Фото: Маја Јаневска-Илиева

Амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн, соопшти дека од февруари следната година „секој месец ќе се применува лотарија за издавање термини за поднесување барања за германски визи“. Иако на прв поглед тоа упатува на нешто слично на таканаречената американската лотарија за зелена карта, преку која, според досега објавеното, веќе во наредната, 2022 година, би требало да се иселат 293 граѓани, не сметајќи ги нивните семејства, лотаријата што ја најави германската амбасадорка Холштајн ќе се применува само за доделување термини за поднесување барања за визи, што, според упатените, укажува на веќе загрижувачки тренд на иселување

ТРЕНДОТ НА ИСЕЛУВАЊЕ ПОСТОЈАНО ВО НАГОРНА ЛИНИЈА И СО НОВИ ИМПУЛСИ

Покрај големиот број фактори што придонесуваат за забрзана депопулација и за мултиплицирање на сите негативни ефекти што произлегуваат од тоа, деновиве како дополнителен доказ за огромниот интерес за напуштањето на Македонија дојде и најавата на амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн, дека од февруари следната година „секој месец ќе се применува лотарија за издавање термини за поднесување барања за германските визи“. Иако на прв поглед тоа упатува на нешто слично на таканаречената американската лотарија за зелена карта, преку која, според досега објавеното, веќе во наредната, 2022 година, би требало да се иселат 293 граѓани, не сметајќи ги нивните семејства, лотаријата што ја најави Холштајн ќе се применува само за доделување термини за поднесување барања за визи. Тоа, според упатените, укажува на веќе загрижувачки тренд на иселувањето, а иако амбасадорката Холштајн се фокусира на чисто техничките аспекти, како што е подобрување на системот на доделување термини за поднесување барања за добивање визи за граѓаните од Западен Балкан, таа не пропушти да нагласи оти интересот е преголем.
– Поради вашите многубројни реакции и сè уште многу големиот интерес за термини за поднесување барање за виза, од февруари 2022 година секој месец ќе се применува постапка на лотарија. За таа намена, во февруари за првпат ќе се отвори нов список за регистрирање, кој ќе биде непрекинато отворен за подолг период (најверојатно за околу две недели). Потоа, по случаен избор, со помош на компјутерски управуван генератор во лотариска постапка, од сите регистрации ќе се извлечат оние на кои ќе им се додели термин за март 2022 година – изјави Холштајн.

Доказ за тоа, особено кога станува збор за младите во земјава, е и неодамнешното истражување на Фондацијата за демократија на Вестминстер, која покажа дека 58 проценти од нив би се иселиле од Македонија доколку им се укаже можност, а само 6,9 отсто би се вратиле назад во земјата. Тоа, пред сѐ, го објаснуваат со впечатокот дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и за нивните потреби.
За генералното незадоволство на младите од нивната поставеност во државата зборуваше еден од истражувачите во овој проект, Блажен Малески од независната истражувачка организација „Реактор“.
– Најпрвин мораме како општество, но и државните институции и политичарите, да разбереме дека тој проблем е собир на сите други ситуации и проблеми опишани во самото истражување. Односно, доколку како држава сакаме да ја промениме желбата за заминување на младите, треба да креираме политики што буквално ќе ги адресираат и сите други проблеми што придонесуваат кон таа желба – објасни Малески.
Иако тој смета дека веќе предолго ваквите проблеми ги дефинираат развојот и животот на младите во Македонија, сепак, додава дека тоа не значи оти не треба да се работи на нивно елиминирање.
На сериозноста на проблемот укажа пред некој ден и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, според кого, вкупната бројка од над 1.800.000 попишани граѓани на септемврискиот попис покажува дека во изминатиот 20-годишен период има зголемена миграција.
– Кога има иселување од државата двојно се губи, прво жива сила, заминуваат и не придонесуваат во развојот на државата, а второто е дека се губи и оној потенцијал за наталитет. Во најголем дел мигрантите се млади луѓе, кои го носат со себе и природниот прираст и влијаат индиректно и на бројот на раѓањата, што влијае врз промените во старосната структура. Се прават дупки во таа демографска пирамида и таа денес повеќе личи на дрво отколку на пирамида, бидејќи подножјето е многу помало и имаме првичен столб што фактички треба да се полни да е многу мал. Тоа значи нарушување на соодносот со бројот на раѓања и умирања, тоа значи диспропорција во територијалниот распоред на населението, внатрешните миграции исто така влијаат, помалку деца во образованието, поголемо внимание на пензиските фондови итн. – рече Симовски.

На сиромаштијата, невработеноста, бесперспективноста и на сите други претходно посочени негативни фактори што го поттикнуваат иселувањето, претседателот на државата Стево Пендаровски, пред некој ден, им ја додаде и корупцијата.
– Корупцијата го забрзува и иселувањето, бидејќи практично го поништува системот на заслуги при вработување и унапредување. Соочени со ваква бесперспективност, многу млади и квалификувани кадри едноставно си заминуваат во држави каде што постојат поинакви критериуми за напредување и наградување – објасни претседателот Пендаровски на одбележувањето на 9 Декември, Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
Како втора групација што особено му е подложна на иселувањето од земјава се посочуваат медицинските кадри. Дури и Европската комисија во својот последен извештај за Македонија потенцира дека здравството во земјата се соочува со загуби на медицинскиот персонал. Се наведува дека особено лекарите специјалисти или преминуваат во приватните здравствени установи или пак заминуваат во странство и дека пристапот до лекари специјалисти во јавните здравствени установи е проблематичен.
– И покрај обезбедувањето зголемени плати за да се задржат работниците, здравствениот сектор се соочува со загуби на медицински персонал, особено специјалисти, кои се селат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство – се вели во извештајот на Комисијата. Д.М.М.