Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со измените на законското решение за Законот за лична карта, тој се усогласува со Законот за употреба на јазиците и со уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор. Според наведеното во образложението на предлог-текстот, донесувањето на законот ќе имплицира ревидирање на подзаконскиот акт со кој се уредува образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот на водење евиденција за издадените лични карти, во насока на нивно усогласување со новиот закон за употреба на јазиците… Што точно произлегува од горенаведеното?

Изменувањето и дополнувањето
на Законот за лична карта како повод

Секој чекор преземен од државата за одредени измени и дополнувања во личните документи на граѓаните речиси никогаш не може да се сведе на техничко-административна корекција, туку најчесто претставува рефлексија на одредени притисоци за промени во политичката стварност. Таков е случајот и со најновите законски измени за изменување и дополнување на Законот за лична карта, кои веќе се во собраниска процедура. Со законските измени, личните карти што го содржат натписот „Република Македонија“, издадени до денот на почнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење што е наведен во личната карта, најдоцна до 12 февруари 2024 година.
Со измените, законското решение се усогласува со Законот за употреба на јазиците и со уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, односно во личните документи да стои новото уставно име на државата. Според наведеното во образложението на предлог-текстот, донесувањето на законот ќе имплицира ревидирање на подзаконскиот акт со кој се уредува образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот на водење евиденција за издадените лични карти, во насока на нивно усогласување со новиот закон за употреба на јазиците, како и нивно усогласување со уставниот амандман ХХХIII во однос на усогласување на називот на државата, како и усогласување со уставниот закон за спроведување на амандманите од ХХХIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија.

– Измените што се внесени во овој закон се однесуваат на можноста за граѓаните што не се Македонци а се повеќе од 20 отсто да може во личната карта податоците да бидат впишани по службена должност и на нивниот јазик. Исто така и на лицата што не се Македонци а се помалку од 20 отсто, по нивно барање, ќе може податоците да им бидат впишани и на јазикот на кој зборуваат – појасни Соња Мираковска, претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Со предложените измени за впишување по службена должност на податоците во личната карта на јазикот на граѓаните што не се Македонци а се повеќе од 20 отсто, се чини дека задоцнето се легализира практиката што и досега функционираше во средини каде што, пак, Македонците се помалку од 20 отсто. Таквата практика дури е толку унапредена во средините каде што Македонците не се во „пропишаниот процент“, што во подрачните единици на МВР се издаваат само двојазични документи, иако тоа не е по службена должност, ниту според досегашниот закон, ниту според предложениот, кој е во собраниска процедура.
Неодамна во интернет-медиумите беше објавен случајот со искуството на граѓанка од Тетово, од македонска етничка припадност, која во својата општина не можела да извади документ само на македонски јазик и за да добие таков документ морала да оди до Скопје. Во Тетово ѝ издавале само двојазичен документ, на македонски и на албански јазик, а на нејзиното упорно барање да ѝ биде издаден документ само на македонски јазик, за што има право, добила одговор дека Македонците во Тетово се под 20 отсто и не може да има еднојазичен документ. Станувало збор за барање за уверение за слободна брачна состојба, кое во Управата за матични книги во Тетово упорно одбивале да ѝ го издадат само на македонски јазик. Во подрачното одделение жалбата ѝ била одбиена, по што била принудена да замине во Скопје, каде што го извадила документот само на македонски јазик, што како на Македонка законски ѝ следува.

– Службен јазик на територијата на цела Македонија е македонскиот јазик, додека можноста документот да биде издаден на јазик на некое од малцинствата е лично право. Примарна обврска на подрачните единици на МВР и другите државни институции е документите да ги издаваат на македонски јазик, а двојазично (со соодветен втор јазик) по барање на граѓанинот, врз основа на неговото лично право. Но двојазичноста не мора да биде обврска за другите – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Според Тодор Петров, предложените законски измени за усогласување на личните документи со Законот за употреба на јазиците и со уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор претставуваат чекор понапред во реализирање на интенцијата за двојазичност, а како континуитет на тоа е процесот личните карти и пасошите во Македонија да бидат двојазични.
– Едно од главните цели на „непостојната“ тиранска платформа беше измена на членот 1, став 7 од македонскиот устав, со која се бараше македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и албанскиот јазик со неговото латинично писмо, да бидат официјални јазици во Македонија. Идејата за таква измена на Уставот не помина, поради неможноста да се собере двотретинско мнозинство во Собранието, но таа беше преточена во Законот за употреба на јазиците. Иако сега имаме една колизија и неусогласеност на Законот за употреба на јазиците и Уставот, се чини дека во практика напредува процесот на изнудено наметнување на двојазичноста во Македонија. Предложените измени за усогласување на личните документи со Законот за употреба на јазиците се уште еден чекор во реализација на таквите намери, иако во практиката и порано се надминуваа уставните и законските рамки на примената на овој закон, и тоа од високи претставници на власта, како претседателот на Собранието – заклучува Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.


Законот за државјанство влегува во Собранието со европско знаменце

Измените на Законот за државјанство и официјално поминаа на владина седница, потврдија од Владата. Овој пат измените ќе бидат доставени до Собранието како владин предлог со европско знаменце. Претходните предлагачи, опозициските партии од албанскиот блок, Алијанса за Албанците и Алтернатива, го повлекуваат својот предлог од собраниска процедура, а договорено е Владата да го предложи истиот текст. Политичките аналитичари проценуваат дека ваквиот маневар е направен за да пропаднат амандманите доставени за иницијатива на Алијанса за Албанците и Алтернатива, а со европското знаменце да се скрати процедурата и да се оневозможи блокада со нови амандмани. Официјалното објаснување од Владата е дека предлог-законот за измени на Законот за државјанство оди со европско знаменце затоа што во него се вградени одредбите од регулативата на ЕУ.
– Основна цел на овој предлог-закон е дорегулација на одредени прашања што во досегашната имплементација на Законот за државјанството се наметнаа како реални, за кои државата треба да најде законско решение со кое во претстојниот попис како најмасовна, најобемна и најскапа статистичка операција на официјалната статистика, според единиците што се опфаќаат, реално ќе се прикаже бројот на населението, домаќинствата и становите во државата – велат од Владата.

Всушност, со измените на Законот за државјанство треба да им се овозможи на лицата што не успеале да добијат македонско државјанство од независноста на Македонија (најмногу Албанци од Косово), а претходно ги испуштиле сите рокови и можности, да го сторат тоа докажувајќи го престојот во државава со документи од времето на поранешната држава Југославија. Во првичната иницијатива на Алијанса за Албанците и Алтернатива се предлагаше престојот и живеалиштето во Македонија да се докажуваат со тројца сведоци… Контроверзноста на предлозите за менување на Законот за државјанство што беа претходно изнесувани во јавноста и понатаму не се расчистени.
По објавувањето на владиниот предлог за измени на Законот за државјанство, пратениците на Левица најавија дека ќе предложат дополнување на Кривичниот законик, со вметнување ново кривично дело против службената положба „злоупотреба на европско знаменце во собраниска процедура“ со затворска казна од пет години.