Премиерот, Зоран Заев, придружуван од министерката за правда, Рената Дескоска и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски денеска се сретна со делегација на Уставниот суд од Република Бугарија, предводена од претседателот Борис Велчев.
Од владината прес-служба соопштија дека возвратната посета на делегација од бугарскиот Уставен суд, по посетата на делегација од Уставниот суд на Република Северна Македонија, на Република Бугарија, е посочена како важна во делот на размената на позитивни искуства меѓу двата суда за местото и улогата на уставните судови во изградбата на демократски општества.
На состанокот било заеднички оценето дека е од исклучителна важност автономноста на Уставниот суд и на правосудството во изградбата правна држава и обезбедување владеење на правото.
-Од голема важност е улогата на Уставниот суд во заштитата на човековите права, како темелна уставна вредност, во развојот на демократските процеси и во почитувањето на законите од страна на сите во државата. Посветени сме на изградбата на правна држава и во таа насока сме поставени кон работата на Уставниот суд и во реформскиот процес којшто има за цел да обезбеди независен и професионален правосуден систем, рекол Заев.
На средбата било оценето дека договорот за добрососедство, пријателство и соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија отвори можности за уште поинтензивна соработка меѓу двете земи, во сите области. Исто така било изразено очекување дека по отворените НАТО интеграции, Република Северна Македонија ќе ги почне заслужените европски перспективи со скорешно добивање датум за почеток на преговорите, со што соработката ќе биде проширена и на европско ниво, покрај добрите билатерални односи.