Забележано, ненапишано

Просторијата на директорот на индустриската кланица „Горни Полог“ во Гостивар се наоѓаше во приземна трошна куќа, а мебелот беше стар, комбиниран и разновиден. Директорскиот стол беше дрвен, работната маса невообичаена, во продолжение на директорската маса, на пониско ниво се наоѓаше мала правоаголна маса, од двете страни имаше по две пропаднати фотелји, а на чело на масичката друг вид фотелја. Од левата страна до директорската работна маса имаше кружно масиче и три стола. Од страните имаше уште три-четири дрвени столови. Вака изгледаше скромната директорска просторија, во декември 1972 година, специјално уредена за Крсте Црвенковски, потпретседател на Претседателството на СФРЈ, еден од водечките македонски политичари и дисидент во комунизмот, учесник во НОВ и носител на орденот Народен херој и на Партизанска споменица 1941, кој требаше да одржи работен состанок со раководствата на Општина Гостивар и на „Горни Полог“.
Точно во девет часот, високиот државен функционер пристигна во придружба со соработник и обезбедување во патничко возило „мерцедес“, што го предводеше милиционерско возило, без церемонии и помпезност, во споредба со денес. Според протоколот, го пречекаа Александар Ристовски, претседател на Општина Гостивар, Јанко Ставрески, директор на кланицата и Саќип Османи, комерцијален директор. Трите стола на кружното масиче беа за новинарите известувачи од настанот: Живко Кондев, ТВ Скопје, Киро Кипроски, „Нова Македонија“, и Џевад Нурединовски, Радио Гостивар. Домаќините во двочасовна работа исцрпно го запознаа високиот гостин со развојот на сточарството во гостиварската општина, кое се простира на површина од 1.352 квадратни километри, со пространи сочни пасишта на планините Бистра, Кораб, Шар Планина, Сува Гора, Крчин и Дешат.

Треба постојано да се зголемува основното стадо, а за тоа, како што беше речено, се потребни зафати за изградба на инфраструктура (да се осовременат бачилата, пристапни патишта до нив и слично). Исто така, има потреба за изградба на современа кланица за ситен и крупен добиток, погони за преработка на месни и сувомесни производи, конзерви и друго. Резултат од овој работен состанок беше што за неколку години се изгради современа и најголема кланица на Балканот и од Европската заедница доби дозвола за извоз на месо и месни производи на членките на Заедницата. За жал, денес овој капацитет е во завршна фаза на уривање. На негово место никна комплекс станбени згради.
Директорот Ставрески предложи мала пауза за појадок. На масата пред која седеше другарот Црвенковски, домаќините поставија овал со печени крезли и јагнешки дроб, овал со галички кашкавал и овчо галичко сирење, чинии со туршија, леб, чаши за пијалак и друго.
Притоа, го поканија другарот Црвенковски да се послужи од трпезата, а тој одговори: „Ќе се послужам, откако на масичето пред новинарите ќе поставите чинии со сѐ што ни поставивте. И тие се луѓе како нас, исто имаат потреба за појадок. Не заборавајте, новинарите се важна алка за развојот на општеството“.

„ВАКВО ПАРЧУЛЕ (РИБА) НИКОЈ НЕМА УЛОВЕНО ВО МАВРОВСКО ЕЗЕРО“

Во далечната 1962 година, Општина Маврово ја посетил другарот Петар Стамболиќ, тогашен претседател на Сојузното собрание на ФНРЈ, со богата животна биографија: извршувал врвни државни и партиски функции, бил учесник во Народноослободителната борба на Југославија, носител на орденот Народен херој на Југославија, претседател на Сојузниот извршен совет итн. Голем љубител на природните убавини и страстен спортски риболовец и ловџија. Македонските функционери во Сојузното собрание, пратеници и други функционери постојано му говореле дека Македонија располага со прекрасни планини, реки и планински езера, богати со дивеч и автохтони риби. Другарот Стамболиќ изразил желба да го посети поширокиот Мавровски Регион, а македонските функционери со големо задоволство му ја организирале посетата и биле одлични домаќини.
Десетина години по посетата на Петар Стамболиќ на Маврово, за престојот, за впечатоците и доживувањето слушнав од Перо Јанкуловски, тогашен претседател на Општина Маврово и негов домаќин.
„Последниот ден од петдневниот престој на мавровскиот поширок регион организирав прошетка со брод низ Мавровско Езеро и риболов, да ја испроба среќата другарот Стамболиќ. Бродарот Куне Јовановски го подготви бротчето, денот беше сончев и од Маврови Анови ја започнавме прошетката низ езерото, прва станица ни беше селото Леуново, па селото Ниќифорово и селото Маврово, на враќањето сред езеро, бротчето застана и другарот Стамболиќ со приборот за рибарење уживаше во риболовот. Рано утрото двајца галичани со чамец имаа уловено голема мавровска пастрмка, бев договорен со нив да се наоѓаат во близината на бротчето и во погоден момент да ја закачат рибата на блинкерот. Советот целосно го исполнија. Во еден момент рибарскиот стап што го држеше другарот Стамболиќ се затресе, почна да го собира конецот, му помагав да го извлечеме пленот, ни помогнаа и рибарите, ја извлековме рибата на палубата, на другарот Стамболиќ, му реков: „Вакво парчуле (риба), колега Перо, никој нема уловено во Мавровско Езеро“.
Ефектот од одлично организираниот престој во Мавровскиот Регион, на Петар Стамболиќ, претседател на Сојузното собрание на ФНРЈ, беше што по десетина дена на жиро-сметката на Општина Маврово пристигнаа 2.000.000 динари, за развој на туризмот во Мавровскиот Регион.

АКО ЛАЗАРОПОЛЕ Е ПОЛЕ, ШТО Е ВОЈВОДИНА?

Во педесеттите години на минатиот век, делегација на сојузни пратеници од шестте федерални републики и од двете федерални покраини на ФНРЈ, по налог на Едвард Кардељ, висок федерален функционер, прв соработник на Јосип Броз Тито, претседател на тогашна ФНРЈ и идеологот за формирање задруги, доаѓа во посета на сточарската задруга „Кочо Рацин“ во селото Лазарополе, која заедно со галичката задруга „Едвард“ е прва во Македонија.
По враќањето од посетата на лазарополската задруга, на прием кај другарот Едвард Кардељ е делегацијата, да ги изнесе своите впечатоци од функционирањето на задругата. Речиси сите членови на делегацијата биле задоволни од престојот и разговорите што ги воделе со задругарите и со раководството на задругата за искуствата и придобивките од здружувањето. Искуствата можат да ги применат и во нивните средини, што ќе дадат поголемо земјоделско и сточарско производство.
Претставникот на покраината Војводина му поставил директно прашање на другарот Едвард Кардељ: „Додека стигнавме во Лазарополе минавме по многу планини, а последните дваесетина километри се почувствував дека одиме на крајот на светот. Ако Лазарополе е поле, што е наша Војводина?“.

ГЕНЕРАЛЕ, ИСПРАТИ ЧЕТА ВОЈНИЦИ ДА НЀ СПАСАТ ОД МЕЧКИТЕ

Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Никола Минчев, во септември 1972 година беше во тридневна посета на мијачките села Галичник, Тресонче и Лазарополе и на долнореканските села Скудриње, Ростуше и Жировница.
По средбата и разговорите со раководството на сточарската задруга „Бистра“ и со претставници на Одборот за обнова и изградба на Галичник, претседателот Никола Минчев и дел од делегацијата со автомобили заминаа за селото Тресонче, а дел со генерал-полковник Васко Карангелески, командант на Скопската армиска област на ЈНА, пешки се упатија за Тресонче. Седумте километри низ планинските беспаќа ги минавме за час и половина.
Нѐ пречекаа неколкумина пензионери, нѐ почестија со ракија, во меѓувреме пристигна претседателот Минчев. Во разговорот, домаќините на гостите им рекоа дека добра им е живејачката на татковските огништа, но имаат еден проблем што самите не можат да го решат. „Во ноќните часови постојано ни доаѓаат неканети гости, мечки, кои ни причинуваат штети на имотот и на пчелните семејства, за среќа, досега не посегнале по нашите животи. Колку можеме се браниме. Но потребна ни е помош од државата. Генерале Карангелески, испрати ни чета војници да ги избркаат мечките, мирно да спиеме и да живееме меѓу планините“, му порачаа селаните на високиот гостин.