Концептот „Парите кај граѓаните“ е концепт во кој силно веруваме и тоа ќе го покажеме во следниот мандат, парите уште повеќе ќе завршуваат кај граѓаните, рече во изјава претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
– До крајот на мандатот минималната плата ја креваме на 20.000 денари. Тоа е за дури 120% повеќе од минималната плата од 9.000 денари на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година – нагласи тој.
Како што рече Заев, со СДСМ платите во сите сектори ќе растат уште повеќе.
– Просечната плата до крајот на мандатот ќе ја кренеме на 34.000 денари. Истовремено со раст на платите ќе растат и пензиите. Најниските пензии ќе ги покачиме за најмалку 21% – порача претседателот на СДСМ.
Најави и дека проектот Мој ДДВ ќе продолжи и во следните 4 години.
– Прагот за месечен поврат на ДДВ го креваме од 600 на 800 денари месечно. Тоа значи 2.400 денари на квартално ниво, тоа значи 9.600 денари на годишно ниво. Тоа е приход плус во секое семејство, екстра пари кои ќе се вратат назад во економијата. Нудиме модел што ги штити работните места на граѓаните, генерира повисоки плати и подобри работни места и обезбедува повеќе пари во секое семејство – истакна Заев и повика на 15 јули оваа програма да добие силна поддршка бидејќи, како што кажа, обезбедува повеќе пари кај секој граѓанин.