Постоењето на т.н. радикални џамии, кои и како поим и предмет ги отворија безбедносните служби на Австрија, по извршените терористички акти, повторно стана актуелна безбедносна тема. Поради тоа, Австрија реши дел од тие џамии да затвори. Во Австрија има околу 350 џамии што работат во рамките на Австриската исламска заедница. А за потсетување, уште во 2010 година, поранешниот поглавар на ИВЗ Сулејман Реџепи посочи дека четири џамии во Македонија не беа под контрола на ИВЗ туку на припадници на радикални структури. Каква е состојбата со џамиите денес?
Постоењето на т.н. радикални џамии како повод
Сите џамии во земјата се под контрола на Исламската верска заедница, откако изминатата деценија таа успеа да постави легални имами и да има контрола врз учењето што се спроведува таму, што не беше случај во 2010 година, кога четири поголеми џамии во главниот град беа надвор од нејзина контрола, а во јавноста се спомнуваше дека тие се седишта на радикални структури.
Контролата врз верските објекти на исламот повторно стана актуелна тема по терористичкиот напад во Виена, во кој беа вклучени лица припадници на радикални структури по потекло од Македонија.
Австриските власти, овие и голем број други лица ги поврзуваат со одредени џамии и исламски центри, за кои во изминатиот период на големо се зборува дека се центри на радикализмот во Европа. Поради тоа, Австрија реши дел од тие џамии да затвори. Во Австрија има околу 350 џамии што работат во рамките на Австриската исламска заедница.
Оваа не е првпат Австрија да затвори џамии. Во 2018 година беа затворени шест џамии, од кои три во Виена. Основата за нивното затворање беше Законот за ислам од 2015 година, промовиран од тогашниот министер за интеграција Себастијан Курц.
Од ИВЗ вчера посочија дека сите џамии се под нивна контрола и дека тие го практикуваат традиционалниот ислам.
Според податоци објавени во медиумите пред неколку години, во земјава има околу 600 џамии.
Четири џамии беа радикални
Уште во 2010 година, поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи, посочи дека четири џамии не се под нивна контрола, туку на припадници на радикални структури.
– Вахабитите контролираат четири џамии во Скопје, а МВР е пасивно и покрај тоа што ни дава вербална поддршка. ИВЗ се обидуваше да го скрие фактот дека во Македонија дејствуваат радикални исламисти вахабити, со надеж и убедување дека тие ќе се дистанцираат. Тоа, за жал, не се случи и затоа отсега ќе ги именуваме со нивното вистинско име – изјавил тогаш поранешниот реис Реџепи.
Според Реџепи, тогаш нивните најголеми настојувања за функционирање биле главно во главниот град.
– На почетокот тие се инволвираа во џамијата „Јаја-паша“, потоа преминаа во друга џамија, како џамијата „Тутунсуз“, а подоцна узурпираа уште една друга нова џамија, која се обнови во Хајтунџик, и на крајот во џамијата „Иса-бег“ -посочи тогаш Реџепи.
Неколку години подоцна, од ИВЗ изјавија дека состојбата се средила и дека сите џамии се под нивна контрола.
Неофицијално, 80 борци на ИСИС се вратиле во земјава
Во Македонија никој нема точен податок дали и колку припадници на ИСИС се вратиле во државата од почетокот на пандемијата, ниту, пак, дали тие имаат какви било активности, иако државата официјално тврди дека постојано ја следи нивната активност.
Неофицијалните бројки, кои се веќе неколкупати спомнувани во јавноста, се врзуваат за процените дека околу 150 лица од земјава заминале во периодот од 2013 до 2015 година на боиштата во Ирак и во Сирија.
Според неофицијалните информации, државните безбедносни структури имаат некакви процени и анализи за бројот на вратени лица, чија бројка се движи околу 80 лица. Во тие анализи се и бројот на загинати, според кои податоци има за 37 лица дека загинале, а низ кривичноправниот систем поминале 30 лица, а 12 сѐ уште се во затвор.
Она што недостига е официјална државна програма за ресоцијализација на овие лица.
Од Исламската верска заедница во земјава велат дека немаат никакви информации за повратници од ИСИС.
Оттаму посочуваат дека ИВЗ со години гласно реагирала против манипулацијата на младите да се приклучат во странските војни.