И додека сите се фокусирани на дилемата дали ЕУ ќе додели датум за почеток на пристапните преговори за Македонија, мнозинството Европејци, според последните истражувања и анкети, сметаат дека Унијата ќе се распадне за десет години
Македонија уште од својата самостојност на почетокот на 90-тите години на минатиот век ја постави стратегиската цел на земјата – членство во Европската Унија и во НАТО. Триесет години подоцна оваа цел и натаму не е остварена, а генерации политичари ги повторуваа флоскулите дека со членство на земјата во ЕУ значително ќе се подобри животот на граѓаните. Таквата слика за благодатите што ги носи ЕУ и нејзината иднина, сепак, не ја делат и граѓаните од земјите-членки на Унијата.
И додека сите се фокусирани на дилемата дали ЕУ ќе додели датум за почеток на пристапните преговори за Македонија, мнозинството Европејци очекуваат Унијата да се распадне.
Според резултатите од истражувањето нарачано од Европскиот совет за надворешни односи, мнозинството испитаници во Франција, Германија, Белгија, Италија, Холандија, Австрија, Словачка, Романија, Грција, Чешката Република и Полска сметаат дека распаѓањето на ЕУ би можело да се случи за 10-20 години.
И американската разузнавачка агенција ЦИА во својата проекција за светот до 2020 година предвиде распад на ЕУ на три блока. Западниот блок, или стара Европа, би го сочинувале Франција, Германија, Велика Британија, Австрија, Шпанија, Португалија, Италија, Шведска, Норвешка и Финска.
Нова Европа би ја сочинувале Литванија, Естонија, Летонија, земјите од Вишеградската група, Словенија и Хрватска. Овој блок би се наоѓал под германска економска и американска воена сфера.
Третиот блок би го сочинувала балканската конфедерација, во која би влегле православните земји како Србија, Романија, Бугарија, Македонија и Грција. Кон овој блок би се приклучиле и БиХ, Косово и Албанија.
Многумина експерти сметаат дека ова предвидување треба да се сфати сериозно, бидејќи токму ЦИА кон средината на 80-тите години на минатиот век го предвиде и распадот на поранешната СФРЈ.
Слични предвидувања изнесува и американската невладина организација „Стратфор“, според кои Европа би се распаднала на две дела, богатиот Запад и група помали земји од Централна Европа, кои воено ќе се приклонат кон САД.
И тие предвидуваат создавање православна унија (Византија). Според „Стратфор“, овој сојуз ќе биде еден вид „гасна унија“, чиј основен мотив за формирање ќе бидат парите.
– Прогнозите дека Унијата ќе се распадне доаѓаат од разни страни. ЕУ е цивилизациско достигнување на Стариот Континент и не треба да има дилеми дека таа ќе опстане. Во каква форма и со какви членки, тоа е веќе друго и повеќе техничко прашање – вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Тој додава дека кога Брисел оди на продлабочување на Унијата, а не на нејзино проширување, во конкретниот случај со балканските земји, тоа е погрешна политика.
– Намерата за федерализација на Европа се покажа погрешна и пикањето на Брисел во нешта што треба да се регулираат на национално ниво мора да престане – нагласува Никовски.
Според него, доколку Европа ја растури Унијата, ќе направи историска грешка, бидејќи на светската сцена ќе останат големите играчи, како Кина, САД и Русија, и цепкањето на мали државички нема да ѝ донесе добра позиција на Европа.
Никовски уште додава дека во добар дел поради проблемите со кои се соочува Брисел ниту влезот на Македонија во Унијата нема да биде скоро.
– Нема никакви дилеми дека за влез на Македонија во Унијата ќе мора да причекаме меѓу 13 и 15 години. Причините за тоа се повеќеслојни, а во основа се проблемите со кои се соочува Брисел – вели Никовски.