Европската комисија неделава го презентира својот прв извештај за владеењето на правото. На стотина страници комисијата вреднуваше постапки на членките на ЕУ, оценувајќи ги во однос на независноста на судството, слободата на медиумите, антикорупциските мерки и општествениот плурализам. Извештајот на Европската комисијата (ЕК) покажа изненадувачки огромни разлики во стандардите и практиките на демократските процеси меѓу членките на ЕУ
Европската комисија (ЕК) го презентира својот прв извештај за владеењето
на правото во земјите од Унијата
Извештајот на Европската комисија (ЕК) презентиран во средата во Брисел, во кој комисијата оценуваше постапки на членките на ЕУ вреднувајќи ги во однос на независноста на судството, слободата на медиумите, антикорупциските мерки и општествениот плурализам, покажа изненадувачки огромни разлики во „европските стандарди и практики“. (Не)практикувањето или, пак, различното практикување на демократските начела и процеси причинува длабока збунетост не само за мониторингот на комисијата, туку уште повеќе за оние кандидати за приклучување на ЕУ, кои ја сметаат Унијата како „бенчмарк“ и „политичко-правен модел и идеал“ што треба да се достигне заради општиот просперитет и благосостојба. Но дали е така?
Во извештајот, комисијата избегна директно да ги рангира резултатите од работата на земјите-членки.
Според процените на американското списание „Политико“, извештајот на Европската комисија во однос на независноста на судството, слободата на медиумите, антикорупциските мерки и општествениот плурализам може да се подели во пет категории.
1. -Најлоша од сите: Бугарија
Според процените на комисијата, Бугарија покажала најслаби резултати. Извештајот фрла акцент на незавршените структурни реформи, ниската доверба на јавноста во работата на антикорупциските институции, нападите врз новинари и нејасноста во однос на судските надлежности. Сепак, извештајот ја игнорираше поголемата политичка слика во Бугарија, решавајќи да не ја отвора темата за олигархиската мафија што ги зароби државните институции; наедно, комисијата ги премолчи зачестените докази и сведочења за злоупотребата на европските фондови, поврзана со насекаде распосланата корупција.
2. -Апсолутистички: Унгарија и Полска
Варшава и Будимпешта веќе со години се заглавени во бескрајни спорови со Брисел за, како што го нарекуваат критичарите, „демократското назадување“, па затоа извештаите што се однесуваа на нивните постигнувања беа најмалку изненадувачки: комисијата ја изрази својата загриженост во врска со медиумскиот плурализам и системското отсуство на акција во однос на водењето истраги за „високата“ корупција во Унгарија, изразувајќи притоа сериозна загриженост и за прашањата што се занимаваат со владеењето на правото – особено независноста на судството – во Полска.
Унгарската министерка за правда Јудит Варга го отфрли извештајот, пишувајќи на Твитер дека неговиот концепт и методологија се „дефектни“, како и дека неговите „извори на информации се неурамнотежени, а неговата содржина е неоснована“.
3. Тешка борба за напредок: Хрватска, Малта, Романија и Словачка
Извештаите за овие четири држави покажуваат дека постојат напори за справување со долгогодишните проблеми, но сепак пред нив остануваат голем број значајни предизвици. „Хрватското правосудство постигна напредок во намалувањето на заостанатите задачи и подобрувањето на електронската комуникација во судовите, но сѐ уште се соочува со сериозни предизвици во однос на ефикасноста и квалитетот на одлуките“, напиша комисијата, додавајќи дека „нивото на неопходната судска независност во земјата останува меѓу најниските во рамките на ЕУ.“
Слично на случајот со Хрватска, комисијата констатира дека од неодамна Малта покажала напредок во однос на „значајни реформи“, посочувајќи истовремено дека „недостига евиденција за спроведување пресуди кај случаите на корупција на високо ниво“, како и дека останува простор за загриженост за областа на медиумите во државата.
Комисијата ѝ оддаде признание на Словачка за напредокот во реформите, но во исто време смета дека постои повод за загриженост за капацитетот на словачките институции за гонење коруптивни зделки.
Според оцените во извештајот, и Романија ја чекаат уште многу бариери на патот до зголемена демократија. „Продолжуваат да се применуваат контроверзни мерки, кои имаат негативно влијание врз судската независност“, истакна комисијата, посочувајќи дека постојат структурни слабости во врска со следењето на кривичното гонење и судските пресуди за случаите на корупција во редовите на олигарсите и на власта.“
4. – Јужни предизвици: Шпанија, Италија и Грција
И покрај тоа што комисијата им даде на овие три држави добри оцени во врска со севкупниот напредок на полето на владеењето на правото, таа сепак отвори неколку клучни прашања и проблеми – вклучувајќи и за тековниот политички ќор-сокак во ситуацијата со Врховниот судски совет на Шпанија, орган што ја контролира работата на шпанското судство и обезбедува независност на судовите и судиите. Во продолжение на извештајот се истакнува дека „се појави загриженост во однос на новото законодавство на полето на јавната безбедност, кое, како што се тврди, ги ограничува слободата на информирање и слободата на изразување.“
Од друга страна, Рим се соочува со многу поинакви предизвици.
– Политичката независност на италијанските медиуми останува проблематична, најмногу поради недостигот од ефикасни одредби за спречување судир на интереси – посочува извештајот.
Додека државата доби пофалби за зајакнувањето на антикорупциските одредби и реформите, кои резултираа со одредено забрзување на судските процеси, комисијата изнесе забелешки во однос на ефикасноста, истакнувајќи дека „правосилноста на репресивните мерки е често забавена поради прекумерното траење на кривичните постапки.“
Кога станува збор за грчкиот судски систем, комисијата посочи постоење на одредени реформи, но исто така оцени дека Грција се соочува со континуирани предизвици во однос на квалитетот и ефикасноста на судските процеси.“ Наедно, беше констатирано дека граѓанските организации што се занимаваат со проблемите на мигрантите „изразија загриженост поради тоа што граѓанскиот простор за работа на терен е стеснет и ограничен.“
5. -Забелешки и за другите
Дури и кај земјите во кои не беа утврдени големи системски предизвици во областа на владеењето на правото, комисијата отвори многубројни и за нив досега невообичаени прашања – од она за начинот на финансирање на политичките партии во Данска, па до недостигот од ресурси за судско гонење на корупцијата во Луксембург.
Истовремено, комисијата не искажа никаква загриженост или интерес за општата состојба на владеењето на правото во поголемиот дел од Западна Европа, задржувајќи се само на заклучокот дека Финска има „силна традиција на владина транспарентност“ и дека Франција може да се пофали со „добро утврдена“ рамка за поддршка на медиумскиот плурализам.