Колку е силно влијанието на украдените податоци, според познавачите, може да се заклучи од случајот од пред неколку години, кога со злоупотребата на личните податоци на околу 50 милиони корисници на Фејсбук од страна на компанијата „Кембриџ аналитика“, се влијаеше на изборната трка на најмоќната држава во светот, САД
ПО ОБЈАВАТА ДЕКА ИМ СЕ УКРАДЕНИ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ НА НАД ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА КОРИСНИЦИ НА ФЕЈСБУК
Со добивки од нелегални финансиски трансакции, зголемената популарност на интернет-страници, политички поени од разни кампањи…, сајбер-криминалците профитираат од украдените лични податоци на 533 милиони луѓе од 106 земји, кои биле корисници на услугите на социјалната мрежа Фејсбук. По објавата на веста за кражбата на личните податоци на над половина милијарда корисници на Фејсбук, експертите во земјава со кои се консултиравме велат дека меѓу украдените идентитети сигурно има и на лица од нашата држава така што, според нив, овие податоци потоа сигурно понатаму, во разни цели, ќе бидат користени од страна на криминалните структури.
Специјалистот за дигитализацијата и за новите медиуми, Бојан Кордалов, вели дека ѝ нема крај на креативноста на криминалците при злоупотреба на украдените лични податоци.
– Генерално, финансиската мотивација е главната причина поради која се крадат личните податоци на интернет-платформите и социјалните мрежи. Тие можат да бидат искористени за разни цели, почнувајќи од нивна употреба за да се подигне популарноста на некоја веб-страница, преку финансиски малверзации и трансакции, па сѐ до употреба на овие податоци во политички цели – вели Кордалов.
Експертот објаснува дека е многу тешко да се одгатне што ќе се случува со украдените податоци на над 500 милиони луѓе на Фејсбук, но не очекува оти тоа ќе биде нешто добро.
– Личните податоци на интернет не се само името, презимето и вашата електронска адреса, тука влегуваат и фотографиите, банкарските информации и слично, односно, секој најмал дел и сегмент на одредена личност што е на интернет и која користи услуги на одредени компании што дејствуваат на овие платформи. Оние што ги поседуваат социјалните мрежи, но и интернет-страниците каде што се користат голем број лични податоци на луѓето, знаат дека секако не смеат сите податоци да бидат јавни или, пак, јавно достапни, меѓутоа постојат голем број податоци, кои поради одредени пропусти или компјутерски напади протекуваат на интернет – вели Кордалов.
ИТ-експертот Димитар Димов објаснува дека украдените лични податоци на интернет се еквивалент на тоа некому да му бидат украдени личната карта, пасошот или банкарската платежна картичка.
Според Димов, личните податоци што се украдени се користат за измами ако се лажира идентитетот на интернет на некое лице, но и за разни напади, фишинг-хакирања и слично.
– Злоупотребите со личните податоци се различни и тие варираат во природата. Има случаи како оној со платформата за комуникација познат во јавноста како Јавна соба, каде што се злоупотребувале фотографии и лични видеа, па сѐ до случаи каде што личните податоци се користат за финансиски криминал во кој на домашната адреса на оној кому му се украдени податоците му стигнува долг што не го направил – вели Димов.
Колку е силно влијанието на украдените податоци, според Димов, може да се заклучи од оној случај од пред неколку години, кога со скандал со злоупотребата на личните податоци на околу 50 милиони корисници на Фејсбук од страна на компанијата „Кембриџ аналитика“, се влијаеше на изборната трка на најмоќната држава во светот, САД.
Маријана Марушиќ Кос, експертка за заштита на лични податоци и поранешна директорка на Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), во своја последна изјава на темава истакнува дека кај нас луѓето се освестуваат за злоупотреба на личните податоци дури откако ќе им се случи повреда на правото на нивната заштита.
– Животот се одвива на интернет и сето тоа не е наивно. Особено на младите, ним сѐ им е нормално. Сепак на крајот, сѐ се сведува на нашата свест. Затоа мора да мислиме на тоа кога се изложуваме на интернет – вели Марушиќ Кос, додавајќи дека треба да сме свесни оти се изложуваме јавно и треба да сме подготвени на сите последици.