Обвиненијата за воени злосторства во Хаг фрлаат нова светлина за постоење на заеднички именител на радикално-милитантните организации
Има ли допирни точки исламскиот фундаментализам со Ослободителната војска на Косово (ОВК), односно нејзиниот разгранок ОНА, која паравоено оперираше во Македонија во 2001 година? Ова прашање се актуализира во домашната јавност по почетокот на судските процеси за воени злосторства пред Меѓународниот суд во Хаг, каде што во дел од обвиненијата за воени злосторства има експлицитни елементи на тесна поврзаност на лидерите на ОВК со исламските радикали и милитанти и џихад-идеологијата кај исламските фундаменталисти.
Што бележат странските медиуми за исламскиот радикализам и поврзаноста со ОВК
Во своја анализа, белградскиот весник „Новости“ пишува дека етничкиот Албанец, чии корени се од регионот, што го спроведе терористичкиот напад во Виена е типичен доказ дека џихадистите дејствуваат во регионот.
Според медиумот, џихадистите во Европа не доаѓаат од далечните краишта во светот, туку најчесто се припадници од локалното албанско население.
– Првите напади од калифатот беа спроведени во 1990-тите години, само тогаш тие пред јавноста го имаа предзнакот ослободителна војска – пишува медиумот.
Британскиот весник „Телеграф“, пак, во свој осврт пишува дека месноста Качаник во најмладата европска држава Косово е локацијата од која радикалната џихадистичка идеологија дејствува во регионот и во светот. Британскиот медиум оваа своја констатација ја оправдува со информацијата дека токму таму е роден злогласниот терорист на ИСИС Абу Абдулах Косови со албанско потекло, кој во 2014 година стана познат во медиумите објавувајќи фотографија како обезглавува човек во Сирија.
Во својата информација, „Телеграф“ вели дека припадниците на ИСИС што сега војуваат на Блискиот Исток во минатото биле членови на ОВК и на организациите блиски до неа.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пак, во свој текст поврзан со терористичките закани за Европа информира дека радикалниот ислам е на големо присутен во Македонија и на Балканот, а во текстот насловен „Алах е нашиот командант“ се повлекуваат паралели што велат дека радикалниот ислам добива засилено значење во животот и размислувањата на Албанците во Македонија.
Какво искуство имаат македонските безбедносни експерти по ова прашање
Благоја Марковски, доктор на воено-политички науки, во својот осврт вели дека поврзаноста со радикалниот ислам и со терористичките организации од остатокот на светот бил очигледен со воените формации на ОВК и ОНА, кои војуваа во Македонија и Косово во 1999 и 2001 година. Уште попластичен пример за споменатата поврзаност е граѓанската војна во Босна, која се случи на почетокот од 1990-тите.
– Поврзаноста меѓу структурите е очигледна, но не во смисла во ОВК и ОНА да војуваат муџахедини од странство, каков што беше случајот во Босна, туку повеќе во правец на тоа да војуваат локални лица што се индоктринирани од оваа идеологија и воено обучени од логистика на терористичките организации на Балканот – вели Марковски.
Тој смета дека, сепак, генерален увоз на странски радикални структури во 2001 година во ОНА не бил невозможен, а нивните бројки во редовите на организацијата биле помали.
Како примери каде што е можно, вели Марковски, да се поврзат овие две безбедносни прашања можеби може да се издвојат злосторствата спроведени во 2001 година во Македонија, кои минаа неказнети во т.н. хашки случаи.
– Радикалниот ислам не е идеологија што се поврзува со одредена национална кауза, туку тоа е глобална идеологија и движење. Но со сигурност плодовите од оваа радикализација може да се употребат и во локални цели, какви што имавме на Балканот и во нашата земја – вели Марковски.
Според него, во Македонија најголемиот проблем што доаѓал во минатото е тешкотијата што произлегувала од центрите каде што се радикализирале индивидуи што под странско влијание потоа се зачленувале во редовите на ОВК, ОНА и други слични организации.
Во секој случај, експертите со низа примери поткрепуваат тесна врска на исламскиот радикализам со воената идеологија на ОВК и ОНА, а заедничкиот именител како модус операнди на практикување на тие идеологии се сила, насилство, милитантен радикализам и терор. Во секој случај, сепак, експертите издвојуваат дека „секој припадник на исламската конфесија не е терорист, но секој досега идентификуван терорист бил и припадник на исламската конфесија“.