Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева ќе им предложи на премиерите на Бугарија и Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев да биде свикана Меѓувладината комисија за спроведување на Договорот за добрососедство.
– Нашите забелешки не се само за историјата, туку и за напредокот на инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8. Секој што патува ја гледа состојбата на односите меѓу двете земји. Повеќе од година и пол чекаме на програмата за соработка од областа на културата и образованието, која ја испративме, но сè уште немаме одговор од нив. Само во областа на туризмот е постигнат напредок, но ова беше пред пандемијата на коронавирус. Овој напредок воопшто не е доволен – рече Захариева.
Бугарската министерка повторно ги повика македонските власти да се обидат да го спроведат Договорот со добра волја.
– Бугарија е крајно категорична. Ние сакаме да видиме во рамките на преговорите дека Договорот ќе се спроведе, дека нема никакви претензии за малцинствата во Македонија. Има над 15.000 антибугарски публикации. Не можеме да ги едуцираме генерациите да мразат. Не можеме да бидеме сојузници во НАТО и бугарските војницида се нарекуваат фашистички окупатори – додаде таа.
Захариева ги опиша како неосновани обвинувањата на македонскиот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров дека Бугарија го крши членот 2 од Договорот.
– Ги повикувам подобро да го прочитаат членот 2 од Договорот и тој го спроведува Бугарија. Во него се вели дека Бугарија ќе ја поддржи РС Македонија на евроатлантскиот пат, споделувајќи го своето искуство, но тоа не значи дека не можеме да имаме услови. Изјавата дека само Бугарија има тврдења против Македонија за исполнување на критериумите не е точна – рече таа.
Захариева порача дека никој нема да изврши притисок врз Бугарија.
– Мојата порака до Северна Македонија е да не се потпира дека некој ќе изврши притисок врз Бугарија да замижиме на неспроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство, што го потпишавме во 2017 година. Да се вратиме на тонот на добрососедството и спроведувањето на Договорот – рече таа.