Преспа станува синоним за успехот на дипломатијата и дијалогот во меѓународната политика, а за нас дома тоа е Договорот кој го потврди македонскиот идентитет, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
– Пред две години, на 17 јуни, на неколку километри од тука, на грчката страна на Преспа презедовме одговорност и напишавме историја. Наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање кое ја загрозува иднината на нашата држава. Ја презедовме одговорноста, го решивме спорот, постигнавме Договор со Грција. Наша одговорност и света должност беше да го зачуваме идентитетот македонски. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме – рече Заев.
Како што додаде, со договорот Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа.
Тој истакна дека Генералниот секретар на Обединети Нации, Гутереш, го вброил Преспанскиот Договор како едно од најголемите дипломатски постигнувања во целиот свет, а најголемите светски лидери ни оддадоа признание за консолидацијата на Балканот и за нашиот придонес за стабилноста и развојот на нашиот регион.
– Покажавме дипломатска доблест, храброст, достоинство и политички став. Денес сме горди на Илинден, на АСНОМ и на Референдумот од 1991 година, како најважни историски моменти од борбата за нашата независност и државност. Избравме самостојност, мир и стабилност. Избравме да бидеме дел од демократскиот свет за да создадеме можности за подобар живот за нашите деца. Како резултат на тоа, денес имаме горди граѓани и држава која е на вистинскиот пат – истакна Заев.