Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, учествуваше на конференција посветена на 20 годишнината од потпишување на Варшавската декларација на меѓународната организација Заедница на демократии.
Настанот беше прва прилика каде Република Северна Македонија учествуваше како полноправна членка на Управниот одбор на Заедницата на организација, по пристапувањето на 25 ноември 2019 година. На настанот учествуваа и се обратија повеќе министри за надворешни работи, меѓу кои министрите за надворешни работи на Полска, Норвешка, Романија, Грузија, како и други високи претставници на земјите членки, меѓу кои и потпретседателката на ЕК, Вера Јурова, заменикот државен секретар на САД, Стефан Биеган, поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, а се разговараше за глобалната состојба на демократијата во време на светската пандемија предизвикана од вирусот ковид-19.
Во своето обраќање, Жерновски се осврна на значењето на Варшавската декларација дваесет години подоцна.
– Република Северна Македонија, направи значајни чекори што ја вратија на демократскиот курс и што доведоа до забрзување на процесот на евро-атланска интеграција на земјата. Ние ги презедовме сите потребни мерки и активности и во време на вонредна состојба за почитување на човековите права и демократијата со инклузивен пристап кон сите општествени категории. Парламентарните избори, кои ќе се одржат на 15 јули оваа година, ќе бидат во согласност со сите здравствени протоколи, ќе доведат до формирање на политичка влада со целосен мандат и функционални институции, кои ќе го продолжат демократскиот и реформски курс на земјата – рече Жерновски.
На конференцијата се усвои и Заедничка изјава на сите учеснички, за значењето на Варшавската декларација и потребата од преиспитување на постојните демократски практики и почитувањето на човековите права во вонредни услови.