Кога ќе се види дека Ангела Меркел и Бојко Борисов се разбираат и со „намигнување“, по принципот „почешај го мојот грб, за јас да го почешам твојот“, при блокирањето на санкциите против Турција, исклучително симптоматично индицира и дека Германија со „непреземањето доволно одлучни чекори“ направила доволно да ги заштити интересите на официјална Софија во врска со Македонија. Се наѕираат индикатори на заткулисните игри во ЕУ и начинот на кој земјите-членки меѓусебно се штитат. Наедно, легитимно се поставува прашањето на што може да се надева Македонија од Унијата кога се во прашање нејзините интереси, особено во спорот со Бугарија
Штитењето на меѓусебните интереси на членките во ЕУ приоритет во клубот на привилегираните
Очигледни индикатори на заткулисните игри и интереси на европските лидери излегоа на површина при блокирањето на санкциите против Турција на самитот на ЕУ. Тие уште еднаш ја прикажаа воспоставената практика на меѓусебно помагање во Унијата, отворено и премолчно, кога станува збор за штитењето на интересите на земјите-членки. Ваквиот пример пластично отсликува дека проблемите може да се решат и тивко, во рамките на европското семејство, кое однадвор понекогаш дејствува затворено и себично, исклучиво насочено кон сопствените цели.
И Македонија како париче за поткусурување интереси?
Низ споменатата диоптрија на опсервација сѐ поочигледно е дека меѓу таквите цели веројатно е заплеткана и преговарачката рамка за Македонија, со што на тас се ставени бугарските и македонските интереси, се разбира од перспективата на ЕУ. Од една страна се и неразумните барања на Софија, а од друга евроинтеграцијата на Македонија, од која зависат и основните принципи на европскиот блок. Кога ќе се види дека Ангела Меркел и Бојко Борисов се разбираат и со „намигнување“, по принципот „почешај го мојот грб, за јас да го почешам твојот“, при блокирањето на санкциите против Турција, може да се претпостави и дека Германија извршила одредено влијание (со своето резервирано дејствување) во корист на Софија, за да ги заштити своите (поединечни, но и заеднички) интереси.
Се сметаше дека Германија за време на своето претседателство со ЕУ може да ја има клучната улога во обезбедувањето на почетокот на пристапните преговори на Македонија со Унијата, така што ќе ја закажеше првата меѓувладина седница кон крајот на месецов, без оглед на бугарското противење.
Германија на тој начин истовремено ќе ѝ испратеше порака на официјална Софија дека билатералните спорови може да се решаваат и подоцна во текот на преговарањето, кога нема да се бркаат никакви рокови и со што притисокот врз двете страни би бил многу помал. По бугарското вето, германското претседателство повтори дека ќе продолжи да работи на наоѓање решенија и за време на португалското претседателство со Унијата и дека прашање на време е кога Македонија ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ. Но гледајќи ги заткулисните игри во ЕУ и начинот на кој земјите-членки меѓусебно се штитат, се поставува прашањето на што може да се надева Македонија кога се во прашање нејзините интереси, особено во спорот со Бугарија.
Германија и Бугарија со координиран и усогласен настап на европскиот самит
Германија и Бугарија биле најгласните членки од Европската Унија (ЕУ) во блокирањето на санкциите против Турција на европскиот самит што се одржа завчера, како што велат извори за „Еурактив“, истакнувајќи дека „германската канцеларка Ангела Меркел и бугарскиот премиер Бојко Борисов биле европските лидери што отворено се спротивставиле на санкциите против Анкара. Другите држави, како Шпанија, Италија, Малта и Унгарија, исто така биле против, но не го искажале отворено својот став, како што додава изворот. Австрија ги поддржала санкциите, додека Франција, која бараше построг одговор од ЕУ, наводно, ја ублажила својата реторика на самитот.
Германија, која во моментов претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ, отсекогаш се противела на санкциите, сакајќи да има отворени комуникациски канали со Анкара. Во интервју за „Еурактив“ во ноември, Удо Булман, европратеникот од Социјалдемократите и портпарол за европски односи на извршниот комитет на германската Социјалдемократска партија (СДП), посочи дека Меркел секогаш имала намера да постои „отворена врата“ за Турција. Пред самитот, дипломати проценија дека ставот на Софија во однос на прашањето за санкциите не може да се предвиди. Европски дипломат за „Еурактив“ минатата недела изјави дека „бугарскиот лидер Борисов е докажан пријател на Ердоган и оти неговото однесување не може да се предвиди“. На политичко ниво, ставот на Германија и на Бугарија исто така е од голема важност со оглед на тоа што Меркел и Борисов му припаѓаат на истото политичко семејство во ЕУ (Европската народна партија), како и Нова демократија, владејачката партија во Грција.
Анкара доби нов грејс-период
Според заклучоците за Турција од самитот, европските лидери ги осудиле нејзината агресивност и едностраните акции во источен Медитеран. Сепак, во практика, тие зазеле помек став и ѝ овозможиле на Анкара нов тримесечен грејс-период. Конкретно, тие одлучиле да додадат нови имиња на поединци и на компании на црната листа што во моментов постои, за „недозволената“ потрага на Турција по природен гас во близината на брегот на Кипар. Но санкциите што беа наметнати досега не дадоа особени резултати, со оглед на тоа што Турција не ги запре операциите околу Кипар. Покрај тоа, тие побараа од Европската комисија да подготви извештај „најдоцна до март идната година“ за целокупните односи меѓу ЕУ и Турција, од политиката до трговијата, но и да пронајде „можности и инструменти како да се постапува во иднина со неа“. Лидерите исто така јасно покажаа дека „позитивната агенда останува на масата“, ветувајќи ѝ на Турција дека ќе продолжат да ѝ обезбедуваат финансиска помош за да се справува со миграциските бранови. А европските лидери рекоа и дека ќе се координираат во однос на проблемот со Турција со новата американска администрација.
Надежта последна исчезнува
Германското претседателство повтори дека ќе продолжи да работи на наоѓање решенија и за време на португалското претседателство со Унијата и дека прашање на време е кога Македонија ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Меѓутоа, практиката на функционирање и резултатите од тоа сѐ посилно нѐ убедуваат во нешто спротивно. Меѓународното право, изворните принципи на кои се темели Унијата, резолуциите за малцинствата итн. се темелните вредности на меѓународниот поредок, кои сѐ почесто и бескрупулозно се игнорираат. Аргументите на силата ја надвладуваат силата на аргументите. Но сето тоа воопшто не значи дека треба да се повлечеме или да ги распродаваме идентитетот, јазикот, историјата… Па, дури и добрососедот „да влезе со купените германски или американски тенкови“ на нашата територија. С.Н.М.