Карикатура: „Нова Македонија“

Во новиот извештај за стратегиски предвидувања, Европската комисија идентификува четири главни глобални трендови што имаат влијание врз капацитетите на ЕУ и врз нејзината слобода за дејствување. Тука спаѓаат климатските промени
и другите предизвици за животната средина, дигиталната хиперповрзаност и технолошката трансформација, притисоците врз демократијата и европските вредности, како и промените во глобалниот поредок и во демографијата. Извештајот истакнува и десет клучни области во кои ЕУ може да искористи можности за нејзиното глобално водство и за отворената стратегиска автономија

Зелената и дигиталната транзиција, заедно со притисокот врз демократијата и промената на соодносите во светската популација и бруто-домашниот производ (БДП) на државите, ќе го обликуваат светскиот поредок во децениите што доаѓаат, според новиот извештај за стратегиски предвидувања, објавен неделава од страна на Европската комисија. Извештајот дава мултидисциплинарна перспектива за отворената стратегиска автономија на Европската Унија (ЕУ) во глобалниот поредок. Комисијата во него идентификува четири главни глобални трендови што имаат влијание врз капацитетите на ЕУ и нејзината слобода за дејствување. Тука спаѓаат климатските промени и другите предизвици за животната средина, дигиталната хиперповрзаност и технолошката трансформација, притисоците врз демократијата и европските вредности, како и промените во глобалниот поредок и во демографијата. Извештајот истакнува и десет клучни области во кои ЕУ може да искористи можности за нејзиното глобално водство и за отворената стратегиска автономија.
– Иако не знаеме што носи иднината, подоброто разбирање на клучните трендови, несигурности и услови ќе го засили долгорочниот капацитет на ЕУ и нејзината слобода да дејствува. Овој извештај затоа дава поглед на четири тренда со големо влијание врз ЕУ и идентификува десет области за дејствување за да ја подобриме нашата отворена стратегиска автономија и да го зацврстиме нашето глобално лидерство кон 2050 година. Пандемијата само го зацврсти случајот за правење амбициозни стратегиски избори во денешно време и овој извештај ќе ни помогне да го задржиме фокусот врз предизвиците – истакна потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, според кого пандемијата ги поттикнала напорите за засилување на издржливоста, самодостатноста и глобалното лидерство на ЕУ, особено откако зависноста од надворешната соработка и постојните ранливости станале очигледни.

Климатските промени идентификувани како главно прашање

Климатските промени се идентификувани како главно стратегиско прашање, кое би можело да го дефинира глобалниот поредок, поради нивното значително влијание врз животната средина, економијата, здравството, безбедноста, како и достапноста до храна и до водни ресурси. Се очекува екстремните временски појави и растечките температури да го зголемат притисокот врз достапноста до водните ресурси и до храната, со што потенцијално може да доведат до влошување на конфликтите во јужното соседство на ЕУ, како и до засилување на миграцијата. Се смета и дека деградацијата на животната средина ќе го зголеми ризикот од пандемии и ќе влијае врз финансиската стабилност. Ваквата ситуација може да предизвика и ценовни шокови, како резултат на зголемената конкурентност за водните ресурси и за плодно земјиште.
Фокусот на климата е во согласност со целите на Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лејен, која ја стави борбата против глобалното загревање на врвот на својата листа на приоритети, по стапувањето на функцијата во 2019 година. Набрзо потоа, таа го претстави и европскиот зелен договор, во кој се прикажани плановите за сведување на нето-емисиите на штетни гасови на нула до 2050 година и за преполовување на емисиите на јаглерод диоксид до крајот на деценијава.
– Европските граѓани речиси на дневна основа чувствуваат дека глобалните предизвици, како што се климатските промени и дигиталната трансформација, имаат директно влијание врз нивните животи. Ние сметаме дека нашата демократија и европските вредности се доведени во прашање, екстерно и интерно, односно дека Европа има потреба да ја приспособи надворешната политика поради глобалниот поредок што се менува. Рани и подобри информации за таквите трендови ќе ни помогнат навремено да се справиме со важните прашања и да ја водиме Унијата во позитивна насока – кажа Фон дер Лејен.

Енергетска транзиција ќе ја одреди глобалната распределба на моќта

По климатските промени, следни најголеми предизвици идентификувани во извештајот се дигиталната хиперповрзаност и технолошките трансформации, како и притисоците врз демократијата и промените во глобалниот поредок, вклучувајќи ја демографијата. Енергетската транзиција исто така ќе ја одреди распределбата на светската моќ, бидејќи се смета дека извозниците на фосилни горива и државите што зависат од нив ќе бидат во подредена улога во однос на оние со капацитети за создавање и извоз на обновлива енергија. Како резултат на ваквата состојба, се посочува оти ЕУ ќе треба да обезбеди доволни резерви нискојаглеродна енергија и во голема мера да го намали енергетскиот интензитет, според извештајот.
Постигнувањето на климатската неутралност до 2050 година значително би ја намалило енергетската зависност на ЕУ од трети држави. Се проценува дека зголемената употреба на т.н. зелени технологии, меѓу кои се ветерната и соларната енергија, како и електричните автомобили, ќе ја зголеми побарувачката на ЕУ за суровини. Унијата планира токму на ова поле да ги прошири синџирите на снабдување. Кога е во прашање дигитализацијата, капацитетите на ЕУ на полето на вештачката интелигенција, анализата на податоци и на роботиката се сметаат за слични на оние на Јапонија, па се истакнува потребата за дополнителни инвестиции и иновација, со цел Унијата да биде конкурентна со Кина и со САД. Вселенската технологија и пазарот на полуспроводници, на пример, се идентификувани како сектори во кои Европа треба да ги стигне глобалните лидери, особено кога ќе се земе предвид нивното стратегиско значење на повеќе полиња.

– Вселенските технологии заедно со вештачката интелигенција се стратегиски цели за спротивставување на заканите и за предвидување на идните ризици, како што се хибридните закани, вклучувајќи ја сајбер-шпионажата – наведено е во извештајот.
Ширењето на дезинформациите се очекува да поттикне нов тип информациско војување, зголемувајќи го притисокот врз демократските држави, како и поларизацијата. Репресијата на слободи и демократски реформи, како и континуираните конфликти во соседството во ЕУ ќе продолжат да го поттикнуваат протокот на мигранти. Згора, се смета дека светските демографски промени ќе имаат улога во обликување на геополитичката арена, особено бидејќи Кина е на пат да стане најголемата светска економија до 2030 година, додека Индија веројатно ќе ја надмине ЕУ во наредните 20 години. ЕУ зазема позиција според која зголеменото присуство на Кина на глобално ниво мора да оди заедно со поголем реципроцитет, недискриминација и отвореност на нејзиниот домашен систем.
Во извештајот се заклучува дека пандемијата и климатската криза покажуваат оти мултилатерализмот мора да се приспособи за да му овозможи подобра глобална подготвеност за справувањето со кризи. Брисел постави високи цели на повеќе полиња, а со оглед на внатрешните превирања во Унијата, извесно е дека ќе се соочи со дополнителни предизвици за остварување на амбициите.


Извештајот не е кристална кугла

Овој извештај за стратегиските предвидувања не е кристална кугла, нагласи потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, додавајќи дека негова цел е да даде перспектива за капацитетите на ЕУ за дејствување во децениите што доаѓаат, како и да даде контекст за можните одговори во политиките на ЕУ. Фокусот на минатогодишниот извештај беше на издржливоста наспроти глобалната пандемија, додека годинашниот извештај ја истражува геополитичката димензија на издржливоста, како што посочи Шефчович. Извештајот за следната година ќе биде со акцент на подоброто разбирање на поврзувањето помеѓу зелените и дигиталните транзиции, односно како тие заемно ќе се засилуваат, вклучувајќи ги и новите технологии.