Според првичните оцени на надлежните институции, изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, со солиден одзив на гласачите од над 50 отсто. Ова се втори избори што се спроведуваат во услови на пандемија, но и првпат со нова технологија за идентификација на граѓаните, што создаде и одредени тешкотии. Политичките партии, и од власта и од опозицијата, во нивниот добро познат стар манир веќе истрчаа и пред Државната изборна комисија и прогласија победи во повеќе изборни места, додека се очекува ДИК денеска да ги соопшти првичните официјални резултати
Прв круг од локалните избори во земјава
Првиот круг од седмите локални избори од самостојноста на земјава и втори во услови на пандемија на кои првпат се примени нова технологија со отпечаток на прст за идентификација на граѓаните, се одржа вчера во мирна и демократска атмосфера според оцените на институциите.
Како што соопшти Државната изборна комисија, заклучно со 18.30 часот, одзивот на гласачите беше 49,99 отсто, покажаа последните ажурирани информации на официјалната страница на Државната изборна комисија (ДИК) до затворањето на весникот, иако очекувањата се дека по затворањето на сите избирачки места одзивот би можел да надмине 50 отсто.
Според обработени 94,70 отсто од гласачите, до 18.30 часот гласале 846.634 граѓани.
Право на глас на овие избори имаат 1.824.864 граѓани.
Вчерашниот изборен ден за политичките партии беше различно оценет од партиите на власт и од оние во опозиција. За владејачката СДСМ изборите минале во фер и демократска атмосфера, со што државата ги потврдила своите европски аспирации, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини за изборни нерегуларности, но сепак очекува добар изборен резултат.
И МВР соопшти дека изборите минале во мирна атмосфера без поголеми инциденти, а ОБСЕ/ОДИХР треба денеска да ги изнесе своите видувања за вчерашниот изборен процес.
Она што го привлече вниманието на јавноста беше соопштението на Обвинителство, во кое беше наведено дека вчераутро до нив пристигнал допис од Амбасадата на САД во земјава, во кое известуваат дека едно лице од политичка партија завчера се обратило до амбасадата и споделило информација дека 83 лица, кои биле повеќекратно осудувани и се на слобода, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес. МВР соопшти дека го испитува случајот и дека засега нема потврда за ваквите наводи.
Овие избори беа карактеристични и по техничките проблеми со дел од апаратите за отпечатоци од прсти, поради што гласањето беше продолжено за половина час на некои изборни места.
Пред самото затворање на весникот, партиските лидери веќе почнаа да објавуваат победа уште во првиот круг во некои општини.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прогласи победа на локалните избори на својот фејсбук-профил.
– Народот е определен. Надежта e родена. За секој човек во Македонија. Заеднички за новата иднина. Победа и голема одговорност! – напиша Мицкоски. Неофицијално, ВМРО-ДПМНЕ победила во Петровец, Јегуновце, Могила и во Градско во првиот круг.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на првата прес-конференција по завршувањето на гласањето за локалните избори, истакна дека првично очекуваат победа во три општини уште во првиот круг, во Сарај, Пласница и во Липково.
Сепак, првите официјални резултати од одзивот и резултатите треба да ги објави ДИК.
ВМРО-ДПМНЕ предупреди на нерегуларности, но сепак очекува
добри резултати
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на првата прес-конференција по завршувањето на првиот круг од локалните избори, ја обвини актуелната власт за низа изборни нерегуларности, но истовремено најави и добар резултат по пребројувањето на гласовите.
– На власт во државата имаме гарнитура што е потопена во криминал и корупција. Соодветно на тоа имавме избори каде што забележавме нерегуларности, нарушување на изборниот процес и коруптивно дејствување на власта. Така, во текот на вчерашниот и завчерашниот ден забележавме кршење на изборниот молк, заплашувања, притисоци и уцени од страна на носители на јавни функции, поединечни министри, злоупотреба на државни ресурси за партиски цели. Имаме отворени сомневање за поткуп во Прилеп, Велес, Битола, Делчево, Демир Капија, Неготино, Охрид, делови на Скопје. Брутален физички напад врз новинар и медиумски работници во Прилеп. Во 21 век имаме информации за бугарски воз, информации за полнење кутии во Сарај, за ова поднесовме и приговори – изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој, сепак, додаде оти партијата очекува дека народот ја препознал шансата и ќе се случат промени.
– Она што е навистина позитивно е што народот навистина излегуваше и зад параванот заокружуваше нова иднина. Нема да предвидуваме точни резултати, ќе почекаме тие да пристигнат, но она што го очекуваме се добри резултати и во многу општини ќе водиме и ќе победиме. Очекувам народот да ја препознае шансата што му стои на располагање, да донесеме надеж и заеднички да градиме нова иднина – порача Лефков.
СДСМ: Имавме европски изборен ден и очекуваме успешни резултати
Во првото обраќање по завршувањето на гласањето, Љупчо Николовски, шеф на изборниот штаб на СДСМ, порача дека македонската демократија имала мирен, достоинствен, европски изборен ден.
– Позитивната атмосфера во текот на целата кампања денеска беше заокружена со мирен изборен ден. Имаше неколку помали отстапувања – рече Николовски.
Коментирајќи ги проблемите со апаратите за отпечатоци од прсти, тој потсети дека нивната употреба беше услов на ВМРО-ДПМНЕ за да гласаат за Изборниот законик.
– Ние бевме на став дека без тест-период за апаратите за отпечатоци од прсти не е можно нормално функционирање и денеска се соочивме со тоа – додаде Николовски.
Тој уште додаде дека нема конкретни информации за соопштението од американската амбасада за лицата пуштени да предизвикуваат инциденти, но рече дека секоја индиција и пријава треба да бидат расчистени. Тој исто така изрази надеж за успех на СДСМ на изборите.
МВР: Мирен изборен ден без поголеми инциденти
Министерството за внатрешни работи вчерашниот изборен ден го оцени како мирен и без поголеми инциденти.
Во текот на денот, до полицијата биле пријавени десетина инциденти, меѓу кои физичка пресметка меѓу две лица пред избирачко место во гостиварското село Рачане, пријава за вршење изборен поткуп во Топанско Поле и Шуто Оризари, како и неколку пријави за агитирање и вршење притисок врз гласачи. Едно лице е пријавено дека на гласачко место во Чешиново-Облешево со лажни документи се претставувал дека е претставник на ДИК, а жена од Росоман гласала, иако знаела дека е позитивна на коронавирусот.
Пријави за неправилности стигнале и до Комисијата за следење евентуални нерегуларности, која ја формира Јавното обвинителство. Меѓу нив е поднесок од политичка партија, во врска со сомнение за вршење притисок и агитација во избирачки места во Гостивар, како и пријава за наводно купување гласови во кумановските села Черкезе, Романовце и Војновиќ.
Допис од Амбасадата на САД до Обвинителството
Во текот на вчерашниот ден, вниманието на јавноста го привлече соопштението на Обвинителството, во кое беше наведено дека вчераутро до нив пристигнал допис од Амбасадата на САД во земјава, во кој известуваат дека едно лице од политичка партија завчера се обратило до амбасадата и споделило информација дека 83 лица, кои биле повеќекратно осудувани и се на слобода, добиле огнено оружје, со цел попречување на изборниот процес, како и дека друг познат сторител на кривични дела поседува оружје и дека на денот на гласањето ќе им го загрози животот на членови на политичка партија.
Од МВР велат дека ги презеле сите потребни мерки и активности и досега нема никаква потврда за изнесеното.
ОБСЕ/ОДИХР денеска со првична оцена
Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права – ОДИХР денеска ќе ги изнесе првичните оцени за првиот круг од локалните избори во земјава.
– Ние го набљудувавме отворањето на 54 гласачки места и продолжуваме со мониторингот. Ова е нова технологија и како и гласачите, гледаме како се применува. Рано е да се дадат какви било заклучоци, но ги нотираме сите проблеми доколку ги има, како и одговорот на гласачите. Ќе видиме како ќе се одвива денот. За процената ќе треба да почекате до утре, затоа што како што знаете, не сакаме да коментираме за време на гласањето – рече вчера шефицата на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Тана де Зулуета.
Во однос на проблемите што се регистрирани со употребата на терминалите за отпечаток од прст при гласањето, таа вели дека станува збор за нова технологија и се следи нејзината примена.
ОБСЕ/ОДИХР ги мониторира локалните избори со тим од 165 набљудувачи, од кои 126 се краткорочни набљудувачи.