење.
Прв пример – во 1997 година МАНУ издаде „Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија“ подготвена од стотина научници, експерти и деловни луѓе. Чуму? Таа стратегија остана во фиоките на МАНУ, или поточно кажано во фиоките на соодветните институции до кои беше дистрибуирана, незабележана, непрочитана и нереализирана само од една причина: таа не беше поддржана од оние на кои им беше упатена и кои требаше да ја реализираат – политичките центри на моќ. Втор пример – во 2021 година, МАНУ и сите образовни и научни институции во државата, јасно и гласно искажаа недоверба во реформите во образованието. Чуму? Кога реформите, иако целосно бесмислени, со несогледливи штетни последици за иднината на младите генерации и на Македонија, продолжија да се имплементираат.
Оттука, документ за развој на македонската држава, дури и да се осмисли, да се напише и да се предложи акциски план со конкретни чекори за негова имплементација, за жал, нема голема веројатност дека ќе биде поддржан од политичките субјекти во подолг временски период. Причините се јасни. Прво, многу често интересите на дел од политичките елити и моќници не се државнички (и нема да бидат ниту денес ниту утре, а тоа ќе продолжи да биде така сѐ додека стекнувањето и останувањето на власт се примарни двигатели на општеството), напротив, практиката покажува дека станува збор за лични и евентуално партиски интереси. Второ, властодршците (и не само во Македонија), без јавна и демократска контрола, многу брзо пројавуваат симптоми на синдромот хибрис, стекнато нарушување на личноста. Лицата со овој синдром ги имаат следниве карактеристики: нарцисоидност, ароганција, непромисленост, некомпетентност за носење геостратегиски одлуки и за креирање политики. Оттука, владетелот (во смисла на Макијавели) го прекинува континуитетот (со него почнува сè од почеток), а аргументите и критиките на добронамерните научни умови и познавачи што сакаат да помогнат воопшто не допираат до него.
Како понатаму? Според мене, нужно е будење на колективниот ум, активирање на умните и мудрите луѓе на кои можеме да се потпреме, и артикулација на визија, проследена со предлози за конкретни акции. Јас би предложил да почнеме со мали чекори, со создавање синергија и гласност. Предлагам, на пример, да почнеме со ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата што, според Уставот, се утврдени за автономни сфери на општеството (образование, наука, култура, здравство итн.). Ќе го илустрирам мојот предлог со еден пример, што ја одразува суштината на предлогот. Предлагам да се донесе закон со кој: (1) ќе се одземат ингеренциите на МОН да изготвува стратегии за развој на образованието и науката или да подготвува реформи во образовниот или научниот систем; (2) Стратегиите и/или реформите ќе ги подготвуваат во синергија МАНУ, универзитетите и стопанските комори; и (3) МОН ќе биде обврзан да ги имплементира стратегиите и/или реформите. Се разбира ова е само еден издвоен пример со кој сакам да илустрирам дека нештата можат да се менуваат и со наша иницијатива и предлози, таму каде што можеме да влијаеме за работите што најдобро ги знаеме, но, за ова што овде го предлагам е потребна дополнителна и подетална анализа, во која ќе се земат предвид сите аспекти на овој предлог.
Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција. Ако, пак, ја изгубиме македонската држава, нема да постои ни државен ентитет за да се интегрира во ЕУ, па, така, ЕУ ќе нема што да интегрира, а ние што да одбележиме и прославиме. Постигнувањата на МАНУ и промените за коишто говорев денес се добар почеток и даваат надеж дека имаме визија и капацитет да одговориме на актуелните предизвици. Јас сум длабоко уверен дека, покрај со капацитет, располагаме и со волја да продолжиме во насока на достоинствено пишување нови страници во нашата сегашност и за зачувување на нашата историја во иднина. Време е да почнеме да ги правиме тие промени!