Европската Унија треба што е можно поскоро да ги прими во членство земјите од Западен Балкан, смета поранешниот австриски вицеканцелар Ерхард Бусек.
Според него, членството на западнобалканските држави во ЕУ нема алтернатива.
– Приемот треба да се спроведе за да стане Европа компактна во светски рамки во услови на глобализација. Не можеме да си дозволиме да се откажеме од делови на Европа – изјави Бусек, кој е и поранешен специјален координатор на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.
Во изјава за „Танјуг“, Бусек вели дека само прашање на време е за колку брзо и под кои услови ќе следува приемот на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
– Членките на ЕУ треба што поскоро да решат да го примат Балканот во свое членство – нагласи Бусек.
Според него, некои земји што сега се членки на Унијата во времето на прием не ги исполнувале условите што сега се бараат од државите од Западен Балкан, па затоа нема смисла да се одолжува процесот на проширување на ЕУ.
Претходно и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека ЕУ треба да прими нови членки од Западен Балкан, за да се избегне ризик за нова војна во регионот.
– Ако не се отвориме за државите од регионот, кој е многу сложен и трагичен, и ако не им дадеме европска перспектива, ризикуваме нова војна како што видовме во 1990-тите години – изјави Јункер.