Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со делегација од Финска предводена од министерката за внатрешни работи, Марија Охисало, која е во посета на нашата земја и учествува на дводневниот Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан.
Заев на министерката Охисало ѝ изрази благодарност за поддршката на Финска, која во моментов претседава со Европската Унија и напорите кои оваа скандинавска земја ги прави за Македонија да добие датум за почеток на преговори.
-Владата е целосно посветена да ги иницира и практично ги спроведува сите процеси со цел воспоставување на владеењето на правото, демократијата, борбата против корупцијата и обезбедување стабилност и безбедност. Без почитување и применување на овие принципи е невозможно да се зборува за европска и евро-атлантска интеграција на нашата земја – посочи премиерот.
Тој подвлече дека реформите во земјата ќе продолжат и покрај тоа, како што рече, негативниот сигнал од ЕУ влијае врз внатрешните политички случувања во земјата и закажани се предвремени избори.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата станало збор и за новата методологија за преговори предложена од Франција, за која Македонија е подготвена активно да се вклучи во нејзиното донесување за да се забрза остварувањето на единствената перспектива за земјата – членство во Европската Унија.