Последните анализи велат дека по три месеци, бројот на активни случаи паднал под 10.000. Намален е и процентот на заразени од тестираните. Имено, од над 30 отсто во ноември, бројката на заразените (од лицата што се тестирани) е намалена на околу 12 отсто во последните неколку недели. Дека Македонија е во фаза на создавање природен имунитет покажуваат и официјалните анализи на статистиката… До каде се активностите за создавање вештачки имунитет?
Дали природниот имунитет ќе биде побрз од вакцината?
Дали Македонија се ближи кон стекнување природен имунитет од ковид-19? Можно ли е стратегијата што во последните шест месеци се спроведува да личи на резултатите на шведскиот модел? Овие прашања се наметнуваат по анализите на состојбата со ковид-19 во државата од аспект на мерки за заштита, а од друга страна од официјалните бројки од здравствената статистика.
Последните анализи велат дека по три месеци, бројот на активни случаи паднал под 10.000. Намален е и процентот на заразени од тестираните. Имено, од над 30 отсто во ноември, бројката на заразените (од лицата што се тестирани) е намалена на околу 12 отсто во последните неколку недели.
Дека Македонија е во фаза на создавање природен имунитет, покажуваат и официјалните анализи на статистиката.
Според нив, официјално досега има над 90.000 лица што ја добиле заразата. Тоа е околу пет отсто од популацијата на државата. Епидемиолозите велат дека неофицијалната бројка секогаш е четири до пет пати поголема, бидејќи многу луѓе го прележале вирусот, а не биле тестирани и со тоа не влегле во официјалната бројка на позитивни на ковид-19. Ако е така, тогаш неофицијалниот број на лица што биле заразени во Македонија досега е околу 450.000, што е околу 25 отсто од населението.
Сепак, епидемиолозите велат дека тоа не значи дека државата не треба да работи на обезбедување на вакцините против ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90.717, бројката на оздравени пациенти е 78.727, на починати е 2.791, а бројот на активни случаи изнесува 9.199.
Според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје, во најголем дел од државата се забележува намалување на бројот на новозаболени кога се анализираат двата двонеделни периоди, до 17 јануари годинава.
Епидемиолозите се децидни и велат дека вакцината секако ќе помогне во справувањето со ковид-19, особено кај ризичните категории граѓани.
Микробиологот Никола Пановски вели дека иако се движиме кон создавање природен колективен имунитет, и официјалните бројки некои ги множат со два, три, четири, па дури и 10, сепак, не може да бидеме сигурни колку би траел тој.
– Официјалната бројка е едно, но има многу што биле асимптоматски случаи и не спаѓаат во тие бројки. Ќе видиме за две-три години колку ќе трае тој имунитет. Десет отсто од населението, односно некаде околу 200 илјади од населението е имуно на вирусот. Вакцината секако ќе го забрза тој колективен имунитет – посочува Пановски.
Смета дека колективниот имунитет е присутен само на дел од населението, кое не ги почитувало мерките и се заразило, како и кај оние што не можеле да избегнат да бидат инфицирани, поради работни обврски, како текстилните работници, и воопшто оние што не можеле да се заштитат.
– Една третина од населението во земјава досега се чувало и не се заразило. Повеќето од нив спаѓаат во ризичната категорија граѓани и кај нив е ризично да се создаде колективен имунитет – додава тој.
И епидемиологот Александар Стојанов, доскорешниот директор на Центарот на јавно здравје, вели дека е логично да идеме кон колективен имунитет, но прашањето е колку ќе трае тој колективен имунитет.
– Прашањето е колку секој од тие што прележале ковид-19 ќе развијат антитела. И колку нивниот имунитет ќе трае. Колку од асимптоматските случаи развиле имунитет? Затоа е потребна вакцинацијата. Кај нас нема серолошко масовно испитување, затоа не можеме да знаеме каква е состојбата со колективниот имунитет во земјава -посочува Стојанов.
Министерот Филипче информира дека значително е намален притисокот врз болниците и дека капацитетите за сместување на болните лица со ковид-19 се полупразни, па беше констатирано дека мерките што беа донесени од Владата во последниот период, а кои се однесуваат на намалување на ширењето на коронавирусот, донеле резултати.
Еден месец откако почна употребата на вакцината, голем број држави немаат достапност до неа. Македонија е една од нив и се обидува преку разни начини да ги обезбеди првите дози. Засега најизвесни се 8.000 вакцини од Србија, но и за нив има административни пречки.
Според најавите на здравствените власти, најоптимистичкиот период за кога се очекува да стигнат првите дози на „Фајзер“ е февруари годинава.
Во јавноста, од една страна, има многу критики зошто толку чекаме за вакцините против ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче веќе најави дека првите 5.850 дози вакцини од „Фајзер“ ќе ги имаме во февруари, а во март треба да стигнат уште 17.550 и најмалку уште толку во април. Според него, сите вакцини што ќе пристигнат во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни.