Здравствените власти смируваат дека државата има капацитет да се справи и дека на секој пациент ќе му биде дадена медицинска помош. Колку се долгорочни ваквите проекции на надлежните и какви се реалните состојби на терен?

Болниците се полнат по страотниот налет на короната

Ќе го издржи ли македонскиот здравствен систем напливот од вториот бран на новозаразени од ковид-19? Секојдневно има сѐ повеќе хоспитализирани пациенти низ болниците во земјава. Речиси се исполнети капацитетите низ инфективните одделенија низ болниците на државата, како и тие во градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Од друга страна, пак, расте бројот на медицински лица што се заразени или се во самоизолација. Проблемот дополнително го отежнува тоа што лекарите и медицинарите веќе четири месеци интензивно работат и веќе се изморени.
По првиот бран, државата успеа да го амортизира ударот и да спречи полнење на болниците, но овој втор бран, кој се појави брзо, е нов предизвик за нив. Веќе е активирана и монтажната болница во Клиничкиот центар во Скопје.
Медицински персонал од внатрешноста на државата веќе доаѓа на помош во Скопје да ги замени своите колеги.

За да се амортизира ударот, Министерството за здравство одлучи приватните болници да сместуваат и да се лекуваат пациенти заразени од ковид-19. Тоа е уште еден предизвик на здравствениот систем зашто тоа финансиски ќе го оптовари, бидејќи тие лекувања некој ќе треба да ги плати, а засега нема процена во колкав обем ќе бидат и колку време ќе траат, со оглед на тоа што вирусот се враќа не само во Македонија туку и во целиот регион.
Здравствените власти смируваат дека досегашното искуство покажува дека државата има капацитет да се справи и дека на секој пациент ќе му биде дадена медицинска помош.

Каква е реалната состојба на терен?
Според последните податоци, на болничко лекување во сите ковид-центри во земјава има 337 лица.
Здравствените експерти бараат одговорност од граѓаните да ги почитуваат мерките, за да не се случи оптоварување на здравствениот систем, како што беше случајот со Италија.
Д-р Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести во Скопје, вчера изјави дека капацитетите на болницата во најголем број се исполнети, но тука се капацитетите на монтажната болница, каде што има вкупно 70 легла, распоредени во десетина соби. Таа е и тријажен центар, каде што докторите ќе ротираат.
– Имаме вкупно хоспитализирани 99 пациенти, а последни примени се 13 пациенти. Во монтажната болница има околу осум до девет примени пациенти -изјави директорката Стефановиќ од Инфективната клиника.
На таа клиника има и 27 медицински сестри, кои се дојдени од повеќе различни градови, кои им помагаат во борбата со вирусот.

Ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ е единствен во државата. Тука се хоспитализираат најтешко болните, исто како и на Инфективната клиника.
Пред неколку дена таму над 80 од вкупно 113 пациенти со ковид-19 беа ставени на кислородна поддршка. Ова е првпат во историјата на болницата откако е создадена како воена, толкав број пациенти да се ставени на кислород во исто време. Поради напливот од нови пациенти се отвораат нови оддели. Досега осум оддели се ставени на располагање на ковид-центарот. Од болниците од внатрешноста на располагање имаат 10 лекари и 16 медицински сестри.
Во однос на капацитетите во болниците, министерот Филипче неколкупати досега посочи дека има кревети и опрема, но упати и апел граѓаните да се однесуваат одговорно.

Пред неколку дена најави дека ќе се објавува список на имиња на оние што ќе бидат во самоизолација и дека тоа ќе се случи многу скоро, бидејќи како што посочи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) не може да постигне и не може да ги пронајде сите лица што треба да бидат во самоизолација, но и дека луѓето даваат погрешни адреси и телефони и инспекторите не можат да ги пронајдат за да им ги врачат решенијата за самоизолација.


Во „8 Септември“ слободни 150 кревети

Доктор Христијан Костов, директорот на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје вели дека засега во болницата има слободни 150 кревети.
– Иако имаме голем број пациенти, кои сме ги примиле поради компликации од ковид-19, засега има капацитет да го издржиме овој втор бран на новозаразени – посочува доктор Костов.
Инаку, според последните информации што ги потврди и министерот за здравство Венко Филипче, в понеделник ќе се состанат скопските градоначалници со Комисијата за заразни болести, за да се преземат повеќе мерки за спречување на ширењето на вирусот во главниот град.

[email protected]