Се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски треба да ги стави интересите на државата и на партијата пред сопствените и да си замине од функцијата што ја извршува пред да направи дополнителна штета. Ова го порача Иницијативата за конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера во Собранието беше изгласана доверба на Владата.
– Вчера секој искрен и чесен член на ВМРО-ДПМНЕ очекуваше триумф. Му веруваше на сеуште актуелниот претседател Мицкоски и очекуваше новото парламентарно мнозинство, кое што тој велеше дека го има, да му изгласа недоверба на Зоран Заев. Наместо прослава. Партиските членови добија ладен туш. СДСМ покажа дека нивното мнозинство е непроменето, а во политичките кулоари кружат информации дека власта обезбедила и дополнителна поддршка од пратеници од опозицијата кои не гласале, бидејќи немало потреба. Партијата вчера беше посрамена – велат од Иницијативата за Конрес.
Оттука се децидни дека Мицкоски свесно ширел еуфорија дека успеал да обезбеди мнозинство, иако знаел дека тоа не е вистина.