Премиерот Зоран Заев денеска на покана на премиерот Џузепе Конте ја посети Италија.
-Дозволете прво до граѓаните да се заблагодарам во името на нашиот македонски народ за ратификацијата на протоколот од НАТО којашто ја направивте преку вашиот парламент за што сме ви многу благодарни, ние ќе бидеме 30-та земја членка и преку тоа го зајакнуваме и нашето партнерство со Република Италија. Секако сакам да му се заблагодарам најмногу на премиерот Конте за поканата за денешната средба која доаѓа во момент кога ни треба поддршка на нашиот евро-атлантски пат. Голема благодарност и во име на граѓаните на Северна Македонија, до премиерот Конте за неговата голема и постојана поддршка за нашата интеграција во ЕУ. Тој тоа на дело го покажа на Европскиот совет на 17 и 18 октомври оваа година, а оваа средба докажува дека тој продолжува со искрените напори за донесување вистинска одлука во наредниот период за нашата земја. Ние тоа високо го цениме, а Италија и премиерот Конте ги сметаме за незаменливи партнери и пријатели на Република Северна Македонија и на целиот Западен Балкан – рече Заев.
Тој додаде дека по одлуката на Европскиот совет од овој месец, нашите граѓани почувствуваа разочараност и неправда. Ова чувство го сподели и речиси целата Европска Унија и нејзините држави членки. Многумина коментираа дека се случи историска грешка. Таа историска грешка има време и начин да се исправи во наредниот период и ние сме подготвени заедно со партнерите од ЕУ да работиме на тоа. Примарната цел на сите наши напори во реформите и во решавањето на споровите со соседите за градење добрососедски односи е да ја направиме нашата држава современа, просперитетна и европска демократија. Нашата цел е принципиелна и легитимна, сакаме јасна и неоспорена европска перспектива како идна држава членка на ЕУ, по исполнување на сите неопходни услови.
-Во овој момент, какви било алтернативни или експериментални идеи како евентуална замена за членството во ЕУ можат да бидат опасност за стабилноста и за напредокот на Западниот Балкан. Државите од Западен Балкан се опкружени од држави членки на ЕУ и ние сме внатре како остров во ЕУ, тие немаат друга подобра иднина освен членството и реинтеграција таму каде припаѓаме – во Европската Унија. Тоа го знаат и нашите граѓани кои во висок процент од 85% сакаат и очекуваат членство во ЕУ. Ние сме целосно согласни дека процесот на преговори треба да биде зајакнат, поефикасен, посуштински и да овозможува реверзибилност кога за тоа има потреба. Но исто така сме убедени дека процесот на реформи на методологијата за преговори и на иднината на ЕУ можат и мораат да течат паралелно со почетокот и текот на преговорите со Северна Македонија и другите држави во регионот. Најдобро за нас и најдобро за ЕУ е да има жив, активен процес кој ќе ни помогне во реформите кои и така сме решени да ги правиме во наш интерес.
Се надеваме дека дискусијата за новата методологија и за почеток на преговори со Северна Македонија до Самитот во Загреб следната година ќе се заокружи во интерес на сите – нагласи премиерот.
Заев ги истакна добрите билатерални односи помеѓу двете земји.
-Италија е наш стратешки партнер, голем пријател, имаме одлична трговска размена. Како што кажа и премиерот Конте, во 2018 имавме 650 милиони евра трговска размена која е за 13 отсто поголема од 2017, додека само првото полугодие на 2019 е 373 милиони евра, значи оваа година ќе имаме над 700 милиони евра трговска размена помеѓу нашите две земји. Сакам да ја искористам шансата да упатам порака до италијанските деловни луѓе, да ја чувствуваат Северна Македонија како своја земја, да дојдат, да инвестираат, да најдат начин да ги прошират бизнисите, тоа ќе е добро за италијанскиот народ, но секако и за македонскиот народ – рече Заев.