Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска во Брисел се сретна со комесарот за соседска политика на ЕУ и преговори за проширување Јоханес Хан, со што, како што соопшти владината прес-служба, практично започна подготовката за скенирање на состојбата на поглавјата што се нотирани заедно со датумот за преговори.
На средбата со Хан премиерот Заев беше придружуван од министрите зџа одбрана Радмила Шекеринска, за евроинтеграции Бујар Османи и за надворешни работи Никола Димитров.
На работната средба, како што се посочува во соопштението, беше разговарано и за предвидената серија чекори што претстојат во спроведувањето на договорот со Република Грција, но и за главните насоки за засилување на реформите во поглавјата што први ќе бидат отворени во јуни, идната година – владеењето на правото и правосудството и фундаменталните права.
– Двете делегации изразија уверување дека и понатаму останува искрениот и партнерски однос на Европската Комисија, и се договорија дека следува заеднички предлог за преговарачка рамка која реално ќе ги претстави состојбите во Република Македонија, и од која ќе произлезат насоките со најважните приоритети за реформите во наредниот период- се наведува во соопштението.
Тема на денешниот разговор, се додава, беше и отпочнувањето на воспоставување на преговарачката структура имајќи ги предвид компаративните искуства на државите кои преговараат или преговарале со ЕУ, нашиот домашен контекст, како и мислењето на ЕК.
На средбата, како што се посочува, беше констатирано дека овој процес треба да биде максимално инклузивен за да ги анимира сите структури во македонското општество за да се создадат најдобри тимови кои ќе работат на усогласување на поглавјата од европското „аки“.
– Заедничка порака од оваа средба е дека нема време за прослави и дека претстојат 365 работни дена за интензивна работа за да се оствари историската задача на успешни и брзи преговори за членство на Република Македонија во ЕУ, стои во соопштението од средбата на која владината делегација изразија благодарност до комесарот Хан, и до целата Европска Комисија, за поддршката и помошта во целиот период.