Судењето за „Меѓународен сојуз“ денеска беше одложено откако на барањето на Фросина Ременски за изземање на обвинителката Вилма Русковска се приклучи и Бојан Јовановски.
И Јовановски ја обвини Русковска за селективно и тенденциозно постапување. Поради барањата на обвинетите, судијката Софче Гаврилова-Ефремова го одложи денешното прво рочиште.
Јовановски рече дека Русковска извршила кривично дело тортура поради начинот на кој се однесувала кон него, а спомена и дека треба да биде изземена бидејќи постапувала во „Рекет“ каде што, како што додаде, била селективна со Зоран Милески-Кичеец кој е на слобода заради политички цели.
– Русковска го застапуваше предметот „Рекет“ тенмденциозно и селективно. Со нејзина согласност судот донесе одлука Кичеец да биде пуштен на слобода, бидејќи идат избори и заедно со Русковска треба да местат избори – рече Јовановски.
За Русковска, барањето за нејзино изземање не е основано, и дека одлуката за тоа треба да ја донесе Јавното обвинителство.
– Никогаш не сум се однесувала пристрасно, во ниту еден предмет, а сум сработила можеби повеќе од 1.000 – изјави Русковска.
Следното рочиште е закажано за 21 јули. Доколку Русковска не биде изземена од страна на републичкиот обвинител Љубомир Јовески, таа треба да ги даде воведните зборови, а во текот на судската постапка, Русковска рече дека очекува да ја докаже вината на обвинетите.
Првообвинет во „Меѓународен сојуз“ е Бојан Јовановски, а обвинети се и неговиот татко Миле Јовановски, потоа Јасна Мандиќ, Христина Блажевска и пратеничката Ременски. Тие се обвинети дека ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект за изградба на домови за стари лица, при што им зеле над еден милион евра.