Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања моментно е на пауза по барање од македонскиот тим, поради претстојните изборите во Македонија. За бугарската страна, пак, станува збор за прекин на работата, со што неизвесно е продолжувањето на нејзината активност.
Комисијата која треба да се произнесе за заедничко одбележување личности и настани од заедничката историја и да помогне во надминување на различните толкувања, е формирана во согласност со Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија.
Комисијата утврди препораки за заедничко чествување на свети Кирил и Методиј, свети Климент и свети Наум, на цар Самуил, како и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, а кои беа усвоени од владите на двете страни, на досега одржаните вкупно девет средби.