Македонците уште долго ќе чекаат на безвизен режим со САД. Тие ни се стратегиски партнер подолго од десет години и затоа е зачудувачки зошто досега не беше завршена целата процедура за добивање безвизен режим, туку дури сега се формира работна група за комплексен процес што ќе трае десетина и повеќе години
Недоволно ползувани стратегиски
партнерства на Македонија
САД ги укинаа визите за хрватските граѓани и тие најдоцна до 1 декември оваа година ќе можат да патуваат во оваа земја без визи и да останат таму до 90 дена, додека истовремено Македонија дури сега формира работна група што има за задача да работи на приклучувањето на Македонија кон програмата „Виза вејвер“ на САД.
Изостануваaт позитивните ефекти во полн капацитет во економската соработка, демократскиот просперитет, развој…
Меѓу основните услови што треба да се исполнат за стекнување со безвизен режим со САД е годишниот процент на одбиени неимигрантски визи да не биде поголем од три отсто.
– Процесот за укинување визи за нашите државјани за влез во САД е долгорочен и комплексен процес, но со оглед на нашите заложби за зајакнување на постојното сојузништво, создадени се условите да го започнеме овој процес. Најголема потврда за тоа е приклучувањето на нашата земја кон НАТО, но и напредокот постигнат на полето на безбедноста, како дополнување на нашето стратегиско партнерство со САД – напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот фејсбук-профил.
Според него, успешното завршување на овој процес ќе овозможи позитивен ефект на економската соработка, демократскиот просперитет и развој.
Неспорно е дека САД се најголемиот стратегиски партнер на земјава подолго од десет години и затоа е зачудувачки зошто досега не беше завршена целата процедура за добивање безвизен режим со оваа земја, туку дури сега се формира работна група за комплексен процес што ќе трае десетина и повеќе години.
Ако се има предвид дека работните групи најчесто се формираат да не се заврши некоја работа, тоа значи дека македонските граѓани најрано што можат да се надеваат на патување во САД без виза би било од 2035 година натаму, што е недозволиво ако се има предвид дека двете земји негуваат блиска воена соработка, која започна уште со програмата „Партнерство за мир“.
Дипломатијата досега требаше да издејствува безвизен режим со САД пред сите земји од регионов
Граѓаните сметаат дека државата не го искористила вистински пријателството со САД и дека нашата дипломатија досега требало да издејствува безвизен режим пред сите земји од регионов.
– Имам син студент, кој беше на едногодишни студии во САД. Се намачивме додека да извадиме виза, едни документи, па други и на крајот некако успеавме. Мислам дека досега земјава требаше да договори безвизен режим со САД, ако ништо друго, барем во име на пријателството што го негувавме сите овие години – вели Јордан Митевски, приватен претприемач.
Тој смета дека изминатите години требало освен воената соработка со САД и размената на војници, да поработи и дипломатијата и да им овозможи на македонските граѓани лесно патување во Америка.
– Постојано слушав на вести дека наши војници заминале во САД на обука, па дошла гардата од Вермонт кај нас, па американски хуманитарци тука градеа куќи, така што требаше да се најде начин и македонските граѓани да можеа да патуваат во САД слободно, со што вистински ќе се потврдеше дека сме стратегиски партнери и пријатели – критички се осврнува Митевски.
Познавачите на дипломатските состојби се согласни дека земјава требало подобро да го искористи стратегиското партнерство и со време да ги почне процедурите за укинување на визниот режим со САД.
– Американците имаат стандард по кој ги вклучуваат земјите на чии граѓани нема да им бараат визи, а ние требаше уште претходно да го искористиме стратегиското партнерство и да го отвориме тоа прашање одамна. Ако не отвораш билатерални прашања од државен и граѓански интерес, никој ништо нема да ти даде – вели првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски.
Според него, Македонија, ако ништо друго, досега требало да направи една сондажа да види какво е расположението кај нашиот стратегиски партнер за воведување безвизен режим и за македонските граѓани.
– Како земја што нè поддржува, требаше да се направи барем една сондажа во врска со ова прашање, а сегашниве најави за формирање некаква работна група од страна на МНР, која допрва ќе работи на обезбедување безвизен режим со САД, се само празни муабети и кревање врева. Убеден сум дека во наредните десет, ако не и повеќе години, нема ништо да се случи на тој план – категоричен е Арсовски.
Тој појаснува дека самиот процес на укинување на визите е поврзан со бројот на граѓани што излегле од Македонија, со азилантите, со тие што имаат и други државјанства и живеат во разни земји.
– Американците имаат доста такви информации и не е така едноставно да се укине тој режим. Хрватска го нема тој проблем, бидејќи е дел од ЕУ, но не треба да се заборави и дека тие ја почнаа таа процедура многу одамна. Затоа и ние требаше порано да ги почнеме активностите – заклучува Арсовски.
И стратегиското партнерство со Турција недоволно искористено
Очигледно дека дипломатијата генерално потфрла во искористувањето на стратегиските партнерства, а покрај она со САД, речиси воопшто не се ползува стратегиското партнерство ниту со Турција, која е речиси сосед на државата.
Според статистичките податоци, Република Турција во последните три години е рангирана на осмото место на листата на земји со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена.
За 11 месеци во 2020 година, вкупната билатерална трговска размена е 477,3 милиони долари, од кои извозот од Македонија е 85 милиони долари, а увозот од Турција е 392,3 милиони долари.
Оваа пријателска земја не е доволно искористена во делот на обезбедување инвестиции во делот на производство на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, потоа бизнис-услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, туризам, градежништво и инфраструктура.
Сето ова говори дека освен повремената воена соработка, Македонија недоволно го користи стратегиското партнерство со Турција, ниту во делот на извоз на македонски производи на турскиот пазар ниту, пак, во делот на обезбедување инвестиции од оваа земја.
Топло-ладно и со безвизниот режим со ЕУ
Истовремено додека Македонија најавува започнување активности за обезбедување безвизен режим со САД, бриселската агенција ЕУ обсервер објави внатрешен документ во кој се наведува дека Франција, Германија и Италија размислуваат за укинување на безвизниот режим за некои земји од регионот, но и за Молдавија, Грузија и Украина.
Македонија во овој документ е спомената единствено од страна на Белгија, каде што во текот на летото забележале зголемен број барања за азил.
По најавите дека ЕУ размислува за укинување на безвизниот режим во некои земји од регионот, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон истакна дека Западен Балкан не е засегнат од предлогот на ЕК за суспендирање на безвизниот режим.
На граѓаните на Македонија, Црна Гора и на Србија им е дозволено да патуваат во ЕУ без виза до 90 дена од декември 2009 година.