Со пандемијата во „мода“ дефинитивно на голема врата влезе и „малтузиското однесување“ – доброволно ограничување не само на човечката репродукција туку и на производството. Изворно-политичката доктрина на Томас Малтуз (1766-1834), кој се спротивставуваше на неконтролираниот раст на населението и заговараше доброволно ограничување на наталитетот, денес во форма на „малтузијанизам“ во своето проширено значење се однесува на воздржаност во однос на животот и развојот!
Кој го наметнува новиот тренд наречен „малтузијанизам“
Кина одобри раѓање трето дете, но не се очекува некој позначаен напредок, бидејќи што значи да им дозволите на луѓето да имаат повеќе деца, ако тие не го сакаат тоа? Унгарскиот претседател Орбан, свесен дека до 2050 унгарската популација ќе се намали за дури 10 отсто, реши да води активна пронаталитетна политика. Меѓутоа, искуството на државите што се обидоа да го прават ова пред Унгарија, укажува дека на тој начин е возможно да се забави демографскиот пад, но не и да се смени трендот.
Со доаѓањето на „зелените“, во мода дефинитивно влезе и „малтузиското однесување“ – доброволно ограничување не само на човечката репродукција туку и на производството. Изворно-политичката доктрина на Томас Малтуз (1766-1834), кој се спротивставуваше на неконтролираниот раст на населението и заговараше доброволно ограничување на наталитетот, денес во форма на „малтузијанизам“ во своето проширено значење се однесува на воздржаност во однос на животот и развојот. Малтуз отсекогаш ги следел еколошките движења, меѓутоа, неговата современа радикална форма е под осуда на Стивен Пинкер, професор по психологија на „Харвард“, затоа што поттикнува неоправдан песимизам, кој ги „нагризува“ развиените држави. Зошто неоправдан? Според Пинкер, должината на животниот век е зголемена. Во период од само еден век, таа глобално порасна од 30 на 71 година, додека во развиените земји надминува 80 години. Најлошите заразни болести се во пад и убиваат сѐ помалку луѓе, а светот глобално станува сѐ поразвиен. Во текот на последниве 30 години, стапката на екстремна сиромаштија опадна за дури 75 отсто, па денес од неа е погодена само 10 отсто од светската популација.
Писменоста некогаш беше привилегија за богатите, а сега 90 отсто од младата популација е писмена. Гладот и војните стануваат сѐ поретки и помалку смртоносни.
Од сево ова, Пинкер изведува заклучок – тоа не значи дека сега светот е совршен и дека нема простор за подобрување, но жали што речиси секаде на планетата, а особено во Франција (само 3 отсто од Французите веруваат дека светската ситуација оди кон подобро), и покрај опипливиот напредок, останува верувањето дека состојбата во светот се влошува. Таквиот песимизам што води кон фатализам се изразува во ставот дека секој обид за подобрување на светската состојба едноставно е губење време, со оглед на тоа што сите напори што веќе беа преземени во таа насока, доведоа само до влошување на ситуацијата. Фатализмот се повикува на радикализам – констатацијата дека сите наши институции се веќе пропаднати и бескорисно е да бидат реформирани; подобро е да бидат уништени и да се проба нешто сосема ново, пишува д-р Сања Вујачиќ во својата анализа за „Геополитика њуз“.
Наместо демографски раст, истребување на човечкиот вид
Ниче го објаснува нихилизмот со вербата во надвредности, поставени над оние постојните, со цел овие вториве да можат да се негираат и девалвираат. Значи, надвредностите на современиот еколошки нихилизам би требало да се бараат во антирасијализмот и модерното семејство – кое веќе не е обележано само со еманципација на жената туку и со интерсекциски феминизам, т.е. борба против „белиот хетеросексуален мажјак“, како извор на сите познати дискриминации во општеството. Според Лук Фери, „живееме во време на раѓање на нова еколошка религија, чиј совршен симбол е младата Грета Тунберг“.
Основната општествена клетка – современото семејство – во оваа нова религија се карактеризира со интерсекциски феминизам, чиишто надвредности задолжително треба да бидат вклучени во сите сериозни демографски проекции. Многу од нив веќе се вметнати и станаа дел од законодавствата на развиените земји.
На пример, во Франција, во атмосфера на општа рамнодушност и без јавна расправа, среде ова жешко лето и кризата со ковид-19, која не стивнува, во речиси празното Собрание се ревидираа биоетичките закони и беа удрени темелите на модерното асексуално семејство.
Се работи за вообичаена метода кога зборуваме за Макрон, бидејќи неговите владејачки прогресивни либерали често ја мешаат демократијата со проширување на индивидуалните права. Текстот на усвоениот закон го одредува начинот на кој може да бидат истражувани ембрионалните станици; кој, како, со паричен надоместок или не, ќе може да ги замрзне ооцитите на жените што го сакаат тоа. Законот за медицински потпомогнато оплодување отсега натаму ќе се однесува на сите жени, значи и на жените самци и лезбејските двојки. Со понатамошните проширувања на индивидуалните права, медицинското оплодување им е овозможено и на транс-мажите, односно на жените што станале мажи, но и покрај тоа би сакале да родат дете. На лезбејските двојки им се овозможува предавање ооцити од едната партнерка на другата, доколку оваа вторава е стерилна, а би сакала да носи и да роди дете што е зачнато со ооцитот на нејзината партнерка. На тој начин, двете жени може да му станат „биолошка мајка“ на детето.
Во целата приказна, сосема незабележано во јавноста помина најзначајниот „удар“ на овој закон врз општеството – фактот дека денес заедницата гарантира право на репродукција за сите граѓани, а се обврзува и да ги плати трошоците на овој креациски егзибиционизам. Наедно, широко му се отвора вратата на профитабилниот бизнис со вештачко оплодување, односно создавање потомство по нарачка.
На прв поглед, инсистирањето на одреден индивидуален, наспроти општиот јавен интерес повеќе е во духот на англосаксонското право одошто на Наполеоновиот законик. Меѓутоа, намерите на законодавците може да се толкуваат и како ефекти од еколошката револуција, која, во согласност со традицијата на Наполеон, носи цела група целосно нови законски текстови (но, овој пат со еколошка и геј-пријателска структура), сосема ослободени од традиционалната верска подлога. Сето тоа со цел човештвото да се подготви за демографски пресврт: премин од еден страв во друг, односно од живот во страв од демографска експлозија, кон живот во страв од изумирање на човечкиот вид, како централна проблематика на 21 век.
Во една така дефинирана рамка, секоја форма на прокреација, независно од изворот од којшто доаѓа, едноставно е добредојдена. Таа му одговара на глобализацискиот идеал за дерегулација и подреденост на државите кон пазарните законитости или, поинаку кажано, преминот од хуманистичка во трансхуманистичка цивилизација.
Соочен со една ваква цивилизациска промена, францускиот „народен“ филозоф Мишел Онфреј се смести себеси меѓу биоконзервативците – тие што се против биоетичкиот закон и тежат кон реставрација на традиционалното семејство, националниот идентитет и републиканските традиции.
Дистописка визија за општеството
Францускиот „народен“ филозоф Мишел Онфреј предупредува: „Сакате ли трансхуманистите да ви ги кројат законите? Односно, сѐ да биде на продажба? Продадено – купено. Сѐ се вклопува. Кој ја сака Европа од Мастрихт? Глобалниот пазар. Кој сака трансхуманизам? Глобалниот пазар.“ А ние може да додадеме: Кому му треба укинување на сите ограничувања помеѓу техниката и индивидуалните желби? На трансхуманистите. Кому му требаат трансхуманистите? На новиот, прогресивен поглед кон светот на кои „зелените“ им даваат боја. А кој не би можел да ги сака „зелените“? Ја напуштија класната борба и се посветија на глобалните проблеми за спасување на планетата и истребување на сите форми на дискриминација, освен онаа темелната – социјалната дискриминација. Доброволно продолжуваат со ограничување на сопствената репродукција, производството и потрошувачката и се противат единствено на популизмот – производ од расчекорот помеѓу обилната политичка еколошка понуда и незадоволената побарувачка за политички програми со кои би се сопрел растот на нееднаквоста.
Најекстремните меѓу либералите – неолибералите – ги занемаруваат националните и прибегнуваат кон позитивните светски статистики, со цел подигање на моралот кај популацијата. Пинкер оди уште подалеку и ги обвинува медиумите, велејќи дека шират лажна „дистописка визија за општеството“, онаа што наликува на провалија без дно за нееднаквоста, расизмот, тероризмот, насилството и невработеноста. Се проповеда (во стилот на западните владејачки класи) дека на популацијата всушност ѝ е добро, но дека не е свесна за тоа.
Иако е јасно дека медиумите „во медицински мали дози“ пренесуваат за реалната состојба на национално ниво, па така и за фактот дека стандардот на средната класа во развиените држави (значи и во мошне песимистичката Франција) во последниве 30 години постепено се намалува, во корист на стандардот на глобално ниво. Сѐ со цел несразмерно богатење на малата група светски среќници. Развојот на остатокот од планетата претставува само колатерален ефект, генериран од делокализацијата, чија цел е замена на националната работна сила со поевтина странска, единствено заради зголемување на профитот. Затоа денес, иако во помал број, децата на развиениот свет живеат полошо од своите родители. Фактот што поради тоа моментално му е подобро на огромното кинеско население не им е баш некоја голема утеха. Велам моментално, зашто секој планетарен простор, зафатен од ист развоен модел, произведува исти резултати. Оттука, јасно е дека со глобализацијата, планетарен стана и трендот на опаѓање на наталитетот.
Нови глобални демографски проекции
Новите студии покажуваат дека Малтузовото сценарио за демографско-економска катастрофа – ситуација во која светското население би се зголемувало со таква брзина, што би станало невозможно да се нахрани (15 до 20 милијарди луѓе) – во реалноста никогаш нема да се случи. Денес експертите предвидуваат спротивна ситуација. Според студијата (2020) на американскиот Институт за здравствена процена и метрика, светската популација би требало да порасне од 7,8 на 9,7 милијарди до критичната 2064 година, по која би почнала да опаѓа до 8,8 милијарди до крајот на веков и овој тренд би продолжил понатаму.
Имено, без оглед на силниот диспаритет, наталитетот опаѓа речиси насекаде во светот или, пак, сите показатели укажуваат дека ќе паѓа. До 2050 година, фертилитетот би требало да биде помал од 2,1 дете по жена, значи под прагот на генерациска обнова, во ситуација во која популацијата се намалува доколку нема имиграција, како во случајот со 151 од 195 држави во студијата.
Логична последица од ова е стареењето на човештвото. Знаејќи дека секоја нова генерација живее подолго од претходната, во 2100 година луѓето постари од 65 години ќе сочинуваат 23 отсто од целокупното човештво, наместо денешните 10 отсто. Зад кулисите на оваа глобална проекција се кријат дијаметрално различни демографски проблеми на северната и на јужната хемисфера. Така, во следниве 30 години, популацијата на супсахарска Африка ќе биде речиси удвоена, па затоа е потребна – повеќе од кога било – итна стабилизација на државните институции во овој регион и негов економски развој. Од друга страна, популацијата на некои држави спектакуларно ќе се намали. Во Европа, на пример, во Бугарија и во Италија, бројот на жители би можел да биде преполовен. По примерот на Јапонија, цела Источна Азија ќе биде атрофирана. Во следниве осумдесетина години, се предвидува дека Кина ќе остане без половина од своите човечки ресурси. На истиот хоризонт, Индија брзо би ја престигнала Кина – која би била трета држава со најмногубројно население, зад Нигерија – а по нејзиниот пат би тргнале и САД и Пакистан. Сосема е евидентно дека овие пресврти ќе го променат односот на силите на геополитичката сцена, па така, по САД и ЕУ, и остатокот од светот наскоро ќе мора да се позанимава со фундаменталната миграциска и еколошка проблематика. Конечно, откако изминатиот век човештвото го помина во страв од неконтролиран раст на популацијата, крајот на овој век ќе биде обележан со страв од исчезнување на човечкиот вид.
Предизвиците на светот во кој недостигаат младите
На прв поглед, стареењето и демографскиот пад се добри вести за нашата планета. Демографскиот пад – затоа што температурата на Земјата расте во согласност со растот на населението. Стареењето – затоа што светот со повеќе седи коси би требало да биде помалку склон кон војување.
Меѓутоа, така е само на прв поглед. Прво, затоа што проблемот со финансирање на пензиите за пензионерите што живеат сѐ подолго, ќе прерасне во планетарен проблем и ќе биде нагласен во државите во развој, чии системи за социјална заштита се многу кревки или воопшто не постојат. Второ, помал број младо активно население значи и помал динамизам и креативност за изнаоѓање спасоносни технолошки солуции.
Ад хок решение за одржување на економскиот раст (и покрај стареењето на населението во САД, Европа и во Источна Азија) е компензирањето на демографскиот дефицит со емигранти. Меѓутоа, мултикултурализмот, кој не е поддржан од политички концепти како оној францускиот (Франција ја поддржува асимилацијата), ги храни антимигрантските дискурси и социјалните тензии до граница на граѓанска војна, па затоа би можел да предизвика повеќе штета одошто корист. Дотолку повеќе што, со оглед на новите глобални демографски проекции, прераспределбата на човечки ресурси и онака не може да го спаси човештвото од глобална изложеност на изумирање. Оттука е и обидот со наметнување прогресивен светоглед, еколошка религија и трансхуманизам, како гаранти за зачувување на супериорноста на пазарните закони над оние државните – односно, либералниот начин на пазарна економија, смета д-р Вујачиќ.
Во таа смисла, најдалеку оди јапонскиот метод, кој налага: наместо преодна фаза на отворена миграциска политика, прифаќање на демографскиот пад и приспособување начин преку кој падот на продуктивноста ќе се компензира со роботи и вештачка интелигенција. Меѓутоа, Дарел Брикер, кој заедно со Џон Ибитсон е автор на доста читаниот есеј за демографскиот пад како централен проблем на 21 век, предупредува дека ваквата компензација, иако ефикасна во однос на продуктивноста, сепак не може да го спречи падот на потрошувачката. Кој во Јапонија (држава со најстаро население во светот, во која веќе денес еден од четири жители е сениор) ќе купува нови производи, кога бројот на жители до 2100 година ќе падне од 125 на само 60 милиони?
Бугарија го има најбрзиот депопулациски процес во светот
Постојат голем број обиди за стимулација на наталитетот со финансиски инјекции или административни мерки. Така, Кина одобри раѓање трето дете, но не се очекува некој позначаен напредок, бидејќи што значи да им дозволите на луѓето да имаат повеќе деца, ако тие не го сакаат тоа? Унгарскиот претседател Орбан, свесен дека до 2050 унгарската популација ќе се намали за дури 10 отсто, реши да води активна пронаталитетна политика. Меѓутоа, искуството на државите што се обидоа да го прават ова пред Унгарија укажува дека на тој начин е возможно да се забави демографскиот пад, но не и да се смени трендот.
Поради фамозната стапица наречена „ниска плодност“, откако имањето едно или две деца ќе стане норма, тоа така и ќе остане. На пример, Унгарија уште во 1980-тите почна да се соочува со феноменот на младешка имиграција, па оттука е нејасно како финансиската државна помош за новородени деца би можела да промени нешто. Очигледен пример за остар демографски пад (последица на емиграција) претставува случајот со Бугарија. Откако се тргна железната завеса, Бугарија го има најбрзиот депопулациски процес во светот: на крајот на 1980-тите имаше девет милиони жители, денес ги има седум милиони, а според проекциите на ОН, во 2050 година ќе има само 5,4 милиони. Најголем дел од бугарските емигранти се од село, па сходно на тоа, најновите анализи укажуваат дека доколку не се стори ништо по тоа прашање, две третини од бугарската територија ќе се претворат во „демографска пустина“.
Оттука произлегува заклучокот дека секоја акција што го препознава демографскиот пад како најголем предизвик на овој век е подобра од сегашнава пасивност. Внатрешната миграција (исток – запад) на територијата на Европа накратко ја промени западната демографска слика. Сепак, таа не е решение. Наскоро и другите западни држави ќе се најдат во ситуацијата на Италија, во која наталитетот опаѓа уште од 2008 година. Овој пад следуваше по растот на невработеноста, за во 2020 година да досегне најниска стапка, која изнесува 1,24 деца по жена. Со просечна возраст на населението од 47 години, Италија веќе сега е најстара држава во Европа, во која 64 отсто од помладите од 34 години сѐ уште живеат кај своите родители.
Додека на Италија ѝ фалат деца, а бугарската територија се празни од население, пренаселениот најголем нигериски град Лагос пука по шевови. Во овој африкански економски центар се натрупани речиси 20 милиони луѓе.
Првично изграден на лагуна, овој мегаград тешко дека може и понатаму да се шири. А сепак, според студијата на ОН, во следните 30 години, бројот на жителите во Лагос би требало да се зголеми дури за 2,5 пати.
За да се смири приливот на мигранти во Лагос, околните африкански држави би требало да ги подобрат своите услови за живот – што претставува невозможна мисија во услови кога емиграцијата им служи на неспособните влади како издувен вентил со кој се спречуваат социјални немири и одржува системска корупција.
Демографските трендови директно влијаат врз еволуцијата на голем број геополитички прашања. Така, во 1990-тите, Јасер Арафат се фалеше дека негово најсилно оружје е стомакот на арапските жени. Во тоа време, палестинските жени просечно раѓаа 8,3 деца, значи трипати повеќе од жените во Израел. Во меѓувреме, поради економски проблеми, наталитетот кај Палестинките падна на 3,8 деца по жена, па сега е само малку над израелскиот каде што – под влијание на ултраортодоксните Евреи – наталитетот не престанува да расте и до 2050 година ќе се удвои. На истокот од Европа, Русија не ја дотолчи падот на комунизмот, но би можеле да ја дотолчат нискиот наталитет и краткиот животен век, поради кои таа денес има помалку жители одошто во ерата на комунизмот.
Имајќи го предвид целиот овој контекст, сметам дека вештачката интелигенција и техниките на вештачко оплодување може да бидат силно оружје што ќе донесе победа во кинеско-американската борба за улогата на светски техно-хегемон. Се чини дека на Земјаните сѐ поблиски им изгледаат футуристичките приказни, како онаа филмската, по име „Островот“. Во неа главните јунаци припаѓаат на подземната колонија Производи – клонови што живеат во убедување дека се изолирани и затворени поради еколошка катастрофа, која го оневозможува дишењето на Земјата. Всушност, се работи за неколку моќници, сопственици на колонијата, кои плаќаат за „одгледување“ клонови, сакајќи да си обезбедат резервни телесни делови за продолжување на својот животен век и за достигнување на трансхуманистичката цел – бесмртноста.
Анализа на д-р Сања Вујачиќ за „Геополитика њуз“