Источните вакцини ќе го нарушат „здравствениот суверенитет“ на Европа. Тоа е ставот на европската влада (Европската комисија), која водена од амбициите за зголемување на овластувањата, себично го погази и сопствениот принцип на солидарност, кој се смета за темел на европското семејство, во време кога требаше да дојде до израз. Од членките, пак, се бараше да покажат заедништво, дури и кога беше забележливо дека кампањата за имунизација на ЕУ не се одвива според очекувањата. А во таквата ситуација страдаа и државите-кандидати за влез во ЕУ, меѓу кои е и Македонија, откако навидум беа принудени да избираат помеѓу евроинтеграциите и набавката на вакцини што не се одобрени од Унијата
Чисто политички причини за
недостигот од вакцини во ЕУ
Европската Унија (ЕУ) го стави задржувањето на „здравствениот суверенитет“ пред „грижата за здравјето на населението“ на Стариот Континент, кога ги означи руските и кинеските вакцини како најголема закана за нејзините амбиции, со што процесот за имунизација, кој се смета за клучен во борбата против коронавирусот, го претвори во геополитичка пресметка. Европската комисија, водена од амбициите за зголемување на овластувањата, себично го погази и сопствениот принцип на солидарност, кој треба да претставува темел на европското семејство. Од земјите-членки, пак, се бараше да покажат заедништво, дури и кога беше забележливо дека кампањата за имунизација на ЕУ не се одвива според очекувањата. А во таквата ситуација страдаа и државите-кандидати за влез во ЕУ, меѓу кои е и Македонија, откако навидум беа принудени да избираат помеѓу евроинтеграциите и набавката на вакцини што не се одобрени од Унијата.
Така, голем број држави останаа без вакцини во екот на пандемијата, а на виделина излезе немоќта на бирократската структура на ЕУ. Токму затоа, Унгарија и Словачка решија да склучат зделки за набавка на вакцините надвор од кампањата на ЕУ, додека Австрија изрази желба за купување на руската вакцина „Спутник“. Германија и Италија, пак, се меѓу државите што планираат да ја произведуваат руската вакцина. Ваквата практика не би требало да претставува проблем во пандемијата кога се бара спас од пандемијата, но вакцините всушност станаа политичко средство, без разлика дали станува збор за трката за нивен развој, борбата за набавка, за брзината на процесот за имунизација, па дури и кога се во прашање донациите.
Кризата поттикна и нови европски здравствени политики
ЕУ презеде позначајна улога во залагањето за европска здравствена агенда дури кога се соочи со незапамтена здравствена криза, по бавната реакција на почетокот на пандемијата. Набргу потоа излегоа на виделина и големите разлики во капацитетите на здравствените системи на земјите-членки на ЕУ, како и спротивставените мислења во европскиот блок за потребата за заедничка европска здравствена политика.Здравството, на ниво на ЕУ, сега е основен елемент за европската безбедност. Но тоа е и област во која на ЕУ ѝ недостига стратегиска автономија. А за да ја постигне, Унијата дејствуваше на повеќе нивоа, во кои спаѓаат создавањето стратегиски резерви, диверзификација на синџирите на снабдување, засилување на заштитата на инвестициите во стартап-компаниите, инвестирање во истражувачки дејности и координација на мултилатералните форуми. Накратко, на Унијата ѝ беше потребно да ја ограничи зависноста од трети држави, особено од оние што ги смета за геополитички ривали.
Во таа насока, Европската комисија го презеде водството во кампањата за заедничка набавка на вакцините. Процесот се одвиваше бавно, па дел од членките на ЕУ одлучија сами да набавуваат вакцини, со што се смета дека го подриваат заедничкиот пристап на ЕУ. Унгарија и Словачка набргу потоа ја набавија руската вакцина (во Словачка беше предизвикан скандал што доведе до оставка на премиерот Игор Матович), а Австрија исто така изрази желба за купување на „Спутник“. Унгарија исто така ја употребува и кинеската вакцина на „Синофарм“ за имунизација. Овие одлуки се сметаат за проблематични од страна на Брисел, бидејќи вакцината „Спутник“ не е одобрена од Европската медицинска агенција (ЕМА). А во Унијата постои и загриженост за тоа како Русија би можела да ја искористи предноста стекната со вакцините за дополнително да го подрие заедништвото на ЕУ, додека Брисел се мачи да воспостави разбирање со Москва. Вакцинацијата претставува трка со времето, но ЕУ смета дека довербата во вакцините исто така е од критично значење, како што може да се забележи и според примерот со „Астра Зенека“. ЕУ затоа нагласува дека „Спутник“ треба прво да добие одобрување од ЕМА, пред да ја купи која било членка.
Овластувањата на ЕУ се зголемија, иако засега се неформални
Се смета дека Европската Унија во иднина треба да инвестира во капацитети за производство на сопствена вакцина. Преместувањето на дел од фармацевтската индустрија во ЕУ би било едно од средствата на располагање на Европската комисија. Таа би требало да одлучи кои држави ќе бидат вклучени во процесот за синџирите за снабдување да можат да достигнат и до периферијата на ЕУ, односно до Балканот или Северна Африка. Би била потребна диверзификација, што ќе зависи и од изборот на партнери за соработка. Одлуките за заштита и ширење на синџирите за набавка на лекови на ЕУ претставуваат дел од напорите за засилување на стратегиската автономија во здравството.
Овластувањата на ЕУ во здравството забележаа голем напредок, иако се неформални. За да се формализираат, потребен е официјален договор. Но ЕУ сега е платформа за одлучувањето за процесот на имунизација, за создавање стратегиски резерви на лекови и медицинска опрема и за спроведување истражувања. ЕУ во иднина ќе бара поголема транспарентност и отворена комуникација за здравствената политика – достапност на вакцините за европското население, попрецизен распоред за одвивањето на кампањите за вакцинација во сите 27 членки, што би требало да доведе до целта за вакцинација од 70 отсто на граѓаните на Унијата, како и за појасно избирање на партнерите на ЕУ за стратегиското планирање на здравството. Подобрувањето на здравствената автономија на ЕУ ќе биде тековен процес за кој е потребно уште многу работа, но се поставува прашањето по која цена Брисел ќе ги исполнува своите амбиции, додека е загрозено здравјето на граѓаните на Унијата.
Македонија (не) требаше да чека помош од Унијата
Поучена од претходните искуства и изневерените очекувања, Македонија веројатно не требаше да чека помош од ЕУ, туку самата да работи на обезбедување вакцини. Од политиките на ЕУ може само да се заклучи дека секоја држава треба сама да се грижи за себе, односно да не се надева на подадена рака од Унијата, дури и во кризна ситуација каква што е пандемијата. Пораките на водечките политичари од Брисел, кои упорно тврдеа дека се прават напори за обезбедување дополнителни вакцини за Западен Балкан, дека се забрзува процесот за снабдување, како и оти регионот ќе биде изземен од ограничувањата за извоз на вакцини, не значат многу во ситуација кога дозите потребни за процесот на имунизација не доаѓаат.
Наместо да размислуваат за добивањето датум за почеток на пристапните преговори, водечките македонски политичари треба да се концентрираат на набавка на вакцините потребни за заштита на здравјето на своето население. Тој заклучок може да се извлече и од примерот на Србија, која успеа сама да обезбеди вакцини, од кои дел ѝ донира и на Македонија, наместо да чека на ЕУ. А македонските граѓани во тој случај немаше да бидат принудени сами да бараат решение и да одат на вакцинација во странство, како што тоа веќе го сторија илјадници, одлучувајќи да ја искористат можноста за имунизација во Србија. С.Н.М
Меркел и Макрон го загрозуваат здравствениот суверенитет на ЕУ?
Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин неделава разговараа преку видеоврска за можни испораки и заедничко производство на руската вакцина „Спутник“ во земјите на ЕУ. Можеби здравствениот суверенитет на ЕУ моментно е во втор план за Макрон и Меркел, кои му се обратија на Путин за руската вакцина, додека таа допрва очекува одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА). Претходно беше соопштено дека руската фармацевтска компанија „Р-фарм“ планира да ја произведува вакцината во баварскиот град Илертисен од јуни или од јули. Се очекува експертите на ЕМА да ја посетат Русија во април за да ги испитаат можностите за производство и за складирање на вакцината.