Каков ќе биде односот на новото раководство на Европската Унија во Брисел кон Македонија, по најавената посета на претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли за следнава недела на нашата држава? Дали ќе важат истите ветувања на минатата европска администрација за земјава во однос на нашата евроинтеграција по француското вето за датум за преговори се прашањата на кои познавачите на состојбите во земјава одговараат со поделени мислења. Некои од експертите сметаат дека нема да се сменат досегашните политики на ЕУ, ЕК и на Советот на Европа кон земјава, односно дека ќе се задржат истите позиции на Европа за аспирантите како што е Македонија, без оглед на внатрешните превирања во Унијата и најавите за нејзината нејасна европерспектива. Други, пак, мислат дека новите европски челници, слично како и оние во заминување, политиката кон Македонија ќе ја водат повторно низ бирократските лавиринти, собирајќи притоа нови услови, директиви, регулативи, но и делејќи нови ветувања за нас. Поранешниот дипломат Ристо Никовски смета дека посетата на новоизбраниот претседател на Европскиот парламент Давид Сасоли, закажана за следната недела, нема да донесе некакви големи очекувања за нас. Тоа е така бидејќи, според него, политиките на Париз по последниот самит на ЕУ за нас го ограничуваат просторот за наше напредување кон Унијата.
– Факт е дека по Преспанскиот договор сите челници на Европската Унија чувствуваат некаков долг кон Македонија. Во тој контекст треба да се гледа и најновата посета од Стразбур на високиот претставник на земјава. Какво ќе биде однесувањето на новата гарнитура во Брисел не е лесно да се претпостави, меѓутоа во секој случај и тие не можат да ги игнорираат нашите незамисливи отстапки и нашиот национален пораз, кои ги направивме во договорот од Преспа. Меѓутоа, да не забораваме дека бирократијата во Брисел и во Стразбур има маргинална улога во донесувањето на главните одлуки. Тоа останува сега нагласено во Париз додека порано беше во Берлин и донекаде во Лондон и политиките што се најавуваат од Франција, на кои тие секако ќе инсистираат, го ограничуваат просторот за наше напредување кон Унијата. Тоа е реалност со која мораме да се соочиме и да градиме нови стратегии, не откажувајќи се од членството во ЕУ ама паралелно работејќи на други алтернативи, кои на долгорочна основа можат да се покажат како корисни – истакнува Никовски.
Од друга страна, професорот Лазар Лазаров истакнува дека земјава нема друга алтернатива освен патот кон ЕУ. Оттаму Лазаров ја гледа посетата на новоизбраниот претседател на европскиот парламент Сасоли на Македонија како поддршка на ЕП на нашиот евроинтегративен пат и во иднина, особено по француската резервираност кон проширувањето. Професорот по меѓународни односи во исто време додава дека новооформеното кормило во Брисел ќе ги продолжи политиките на довчерашната власт во ЕУ во сите сфери.
– Мојот генерален став е дека Европскиот парламент, комисијата и Унијата во целост, со исклучок на Париз, нема да го сменат значително досегашниот колосек на политиките кон Македонија. Доаѓањето на претседателот на Европскиот парламент Сасоли овде е токму потврда за таквиот став, кој многу веројатно ќе остане да се применува кон Македонија. Сепак тука е важно да се истакне од наша страна дека нашиот влог, кој го дадовме во однос на името и реформите, кои започнавме да ги спроведуваме, треба јасно и гласно да му се посочат на високиот европски челник за да ги воочи и понатаму да ги пренесе во ЕУ. Во исто време важно и за нас дома е да ги усогласиме сите ставови дека по француското вето и понатаму ќе останеме посветени на заедничките цели, а тоа е наша интеграција во Европската Унија – завршува Лазаров.