Секогаш е задоволство кога разговарам со студенти, а тоа го правам често изминатиов период бидејќи патувам низ државата во која ги слушам нивните размислувања и ставови, по кои дискутираме на теми поврзани со Европската Унија и придобивките од неа за земјата и за нашата заедничка иднина. Со овие зборови шефот на Делегацијата на Европската Унија во државата, Самуел Жбогар, вчера го најави своето предавање на Факултетот за безбедност – Скопје, во рамките на Дипломатскиот форум на факултетот.

– Особено сум среќен што присуствувам на Факултетот за безбедност – Скопје, во рамките на Дипломатскиот форум на факултетот. Во тој контекст мораме да разбереме дека темите поврзани со безбедноста и мирот се едни од главните вредности и приоритети за Европската Унија, која се обидува овие работи да ги осигури за своите граѓани. Мирот е токму причината поради која ЕУ беше составена и оформена пред повеќе од 60 години. Овој состанок со студентите е почеток на прославите поврзани со ЕУ, кои ќе кулминираат на 9 мај бидејќи сум тука оваа дебата да ја спроведам со студентите – рече Жбогар.

На предавањето пред студентите на Факултетот за безбедност, Жбогар се осврна на историјатот на ЕУ, во кој Унијата започна како мировен проект по разурнувачките конфликти, за да ги зближи народите и земјите да не војуваат повторно меѓу себе.
За Жбогар најголем предизвик со кој ЕУ сега се соочува е појавата на национализмот и движењата против ЕУ.

– Најголем предизвик е граѓаните да се уверат дека интегрирана Европа не е закана за националниот суверенитет. Тоа особено дојде до израз по имиграциската криза. Со овој предизвик сфаќаме дека Европската Унија не може да се земе здраво за готово – истакна Жбогар, додавајќи дека оттука е големо значењето на претстојните избори за Европскиот парламент.

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, порача дека предавањето на Жбогар на факултетот е значајно, особено како што рече, „сега кога сме во фаза на сериозни реформи, и подготовка на нашето општество за почеток на преговорите со ЕУ, да можеме на младите да им дадеме што поширок поглед во однос на тоа зошто е важно овој пат да биде засилен во нашето општество“.

Исто така, според организаторите, целта на предавањето е преку дискусија на актуелни теми што се важни за европските интеграции да се нагласи значењето на периодот на целосна стабилизација на безбедноста во земјава, нејзиниот развој и соработка, очекувањето земјата да ги започне преговорите со ЕУ, како и за предизвиците во регионот.


Членството во НАТО и безбедноста на регионот

Македонското членство во НАТО, вчера беше доста коментирана тема во земјава и надвор од неа.
Така, рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чижов за медиумите изјави дека проширувањето на НАТО со Македонија ќе го дестабилизира Балканот и ќе значи ризик за безбедноста за Европа. На оваа констатација возврати деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски, кој рече дека проширувањето на НАТО со Северна Македонија воопшто не значи ризик за безбедноста.
– Напротив, ќе значи дополнителна стабилност за целиот регион и за нашата држава и за сите други држави во регионот, затоа што со нашето членство во НАТО ќе се заокружи еден долготраен процес што ќе им овозможи и на земјите-членки на НАТО и на сите во регионот да се посветат на други прашања – оцени Дујовски.

[email protected]