Македонија долги 16 години чека датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, соочувајќи се постојано со нови барања, уцени, услови итн. И одеднаш, изненадувачки за многумина, Словенија излегува со нов предлог, според кој, во рок од осум години или најдоцна до 2030 година, целиот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, треба да стане дел од ЕУ. Дали е ова уште една тактичка игра на време и нерви на ЕУ? Кој стои зад словенечкиот предлог? Го губи ли Америка трпението, па брза да го заокружи процесот на проширување? Ова се само некои од дилемите и прашањата што се наметнуваат и на кои побаравме одговори од релевантни извори
Нов предлог на Словенија, до 2030 година целиот Балкан да влезе во ЕУ
Словенечкото претседателство со Европската Унија побара цел Западен Балкан да биде примен во Унијата до крајот на деценијата, најавувајќи исклучително амбициозен план, што за Македонија би значело враќање на земјата на брзиот колосек на евроинтеграциите, но и дополнителен стимул за спроведување на неопходните реформи во најкраток можен рок.
Земјава веќе долги 16 години чека датум за почеток на пристапните преговори, но се чини дека чекајќи датум доби временска рамка, во која би можела да стане дел од европското семејство.
Тој рок од осум години во однос на сегашната пат-позиција на Македонија во преговорите со Бугарија за земјава изгледа како „брза пруга“ кон ЕУ и некакво светло во тунелот, иако ни најголемите оптимисти не се надеваат дека тоа е реално остварливо.
Прашање е дали Словенија има толкава моќ сама да им наметне таква агенда на една Германија, Франција, Холандија, кои во овој момент се најмалку фокусирани на проширувањето, а многу повеќе на борбата за превласт и влијание внатре во Унијата, каде што блоковската поделеност станува сè поизразена или, пак, зад словенечкиот предлог стои и некој друг. На тоа потсетува и весникот „Фајненшел тајмс“, според кој, преостанатите членки на Унијата останале „занемени“ пред словенечките планови.
Гледано низ таа призма, словенечкиот предлог за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година, во моментот повеќе наликува на „научна фантастика“ отколку на реален тек на процесите.
Многу поверојатно е словенечкото претседателство со ваквиот предлог да сака да ја протне точката за проширување на утрешниот самит на ЕУ со земјите од Западен Балкан на Брдо кај Крањ, наспроти плановите на европските партнери, кои инсистираат средбата да биде исклучиво за економско закрепнување на регионот, без да се споменува проширувањето. Потврда дека тоа е така стигна од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој веднаш по словенечкиот предлог испрати порака до сите учесници на утрешниот самит дека на таа средба нема да се разговара за проширувањето на ЕУ, туку за економско закрепнување на регионот.
– Самитот ЕУ – Западен Балкан во Словенија на 6 октомври уште еднаш ќе укаже на стратегиската важност на регионот за Унијата – порача Мишел, не кажувајќи ништо ново и поразлично од она што неодамна на балканската турнеја го истакна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Состанокот на Брдо кај Крањ најдобро ќе покаже дали словенечкиот предлог за „брза пруга“ кон ЕУ за Македонија и за земјите од регионот е реално остварлива цел или, пак, уште едно расфрлање со празни флоскули само за мотивирање на земјите, кои веќе полека креваат раце од идејата за обединета Европа и европски вредности, со што се отвора простор за други влијанија, на кои се противат Брисел, но и Вашингтон.
Директорката на Институтот за европски политики, Симонида Кацарска, смета дека Македонија не треба многу да очекува од ваквиот предлог.
– Реакцијата на лидерите во ЕУ на поставувањето датуми е вообичаено негативна, поради што не би требало да очекуваме многу од овој предлог. Сепак, комплетирање на проширувањето во една декада е реален процес доколку постои волја кај државите-членки, посветеност од страна на европските институции и државите-кандидати кон реформите – вели Кацарска.
Според неа, ниту кај европските институции постои реална желба за проширувањето ниту, пак, кај земјите-кандидати има доволно волја за реформи.
– За жал, во примерот на Западен Балкан ниту една од овие компоненти не е исполнета, поради што тешко можеме да очекуваме таква форма на промена на политиката на проширување на краток, а веројатно и на среден рок – категорична е Кацарска.
Слободан Зечевиќ од Институтот за европски студии во Белград не исклучува можност зад словенечкиот предлог сите земји од Западен Балкан да бидат примени во ЕУ до 2030 година да се крие американски притисок.
– Сметам дека ова е некаков обид да се лансира една иницијатива што би говорела за тоа дека во скоро време, односно во некој релативно близок рок, сите држави од Западен Балкан треба да бидат примени во ЕУ. Кој стои зад Словенија, не знам. Дали е тоа некаква американска идеја, американска иницијатива, бидејќи Американците веќе стануваат нервозни поради моменталната состојба и нерешителноста на ЕУ во врска со приемот на нови членки, што создава нестабилност на овој простор – вели Зечевиќ.
Тој изрази скепса дека воопшто е можно сите земји од регионот да станат членки на ЕУ до крајот на деценијата, со оглед на различното ниво во процесот на интеграција во Унијата, притоа додавајќи дека САД ќе продолжат со притисокот, бидејќи не сакаат поради нерешителноста и неспособноста на ЕУ да го загубат влијанието во Западен Балкан.