Најновото истражување на невладината организација Центар за граѓански комуникации, поврзано со наплатата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година, покажало дека Општина Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имот, иако секој патник намерник што ќе прошета низ овој дел на Скопје и самиот ќе може да се увери дека зад високите бетонски огради се кријат и луксузни куќи на неколку ката, вредни неколку стотици илјади евра
Недоследност во плаќањето и наплаќањето даноциn во делови од земјата
Ниту централната, ниту локалната власт, ако сакаме да има владеење на правото, не смее да ги спроведуваат законите селективно или да им овозможуваат преференцијален статус на поединци или на групи граѓани. Но овој принцип се претвора веќе во излитена флоскула ако се земе фактот дека во јавноста сѐ повеќе излегуваат флагрантни примери спротивни на утврдените позитивноправни норми и процедури. Последниот пример со ненаплаќањето на данокот на имот од страна на локалната власт во Арачиново не само што е потврда на гореспоменатата констатација туку и многу повеќе од тоа. Имено, спиралата на невладеењето на правото во Арачиново причинува централната власт да биде „обвинета“ дека игнорирајќи ја оваа појава ги дискриминира повеќето од македонските граѓани, толерирајќи и на некој начин стимулирајќи нелојалност на дел од населението што живее во Македонија. Слични индикатори за однесувањето на локалната власт, според истражувачи на оваа појава, постојат и во западните општини во државава.
Во администрацијата на Арачиново сите „глуви и слепи“?
Најновото истражување на невладината организација Центар за граѓански комуникации, поврзано со наплатата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година, покажало дека Општина Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имот, иако секој патник намерник што ќе прошета низ овој дел на Скопје и самиот ќе може да се увери дека зад високите бетонски огради се кријат и луксузни куќи на неколку ката, вредни неколку стотици илјади евра. Згора на тоа, минатата година Владата ја награди оваа општина со 500.000 евра неповратна помош, со образложение за справување со последиците од ковид-кризата, иако сите општини во земјава се еднакво погодени и имаат потреба од помош.
„Нова Македонија“ се обиде да стапи во контакт со надлежните во оваа општина и добие одговор на прашањето зошто не се собира данок на имот, но никој не одговараше на телефонските повици, а не беше можно ниту да се испрати електронска порака бидејќи општинската веб-страницата не функционираше. Претходно од оваа општина причините за несобирање данок ги лоцираа во немањето база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение, иако на секои избори токму во Арачиново има добра „база со податоци“ на гласачите.
Тезите што се шират по социјалните мрежи од типот дека не се плаќаат даноци оти општината не им обезбедила никакви инфраструктурни услови на граѓаните и дека намерно се прави нечие етничко жигосување не држат, бидејќи има општини низ земјава со многу полоша инфраструктура, па и покрај тоа луѓето редовно си ги плаќаат давачките кон државата.
Од ЗЕЛС сметаат дека постои проблем и дека треба да се решава на централно ниво
Дека државата треба да направи сѐ за да не се добие впечаток дека поединци, групи граѓани или одредени компании имаат привилегиран статус, со истражувањето се прикажани споредбените податоци од други општини во Западна Македонија, наспроти општини во централниот и источниот дел на земјава.
Колку за илустрација, во Тетово само половично е наплатен данокот, односно 55 отсто, во Липково 51 отсто, во Врапчиште 46 отсто, во Желино 42 отсто, во Гостивар 40 отсто, во Центар Жупа 36 отсто, во Долнени 34 отсто, Студеничани 32 отсто и Маврово и Ростуше 27 отсто. Од друга страна, најголема наплата на даноци има во Македонски Брод, Ѓорче Петров и Велес со 97 отсто, Зрновци, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица, Илинден со 96 отсто, како и Кавадарци и Аеродром со 95 отсто.
Овие податоци се најдобар показател дека во општините каде што албанската етничка заедница е мнозинство „се толерира неплаќање даноци, додека во преостанатиот дел на земјата се оди и дури до 100-отстотна наплата“
Од Заедницата на единиците на локалната самоуправа посочуваат дека проблемот треба да се решава на централно ниво.
– Ние немаме надлежност и никаква контрола околу собирањето на даноците по општините, туку нашата улога е само лобирање и застапување во име на општините. Одговорите треба да се бараат на централно ниво – кратко појасни Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС.
Од Владата посочуваат дека секоја општина е надлежна за собирањето даноци и дека „успешната наплата ќе биде услов и за редовни државни средства и за помош за неразвиени области“.
Мини-анкета за мислењето на граѓаните за оваа појава
И додека сите ја префрлаат одговорноста на друга адреса, граѓаните што ги анкетиравме се револтирани и велат дека ова е процес што не е од вчера, туку трае многу подолго.
– Па и врапчињата на гранка знаеја дека во Арачиново ништо не се плаќа. Имам пријател инкасатор што со факти ми докажа дека ниту саатите за струја можеле да ги читаат таму, ниту, пак, некого да исклучат. Сега дури и државата ги награди и со половина милион евра, а нас ќе ни стигаат сметки за струја по 10.000 денари – раскажува Коста Димчевски, просветен работник во пензија.
Според него, државата како да ја штити албанската заедница во земјава само затоа што тие со своите радикални ставови и барања постојано ги држат во заложништво државата, мирот и стабилноста, функционалноста и унитарниот карактер, а „за мир во куќа“ ние постојано правиме отстапки…
– Постојано се бараат некакви права, те двојазичност, те пресудите не чинеле, сега етнички лични карти, а за возврат истите тие граѓани со ништо не ѝ враќаат на државата. Еве, се виде дека не плаќаат даноци, градат дивоградби кај ќе стигнат и државата ги толерира оти во секоја досегашна влада седи понекоја албанска партија што испорачува уцени од кои зависи дали таа влада ќе опстои. Јас лично како граѓанин се чувствувам дискриминиран од својата држава и нема што повеќе да додадам – револтирано вели Димчевски.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека државата треба да преземе мерки против Општина Арачиново.
– Сè додека Општина Арачиново не изработи база на податоци на даночни обврзници треба да ѝ бидат суспендирани правата, да биде ставена под надзор на државата и да нема право на помош и располагање со какви било средства. Така се прави во демократските држави – појаснува Најчевска.
Аналитичарот Синиша Пекевски по малку сатирично и иронично вели дека во Македонија повеќето од населението се граѓани од втор ред: оние лојалните што ги почитуваат законите, плаќаат даноци и сметки иако се мнозинство, се потиснати како дискриминирани граѓани и од втор ред. Наспроти тоа, оние што се нелојални и не ја почитуваат државата, не плаќаат даноци и се ослободуваат од разни давачки се граѓани од прв ред. Но среќа што се малцинство, а жално е што се од една малцинска заедница што претендира да биде „државотворна“, но како кога не ја почитува сопствената држава.
Според него, со строго почитување на законите секоја општина може да го наплати данокот од граѓаните ако сака, а за нерентабилните општини постојат решенија.
– Треба да се поддржуваат општините што не се рентабилни и за тоа постојат повеќе опции. Првата опција е да се намалат бројот на општини и тие да се спојат со други локални самоуправи со што би имале повеќе приходи и подобро менаџирање. Вториот пристап е доколку веќе самостојно постојат овие општини, државата да ги помага, но истовремено и да ги контролира на што ги трошат парите, а не вака како што сега се навикнати да цедат државни пари – нагласува Пекевски.
Заев: Во Арачиново има многу насилство кога се бара да се наплати данокот на имот
Премиерот Зоран Заев смета дека во Арачиново многу малку се плаќа данок и дека е потребно и таму да се почитуваат редот и поредокот.
– Се плаќа, ама многу малку. Таму има многу често изрази на насилство кога се бара да се наплати данокот на имот и треба да се стават ред и поредок. Тоа е изворен приход на општината и треба да го направи тоа. Општина Арачиново никогаш не се развивала како што се развива од 2017 година наваму. Но ќе кажам под наводници, со државни пари. Се решаваат историски прашања, школи се реновираат, општинска зграда се гради, се гради канализација, се изгради резервоар во едно од селата во општините, се прават улици, улично осветлување – рече Заев.
Тој упати апел до сите граѓани да си ги плаќаат давачките кон општините.