Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
После средбата, Заев и Борел дадоа изјави при што македонскиот премиер кажа дека земјата е посветена на европските вредности и на спроведувањето на стандардите и критериумите на ЕУ.
– Веќе не сакаме да стоиме и да чекаме. Знаеме дека нема друг пат освен европскиот. Не бараме повеќе од она што сме заслужиле, а тоа е да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно побрзо. Уште во март 2020 беше потврдено дека Северна Македонија ги има исполнето своите обврски и сега е време ЕУ да испорача. Може ли да зборуваме за Западен Балкан без Северна Македонија? Може ли да зборуваме за Европа без Западен Балкан? Не – порача Заев додавајќи дека позитивен чекор напред за Македонија би претставувал охрабрувачка порака за целиот регион.
Борел пак истакна дека вчера со министрите за надворешни работи на земјите-членки разговарал за важноста на Западен Балкан.
– Министрите ја реафирмираа европската перспектива на целиот регион. Има многу силна поддршка што е можно побрзо да се одржи првата меѓувладина конференција за Северна Македонија – посочи високиот претставник за надворешна и безбедносна политика.