Посетата на германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, на Македонија е само уште една во низата посети на странски дипломати на нашата земја, во пресрет на јунскиот самит на Унијата. Оваа засилена меѓународна активност по многу нешта потсетува на 2018 г., пред потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на името на државата. Се подготвува ли терен за нови отстапки, овој пат во полза на Бугарија, и има ли воопшто простор за попуштање од наша страна? Дипломатите и аналитичарите имаат интересни согледувања

„ИНВАЗИЈА“ НА СТРАНСКИ ПОЛИТИЧАРИ НА НАШАТА ЗЕМЈА

Згуснатоста на распоредот со посети од високи претставници на ЕУ и политичари и дипломати од земјите-членки на Унијата, на Македонија, од средината на овој месец, по малку потсетува на ситуацијата пред потпишувањето и референдумот за Преспанскиот договор во 2018 година. Навистина, засега сѐ уште не се тоа посети на највисоко ниво, како поранешните официјални гостувања на германска и на британска премиерка (Ангела Меркел и Тереза Меј), видеообраќањето на францускиот претседател Емануел Макрон… итн., но за една седмица во Македонија дојдоа португалскиот министер за надворешни работи Силва, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, министрите за надворешни работи на Чешка, Словачка и на Австрија, а на овој список се придружи и германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот. Иако на „минување“, пред заедничкиот лет за Рим со македонскиот претседател Стево Пендаровски, официјално на македонска почва стапна и бугарскиот претседател Румен Радев. Фреквентноста на посетите на ЕУ-дипломатите, во пресрет на јунскиот самит на Унијата, јавно е декларирана како напор за надминување на причините што доведоа до вето на Бугарија за одржување на првата меѓувладина конференција и започнување на преговорите на Македонија за полноправно членство. Некои од „посетителите“, како португалскиот министер и еврокомесарот Вархеи, својата посредничка мисија ја остваруваат и во Скопје, и во Софија, но забележително е дека повеќето евродипломати како повеќе да се фокусирани на Македонија. Искуството од Преспанскиот договор, со кој Македонија беше „дипломатски принудена“ на капитални национални отстапки со ветувања за евроатланска интеграција, ја подига на високо ниво сомничавоста за фокусот на актуелните посреднички активности, овој пат за решавање на спорот и блокадата што ги наметна Бугарија. Контрадикторните сигнали од Софија, кои истовремено навестуваат можност за олабавување на ветото за македонските евроинтеграции, но и се повторува дека не може да се отстапи од рамковната позиција изгласана во бугарското собрание, логично наведуваат на заклучокот дека притисокот за отстапки на европската дипломатија е насочен повторно спрема Македонија.

– Мене ми е јасно дека притисокот цело време е насочен кон Македонија. Формулацијата на ЕУ: „Решете го билатералниот спор“ е секогаш насочена кон нас, кон Македонија. Така е и сега, со актуелното засилување на европското посредништво за македонско-бугарскиот спор. Симптоматично е тоа што иако со контрадикторни пораки, Бугарија го одби португалскиот предлог за надминување на спорот, а нашата македонска страна веднаш се истрча дека предлогот е прифатлив за нас. Тоа ме наведува на помислата дека европскиот притисок е фокусиран исклучиво на Македонија, а актуелната македонска влада е подготвена сѐ да прифати за да остане на власт: Овој пат влогот не е членството во ЕУ, туку останувањето на власт, со какво-такво започнување на преговорите со Унијата, иако суштински тоа ништо нема да значи за Македонија и Македонците – смета универзитетската професорка и политичарка Солза Грчева.
Што се однесува до просторот на македонската страна за некаков компромис и отстапки за отстранување на бугарското вето, Грчева смета дека таквата опција е исцрпена уште со Преспанскиот договор.

– Со Преспанскиот договор е ограничен просторниот континуум на Македонија и Македонците, а сега со бугарскиот Договор за добрососедство треба да се ограничи и временскиот континуум. Секоја отстапка поради бугарското вето, претставува опасност за Македонците да се претворат во анационални луѓе – граѓани на Северна Македонија… Согласноста со секој предлог што доаѓа од ЕУ, ме плаши дека е сигнал дека македонската страна веќе попуштила на бугарските барања – вели професорката Грчева.
Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европски политики – Скопје, исто така смета дека Македонија нема простор за големи отстапки во однос на бугарските барања, но треба да покажува добра волја за соработка со европските институции и иницијативи.
– Несомнено, посетите на високите претставници на дел од земјите-членки се поврзани со потенцијалното деблокирање на нашиот пристапен процес, имајќи ги предвид предлозите со кои дојде португалското претседателство кај нас и во Софија. Простор за многу големи отстапки во однос на клучните прашања од наша страна не гледам, но секогаш постои можност за проактивност и покажување практични примери на соработка како знак на добра волја. Вакви иницијативи во однос на економска и културна соработка и слично ќе влијаат позитивно на атмосферата, која несомнено беше затруена во предизборниот период во Бугарија – вели Симонида Кацарска.