„Политико“: Бугарските силеџиски тактики се крајно несоодветни на ниво на ЕУ

Дипломатите во ЕУ се фрустрирани од однесувањето на Бугарија, која кочи важна агенда со целосно домашен проблем што би било најдобро да се реши билатерално со Македонија, пишува бриселски „Политико“.
„Бугарските силеџиски тактики може да функционираат во решавањето на проблемите во подземјето на Софија, но се чини дека се крајно несоодветни на ниво на ЕУ“, изјавил дипломат на ЕУ.
Според „Политико“, ако Бугарија, изолирана каква што е, продолжи со својот бескомпромисен став, ќе ја изгуби секоја преостаната добра волја што можеби ја уживаше меѓу земјите-членки. Притоа се потсетува дека бугарското министерство за надворешни работи инсистира на ставот дека сегашното решение „не ги задоволува законските гаранции што ги бара Бугарија“.
„Политико“ исто така потсетува дека Бугарија ја информирала Европската комисија дека „не може да ја прифати предложената преговарачка рамка за почеток на преговори со Северна Македонија“. Тоа, како што се вели, ја загрозува целта на германското претседателство со ЕУ за почеток на преговорите оваа година.
„Бугарија и Северна Македонија имаат спор за историјата и јазикот, при што Софија бара Скопје да признае дека државата и нејзиниот јазик имаат бугарски корени, и ги отфрла тврдењата дека постои македонско малцинство во Бугарија“, пишува порталот.


Казнети 306 лица зашто не носеле маска

Полицијата вчера казнила 306 лица за неносење маска.
„Во текот на изминатото деноноќие (8/9.11.2020) на територијата на Република Северна Македонија во однос на мерката за носење лична заштита на лицето се регистрирани 306 прекршоци“, соопшти МВР.
Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата за справување со ковид-19.


Судот во Стразбур ѝ наложи на Македонија да им исплати надомест на Роми малтретирани од полицијата

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во корист на двајца тужители Роми, застапувани од страна на Европскиот центар за права на Ромите (ЕЦПР), кои биле малтретирани додека биле малолетни од страна на полицијата во Скопје во 2014 година.
„Судот ѝ наложи на Владата да им исплати на Ромите, кои се сега на возраст од дваесет и три и од деветнаесет години, износ од 7.500 евра, и тоа поединечно“, се наведува во соопштението.
Претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ, рече дека е вознемирувачки да се види дека правдата за овие деца очигледно не може да се добие во Македонија.
„Познато ни е дека овој вид расистичко насилство се случува постојано. Ромите треба да бараат потпора од судот во Стразбур за воопшто да добијат каков било вид правда“, вели Јовановиќ.