Додека во Европската комисија најавуваат воведување нов сет законски мерки со кои значително ќе се зголеми нивото на безбедност и заштитата на свиркачите, во Македонија, како земја-кандидат за членство во Европската Унија, Законот за заштита на укажувачите, таканаречените свиркачи, според речиси неподеленото мислење на стручната јавност, сѐ уште има голем број недостатоци, поради што неговото спроведување е на незадоволително ниво
Европската комисија (ЕК) неодамна преку соопштение најави дека планира да воведе нов сет законски мерки со кои значително ќе се зголеми нивото на безбедност и заштитата на свиркачите. Според соопштението до јавноста на ЕК, новиот закон ќе овозможува поголемо ниво на безбедност на оние луѓе што ќе се осмелат да укажат на неправда и на нелегалните активности во државните и во јавните институции, но и во приватните фирми во кои работат. Македонија, како земја-кандидат за членство во Европската Унија, од ноември 2015 година, има Законот за заштита на укажувачите, таканаречените свиркачи. Законот неодамна беше изменет и во него беа вградени забелешките на Венецијанската комисија и на Европската комисија, но барем во јавноста досега не е регистрирано дека некој пријавил злоупотреби преку законски дефинираните канали. Стручната јавност во земјава во повеќе пригоди нагласуваше дека измените се добри, но не и доволни. Се посочуваше на неколку недоследности што би требало да се поправат, пред сѐ, на потребата да уживаат судска заштита и заштита од откривање на идентитетот кога ќе пријават случај за кој постои сомнение дека е повреден јавниот интерес.
Потврда за тоа може да се најде и во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата, која според законот е должнa до Собранието да достави годишен извештај за примени пријави од укажувачи. Во извештајот објавен лани, а во кој се анализира претходната година, комисијата наведува дека имплементацијата на законот е на незадоволително ниво. Тоа, според антикорупционерите, се должи пред сѐ на отсуство на изразена политичка волја за воспоставување на системот на заштита на укажувачите во јавниот и во приватниот сектор.
Инаку, во документот на ЕК доставен до медиумите се вели дека новиот закон ќе овозможи поголема заштита на свиркачите што пријавуваат нелегална активност и ова законско решение подобро ќе ги брани овие луѓе од одмазда, од отпуштање од работни места, од професионално деградирање во работните обврски и од прераспределба на нови, пониски работни позиции.
Веб-порталот „ЕУ-обзервер“ на оваа тема пишува дека ЕК со овој нов предлог-закон ги препознава позитивните вредности и активности на оние луѓе што ја загрозуваат сопствената безбедност за да пријават незаконски активности како на пример неодамнешните медиумски познатите случаи: „Панама пејперс“, „Луксембург ликс“ и „Кембриџ аналитика“.
– Многу скандали, кои се случија неодамна, немаше да бидат откриени ако инсајдери не собраа храброст да проговорат. Но, тие беа под огромен ризик. Затоа сакаме подобро да ги заштитиме свиркачите. За да може подобро да ја детектираме штетата врз јавниот интерес: измама, корупција, затајување данок или штета врз луѓето и животната средина – изјавил за медиумот Франс Тимерманс, заменик-претседател во Европската комисија.
Тој истакнал дека законот на ЕУ ќе мора да биде изгласан во парламентите на државите-членки со што тој ќе им помогне во заштита на свиркачите во повеќе области и тоа во пријавување активности за нелегални финансиски дејствувања, перење пари, нуклеарна безбедност, финансирање тероризам, заштита на животната средина, јавното здравје и деловното даночно и корпоративно дејствување.
– Не треба да има казна за оние луѓе што дејствуваат правилно и чесно, кои се извори на истражувачките новинари, кои помагаат да се осигури слободата на изразувањето и слободата на медиумите и кои ја заштитуваат Европа – рекол Тимерманс.
Високиот функционер на ЕК за медиумите во Брисел, напоменал дека со новиот закон државните администрации и медиумите ќе мораат да воведат известувачки механизми со кои ќе се заштитат укажувачите и ќе се спречи одмаздата врз нив.
Тимерманс додал дека во моментов само 10 ЕУ-држави ги исполнуваат комплетно сите предуслови за заштита на свиркачите, додека во остатокот од земјите во Унијата оваа заштита е фрагментирана и неизбалансирана.
Според претставници, пак, на организацијата „Трансперенси интернешнл“, овој предлог-законот доаѓа во вистинско време и со него треба да се изврши дополнителна заштита на укажувачите.
– Европската комисија испродуцира амбициозен предлог, кој дополнително треба да се надгради и осигури за да се заштитат свиркачите, без разлика кои се тие и каде работат – изјавил Николас Аиоса политичкиот офицер за Европа на „Трансперенси интернешнл“.
Според Аиоса, во моментов во ЕУ има држави како на пример Ирска каде што постојат добри закони за заштита на свиркачите, но има и такви како на пример Кипар каде што практично и не постојат законски рамки за оваа активност.