Европратениците ги усвоија двата амандмани кои бараат од Унгарија да го екстрадира експремиерот Никола Груевски во Македонија.
Групите на Социјалдемократите и на Зелените пред неколку дена поднесоа одделни амандмани на оваа тема, но се стравуваше дека оној на Зелените нема да помине поради поостриот речник.
Амандманот поднесен од европратеничката на Зелените, Јудит Саргентини освен што бара екстрадиција, гласи и дека Груевски побегнал од Македонија со дипломатска помош од Унгарија за да избегне затворска казна и го смета овој потег како мешање во внатрешните работи на Македонија, како и чин на презир кон судството и владеењето на правото во земјата.
Социјалдемократите поднесоа два амандмани за азилот на Груевски, и двата беа усвоени денеска. Со овие амандмани, Европскиот парламент става на знаење дека Никола Груевски добил “транспарентен судски процес“ потврден од повеќе судски инстанци и потсетува дека тој е инволвиран во дополнителни пет кривични истраги.
Европскиот парламент ги отфрли сите грчки амандмани, вклучително и оние кои бараа да се избрише зборот “македонски“ од извештајот, како и амандманот на грчка пратеничка која бараше во резолуцијата за Македонија да се вклучи ниската излезност на референдумот.
Усвоен е и амандманот на групата на Зелените за загрозувањето на животната средина преку одредени инфраструктурни проекти.
Европскиот парламент бара да се суспендираат проектите во Националниот парк Маврово додека не биде комплетирана “Стратешка проценка за животната средина“ во целосна согласност со европското законодавство за животна средина.
Резолуцијата на известувачот Иво Вајгл беше усвоена со 470 гласови за и 116 против.