Фото: Игор Бансколиев

Она што Бугарија ѝ го прави на Македонија, правниците едноставно го квалификуваат како криминален чин. А за ЕУ, која се крие зад процедурите на консензус, експертите сметаат дека таа самата е „соучесник во таквото злосторство“, бидејќи активно го поддржува чинот на „тешко кршење на универзалното право и на утврдените меѓународни норми и поредок“. Уште повеќе, администрацијата на ЕУ ѝ дозволува на своја земја-членка „свесно, плански, со умисла и во континуитет да чини противправни дејства“ (на сметка на Македонија), кршејќи го апсолутниот принцип на меѓународното право (јус когенс од кој не може да се отстапи ниту преку договор, а уште помалку со принципот на процедурална консензуална поддршка). Тоа се манифестира како злосторство над друга нација, со што фундаментално се нарушуваат и принципите на меѓународното право и темелните вредности на кои се заснова Унијата. Според тоа, ЕУ-администрацијата, всушност, е нуклеусот од кој се генерираат противправните дејства што со децении ја девастираат Македонија

Бугарската блокада на македонските евроинтеграции е наедно и акт на европската администрација

Нема оптимистички сигнали од Софија по неодамнешната посета на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи во обид за одблокирање на македонските евроинтеграции, но освен европските „фингирани напори“ наводно некако да се омекнат бугарските власти, во суштина Европа продолжува да прифаќа вето што се базира на флагрантно кршење на меѓународното право, односно принципите на самоопределување, кои се европска, но и универзална и апсолутна вредност.

Ова што Бугарија го прави кон Македонија е криминален чин, но Европската Унија, криејќи се зад процедурата за консензус, не само што толерира туку и самата активно прави тешко прекршување на универзалното право и поредок. Таа де јуре дозволува простор на своја земја-членка – Бугарија, директно да го прекрши Договорот за пристапување во Унијата и за тоа да не сноси никакви последици, а самата Унија да се амнестира себеси од овозможување на градењето (и де факто и де јуре) нихилистички односи специјално кон нација и држава што се надвор од Унијата, имено кон Македонија. Генерализирано, пак, како однос, тоа всушност прави проекција дека таквите односи можат да ги практикуваат и сите членки на Унијата, вклучувајќи ја и самата ЕУ.

Ова што Бугарија го прави кон Македонија е криминален чин, но Европската Унија, криејќи се зад процедурата за консензус, не само што толерира туку и самата активно прави тешко прекршување на универзалното право и поредок. Таа де јуре дозволува простор на своја земја-членка – Бугарија, директно да го прекрши Договорот за пристапување во Унијата и за тоа да не сноси никакви последици, а самата Унија да се амнестира себеси од овозможување на градењето (и де факто и де јуре) нихилистички односи специјално кон нација и држава што се надвор од Унијата, имено кон Македонија. Генерализирано, пак, како однос, тоа всушност прави проекција дека таквите односи можат да ги практикуваат и сите членки на Унијата, вклучувајќи ја и самата ЕУ.
Тоа е тежок пораз и за ЕУ, и за меѓународното право и за меѓународната демократија воопшто.

Бугарија го погазува и Договорот за пристапување во ЕУ

Во мислењето на Европската комисија од 22 февруари 2005 година за апликацијата на Бугарија за членство во ЕУ, се наведува дека eдна од целите на Унијата е да ја продлабочи солидарноста меѓу нејзините народи, почитувајќи ги историјата, нивната култура и нивните традиции. Бугарија е потписник на Документот за пристапување во ЕУ, во кој се согласува дека ќе ги почитува европските принципи, но очигледно токму овој член флагрантно го прекршува во случајот со Македонија.
Покрај тоа (мала дигресија, но води кон иста поента), вредно е да се спомене дека и Бугарија и Грција како земји-членки на ЕУ не се потписнички на Декларацијата за малцински права и упорно одбиваат да го сторат тоа, без притоа да бидат сериозно укорени или казнети од Унијата.
Натаму, Македонија своевремено доби правосилна пресуда од Меѓународниот суд на правдата за исправноста на својата позиција во врска со спорот за името со Грција, но ЕУ и тогаш се оглуши на почитувањето на правото и застана во одбрана на своите членки, флагрантно погазувајќи го меѓународното право, а со тоа и основното право на народите за самоопределување. Па, според тоа, каде всушност оди Унијата и кого штити таа во „клуб на привилегираните“? Правдата, правото и демократијата или самоволието на своите членки и своите себични интереси, кои отстапуваат од апсолутното право?

ЕУ се води само од интереси

Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, смета дека она од што се води Европа се пред сè интересите, а принципите се во некој втор план.
– Иако Европа (ЕУ) нè учи на вредности и принципи, веќе ја научивме и врз својот пример (и почувствувавме на своја кожа) старата мудрост, дека во политиката примарни се интересите (а не принципите) на државите. Исто така и дека има „принципи и принципи“, односно некои правила имаат предност над некои други (како во нашиот случај – правото на вето на која било членка за прашањата на проширувањето). Во таа смисла, не вреди веќе многу да се расправаме и повикуваме на правото и правдата (иако и ЕУ е најгласна во промоција токму на тие прашања кај нас), сосема свесни дека тие (а и други, како правото на самоопределување или начелото на недискриминација) се прекршија и со долгогодишната блокада од Грција, како и со самиот Преспански договор, а еве сега и со застојот со Бугарија – посочува Кржаловски.
Тој ја наметнува дилемата што треба да ги даде одговорите во некоја подалечна историска перспектива за што, всушност, се бореле македонските политичари.
– За историјата останува само дебатата/дилемата, дали нашите политичари всушност се бореа за интересите на Македонија кога се склучуваа договорите со Грција и со Бугарија… или долгорочно (особено ако не станеме членка на ЕУ подолго време) ќе се покаже дека не било така, односно нашите интереси не се одбранети – вели Кржаловски.
За него симптоматично е дали се работи само за една членка на ЕУ што нè блокира или е сепак малку повеќе координирана акција, со оглед на тоа што веќе три различни земји нè блокираа во одредени моменти (Грција, Франција и Бугарија).
– Не е исклучено дека и други земји се задоволни со нашето држење настрана, иако декларативно – сега сите (освен Бугарија) велат дека треба да ги почнеме преговорите. Но сѐ додека има една да блокира… другите не мора да се покажуваат. Можеби и никогаш нема да дознаеме колку и кои сè земји всушност биле против наше придружување на Унијата… А ако навистина не ги започнеме преговорите и оваа година (а се чини дека така ќе биде), ќе стане и беспредметно (а и небитно) дали и кој сè е против наше членство во ЕУ. За жал, да, сето тоа е прекршување токму на тие европски вредности…, кои ЕУ толку силно ги промовира – констатира првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски.

Грешките на македонските политичари ја „легализираа“ европската позиција

За професорот по меѓународно право на Универзитетот во Белград, Игор Јанев, односот на Европа во врска со бугарската блокада воопшто не е за изненадување, бидејќи тој одамна во своите анализи и аргументации, во јавноста елаборирал за двојната ролја на меѓународната заедница и за нивните интереси, кои многу често се и над меѓународното право.
Но тој во свој стил, аргументирано и категорично обрнува внимание на уште еден битен момент, а тоа е всушност и „вината“ што ја сносат самите македонски власти, кои од некоја причина (дефицит на знаења, вештини, искуство или нешто друго) погрешиле во чекорите на патот кон меѓународно признавање и меѓународни интеграции.
– Македонија погреши во моментот кога го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Во тој момент ние признавме дека имаме спор со соседната земја и Софија доби правна основа да го прави ова што денес ни го прави. Со тој фамозен договор ние признавме дека имаме заедничка историја, култура, јазик – вели професорот Јанев.
Во свој вообичаен стил, професорот истакнува дека со потпишувањето на договорот, Македонија признала дека има правен спор со Бугарија и со тоа се откажала од правото на самоопределување и затоа сега не може да се повикува на тоа право во случајот со бугарската блокада, а ЕУ во сето тоа ја поддржува оти не сака спорови внатре.

– Во ЕУ постои политика: конфликти да не се увезуваат. Бидејќи за ЕУ се важни само договорите, таа во договорот потпишан меѓу Бугарија и Македонија гледа прифатени обврски од двете страни и бара да се испочитува тоа. Оваа година бугарските услови станаа истовремено и услови на ЕУ, токму поради фактот што Европа не сака да увезува спорови. Тоа се случи со португалското претседателство. Но од овој договор со Бугарија произлегува дека ние не можеме да се повикуваме на немешање во внатрешните работи, суверенитетот и самоопределувањето, бидејќи самите се откажавме од основните принципи на меѓународното право со Договорот за пријателство и добрососедство. Во него се става на маса заедничка историја, што подразбира заедничка национална култура и јазик. Односно сè национално – потенцира професорот Јанев.
Од таа перспектива, тој го објаснува однесувањето на официјален Брисел, за кого исполнувањето на точките од договорот стана услов за почеток на пристапните преговори, без можност Македонија да се повикува на правото на самоопределување бидејќи самата си наметнала обврски.
– Ако сакаме да ја решиме оваа ситуација, прво мора да се раскине договорот со Бугарија. Дури потоа можеме да се повикуваме на меѓународното право, односно на правото на самоопределување, суверена еднаквост, политичка независност, немешање во внатрешната јурисдикција, недискриминација и забрана за асимилација (етноцид) – категоричен е Јанев.


САД преземаат иницијатива за одблокирање, но прашање е врз основа на кој принцип го градат ставот

Додека ЕУ ја игра својата улога на нем посматрач на прекршувањето на меѓународното право од страна на своја земја-членка кон Македонија, се чини дека САД ја преземаат во свои раце работата околу одблокирањето на македонските евроинтеграции.
Имено, САД го зголемуваат притисокот врз Бугарија, барајќи од неа да се откаже од ветото за интеграција на Македонија во ЕУ и брзо да ја одобри преговарачката рамка за членство на Скопје во Унијата, пишува магазинот „Еурактив“.
– Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Тие го претвораат ова во мултилатерално прашање што нè засега сите нас – порача американскиот заменик-помошник секретар за европски и евроазиски работи и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, за Радио Слободна Европа, апелирајќи Скопје и Софија што поскоро да изнајдат компромис.
Некои од бугарските политичари ваквата изјава на Ескобар ја протолкуваа како засилен притисок од страна на САД врз Бугарија за да попушти во спорот со Македонија.