Експертска група на државно ниво подготвува измени во Правилникот за исхрана на децата во предучилишните установи. Од годинава, првпат се воведува и мерката субвенциониран студентски оброк, што е сигнал дека во иднина многу поголем акцент ќе се става на значењето на здравата исхрана, за што веќе пишуваше и нашиот весник во анализата насловена „Дали Македонија има здрава нација?“
Дали Македонија има здрава нација е дилемата што ја загатна нашиот весник, осврнувајќи се деновиве на пет клучни фактори што го детерминираат начинот на живот и се во корелација со високата смртност од ковид-19 и нашите навики за живот. Во нашата анализа, како еден од клучните фактори се посочува и начинот на исхрана, кој директно влијае на здравјето и е од големо значење за јакнењето на имунитетот. Нашата анализа во сегментот на исхраната ја продолжуваме со опсервација на состојбите со исхраната кај најмладите, учениците и студентите, како идна движечка сила и иднина на државата и општеството. Децата допрва треба да израснат во здрави луѓе и да се стекнат со добар имунитет, а за сето тоа е потребна здрава исхрана, но и подобар стандард на населението. Она што најчесто лекарите и нутриционистите го потенцираат е дека младите лошо се хранат, консумирајќи брза храна, која е тренд особено сега во ова пандемиско време. Лошата исхрана, секако, влијае на здравјето, па оттаму и многу млади се со прекумерна тежина, на што само дополнителен фактор е и физичката неактивност за време на пандемијата. Согледувајќи ги сите овие проблеми и со цел подобрување на квалитетот во исхраната на децата, во градинките веќе се прават одредени напори и Министерството за труд и социјална политика работи веќе работи на измените во Правилникот за исхрана, со цел да се придонесе за правилен раст и развој на децата во предучилишните установи. Меѓу промените во Правилникот за исхрана ќе се бара и најдоброто решение за составот на менито.
– Неопходноста од носењето измени во менито на исхрана кај децата од предучилишна возраст во градинките произлегува, од една страна, од проблемот на неисхранетост, кој иако со ниско ниво е присутен и кај нашите деца, а од друга страна, се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во земјата. Во согласност со последните информации, речиси една третина од децата од предучилишна возраст имаат прекумерна телесна тежина, а во комбинација со слабата физичка активност, ризикот од појава на дијабетис тип 2 и кардиоваскуларни заболувања кај децата значајно се зголемува, а со тоа и квалитетот на животот – велат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму објаснија дека токму затоа се формирала и работна група составена од претставници на МТСП, компанијата „Ново Нордиск“, УНИЦЕФ, претставници од Институтот за јавно здравје, Стоматолошкиот факултет, Универзитетската клиника за детски болести и Природно-математичкиот факултет од каде што доаѓа експертот за нутриционизам.
Оваа работна група ќе има задача со својата стручност да придонесе во креирањето соодветно мени за возраста на предучилишните деца во градинките, која ќе придонесе за задоволување на нивните потреби за квалитетна исхрана.
– Правилната исхрана има клучно влијание не само врз физичкиот развој на децата туку и врз когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење. Исхраната не е грижа само на поединецот туку и на целото општество. Затоа, стекнувањето добри навики за исхрана во градинките придонесува за здравјето на децата – порача министерката Шахпаска.
Од Институтот за јавно здравје сметаат дека е потребно правилниците за исхрана на децата да се менуваат и дополнуваат дека тоа е со цел да се практикува здрава исхрана за здрава популација.
– Генерално оброците во градинките и во училиштата се балансирани, но измената на Правилникот за исхрана на децата во градинките се прави поради тоа што е потребно да се исфрлат некои производи и да се зголеми внесувањето овошје и зеленчук. Всушност станува збор за исфрлање на кондиторските производи, производите што содржат шеќерни концентрати, а една од причините е и тоа што имаме деца со прекумерна тежина. Всушност правилниците мора да се менуваат и да се подобруваат, но исто така и да се имплементираат – посочува д-р Игор Спировски, раководител на Одделението за исхрана во Институтот за јавно здравје.
Лекарите исто така тврдат дека денешниве млади воопшто не се хранат здраво и потребни се промена и едукација за здрави навики, не само кај децата туку и кај родителите.
– Генерално населението во Македонија не се храни здраво, односно многу нездраво се храни, почнувајќи од најрана до најстара возраст, веројатно немајќи навики за да се храни здраво. Нашето подрачје изобилува за здрави и полезни продукти. За жал, младите родители ги мрзи на своите деца да им приготвуваат кашички, па им даваат готови, кои содржат хемикалии и создаваат зависност. За да се занимаваат на своите деца им даваат разни грицки, што е крајно лошо. Кујните од забавиште до оние во основните училишта не одговараат на она што се вика здрава исхрана, а да не зборувам за гимназијалците. Некогаш имаше предмет во училиштата Домаќинство, во кој од најрана возраст се учеше за правилниот начин на исхрана, што е многу важно. Денес сите се правдаат дека немаат време, а јас и како лекар и како родител не се согласувам – вели д-р Сашо Делиниколов.
Oд Министерството за образование и наука потенцираат дека обезбедувањето најмалку еден оброк за учениците за време на престојот во училиште се организира во согласност со прописите од областа на јавните набавки и Правилникот за стандардите за исхрана и за оброците во основното училиште, а нивното почитување и исполнување ги следи директорот на училиштето.
– Дополнително, од оваа година Министерството за образование и наука воведе системско решение со кое се олеснува студентскиот живот и се поддржува здравата исхрана на студентите, а тоа е субвенционираниот студентски оброк. Истиот тој подразбира доделување 2.400 денари месечно што се наменети за купување здрави оброци, и тоа за девет месеци во годината на сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и на приватни високообразовни установи, кои се државјани на Македонија – велат од МОН.