Ги пречекоруваат ли дипломатите своите овластувања во земјава?
Дали и колку дипломатите ги пречекоруваат своите овластувања во Македонија? Дали ваквите состојби се резултат на државните политики на некои од земјите, кои и преку дипломатијата наметнуваат пресинг за остварување свои геостратегиски цели? Или можеби некои од дипломатските претставници имаат амбиции своите професионални ангажмани да ги предимензионираат и да се наметнат како амбасадорски авторитети во земјава? Домашните аналитичари и познавачите на состојбите коментираат дека за практиката на сѐ почесто натрапничко дејствување на дипломатите во нашата земја вина носат и домашните политичари, кои скоро редовно бараат помош, консултации и вклучување на меѓународната заедница, дури и за прашања од внатрешнополитички карактер
Прашањето дали и колку дипломатите ги пречекоруваат своите овластувања во Македонија одново се реактуализира по соопштението на Дипломатскиот клуб на Македонија. Во соопштението оваа организација реагира дека израелскиот амбасадор во земјава Ден Ориан ги пречекорил своите надлежности со дадените изјави за време на неодамнешната комеморативна манифестација по повод 81-годишнина од нацистичката Кристална ноќ во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје. Дипломатскиот клуб во соопштението до медиумите пишува дека дипломатскиот статус и настапите на секој странски претставник подразбираат активности во согласност со нормите на Виенската конвенцијата за дипломатски односи од 1963 година, па оттаму сметаат дека амбасадорот Ден Ориан ги пречекорил во своето излагање на 9 ноември 2019 година, искажувајќи неприфатливи и тенденциозни ставови и мислења за односите и состојбите во одделни субјекти во Македонија. Имено, амбасадорот Ден Ориан потпирајќи се на субјективни перцепции оформени „од втора рака“, за одредени состојби со еврејските споменици во Македонија, како и негови субјективни впечатоци во врска со Фондот на холокаустот и за средствата од него, отворено бара ревизија, но и редистрибуција на средствата за, како што вели, „други, посоодветни цели“. Тенденцијата во изјавата се огледува и во тоа што амбасадорот повикува и на кадровски промени. Тој сугерира и „промени на начинот на користење на парите, на приливите од влезниците во Музејот на холокаустот“ и сл., дипломатски обвинувајќи за, во најмала рака кажано, „недоследности“ на домашните институции.
Реакција на Дипломатскиот клуб на Македонија
Од дипломатската организација во документот го запрашуваат амбасадорот како мисли да среди тој работи во друга, суверена земја.
– Сметаме дека со ваквиот настап амбасадорот Ориан ја злоупотребил манифестација во Институтот за изнесување лични ставови, што веруваме дека не кореспондираат со официјалната политика на неговата земја. Според сознанијата на членовите на Дипломатскиот клуб, ова не е првпат амбасадорот Ориан да се поставува патерналистички кон еврејските организации и институции во нашата земја па зачудува дека во нашата јавност нема сѐ уште официјална реакција во одбрана на интересите на засегнатите македонски субјекти – се додава во документот до јавноста.
Од друга страна, претседателот на Дипломатскиот клуб Виктор Габер, во изјава за „Нова Македонија“ коментирајќи ги овие случувања, истакна дека неговата функција во организацијата му налагала по одржан состанок на темава да испрати соопштение со кое ќе ја информира јавноста за овие активности.
Габер додава дека нашата држава памети повеќе случаи во кои дипломатите како сега ги пречекорувале своите овластувања, а како најкритичен период за вакво дипломатско дејствување го посочи периодот за време на воената криза во земјата.
Дипломатот вели дека државата односно МНР поседуваат механизми како да се коригираат овие дејствувања, а тие како професионални дипломати дел од клубот биле должни да реагираат.
МНР излезе со свој став за случајот
За овие случувања, и за тоа како државата гледа конкретно на овие појави и состојби, побаравме одговор и од Министерството за надворешни работи.
Оттаму додаваат дека Министерството за надворешни работи го забележува соопштението за јавноста на Дипломатскиот клуб на Република Северна Македонија.
– МНР укажува дека Дипломатскиот клуб е невладина организација, која има право да се произнесува по прашања од јавен интерес. Истовремено, МНР ги разгледува наводите изнесени во соопштението на Дипломатскиот клуб и го задржува правото, во случај на потреба, да преземе соодветни активности, во согласност со Виенската конвенција и добрите практики во меѓународните односи – се вели во одговорот на министерството.
Инцидентноста станува дипломатска практика
Во контекст на актуелните случувања, многумина веруваат дека слично на изјавите на израелскиот дипломат може да се вброи и неодамнешното однесување на францускиот амбасадор во државата Кристиан Тимоние, кој честопати јавно коментира прашања поврзани со уставното уредување на државата, а неодамна дури и се сретна со претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати. По состанокот Тимоние изјави дека тој ќе го поддржи Уставниот суд да може што подобро да се вклопи како во политичкиот систем, така и во самото општеството на Македонија.
Во сублимиран заклучок стручната јавност со која се консултиравме вели дека во одредени случаи дипломатите ги пречекоруваат границата и овластувањата што ги носи нивниот статус во земјата, па на овие дејствувања се случува да има и реакции од Министерството за надворешни работи, но и директни ноти до дипломатите да не упатуваат такви сугестии што може погрешно да бидат сфатени.
Според познавачите на случувањата, дипломатите понекогаш прават повеќе отколку што им дозволуваат овластувањата, а сето тоа се должи на климата што со години ја создал домашниот политички естаблишмент дозволувајќи дипломатите да дејствуваат на овој начин.
Поранешниот амбасадор Звонимир Јанкуловски вели дека во земјава честопати може да се забележат случаи во кои одредени дипломати по своето дејствување излегуваат од дипломатската практика на постапување.
Според Јанкуловски, најчесто овие престапи на дипломатите во Македонија се однесуваат во делот на нивното дејствување, кое оди во спротивност од Виенската конвенцијата за дипломатски односи.
– Често одреден дел од дипломатите не се придржуваат до одредбите на Виенската конвенцијата за дипломатски односни, кои важат за нив како акредитирани амбасадори во Македонија, со која се забранува мешање во внатрешните настани и политика на државата домаќин – вели Јанкуловски.
Според него, кај нас во земјата многу години спротивно од меѓународните правила постои клима во која дозволивме амбасадорите да го определуваат текот на внатрешните настани и политика, па дури и да ни кажуваат што треба да правиме, а што не треба.
Дипломатот вели дека за ваквите состојби се виновни претставниците на домашниот политички естаблишмент, кој низ годините дозволил ова дејствување на амбасадорите да стане секојдневие и тие во земјата да имаат одлучувачка улога во политиката, наместо да се трансмитери на ставовите на своите матични земји. Сепак, Јанкуловски додава дека ваквата состојба не важи само за Македонија, туку слични се состојбите и во сите државите од нашето опкружување.
Сличен став со Јанкуловски има и Ристо Никовски, кој вели дека странските амбасадори во Скопје се однесуваат надвор од нивниот мандат што го добиваат од Виенската конвенцијата за дипломатски односи.
– Тоа е случај веќе подолго време и очигледно нашата земја овие состојби ги толерира, па оттука и токму затоа амбасадорите така се однесуваат. Да потсетиме дека американските амбасадори во земјава, но и оние на другите држави честопати се однесуваат како да се избрани гувернери на нашата држава и ни диктираат што и како треба да правиме – вели Никовски.
Според Никовски, во тој контекст на однесувањето се и изјавите на актуелниот израелски амбасадор Ден Ориан во Македонија, при што тој истакнува дека „сѐ додека ние молчиме на таквото третирање и понижување на нашата земја, не треба да се очекуваат никакви промени во овие случувања“.
Ден Ориан: Бев изненаден од изјавата на Дипломатскиот клуб
Редакцијата на „Нова Македонија“ го контактираше и израелскиот амбасадор во земјава Ден Ориан да даде свое видување за актуелните случувања. Во одговорот за нашиот весник амбасадорот вели дека државата Израел придава огромно значење кон негување и развој на односите со Република Северна Македонија.
– Имаме развиено партнерство на повеќе полиња. Земјата ја сметаме за наш близок соработник и партнер. Еврејските прашања се значајна компонента во агендата на државата Израел. За овие прашања државата Израел работи активно со голем број влади, со меѓународни организации и со еврејски заедници низ светот, градејќи коалиции за промовирање на свеста и партнерство за важните теми за реституцијата на еврејската сопственост, зачувувањето и меморијата, еврејско културно наследство и образованието за холокаустот. Еврејското прашање е централно во мојата активност како амбасадор во Република Северна Македонија. Јас водам дијалог со многу партнери на различни нивоа, со Владата и институциите. Бев изненаден од изјавата на Дипломатскиот клуб. Сигурен сум дека клубот ќе ме исконтактира и директно, за да ги придвижиме работите напред заедно, сигурен сум дека може да им биде од голема помош на целите, кои ги споделуваме заедно – вели амбасадорот.
Дипломатот додава дека во духот на мандатот на Министерството за надворешни работи на Израел ќе продолжат да инсистираат на потребата од транспарентност и одговорност на институциите, кои се занимаваат со еврејските прашања и ќе продолжат да поддржуваат и да учествуваат во значајните проекти за зачувување и комеморација на еврејската историја пред Втората светска војна, трагичното минато и за време на холокаустот, со намера овие елементи да го добијат вистинското место во јавниот дискурс и активностите.
– Како и секогаш што правев во минатото, ќе бидам повеќе од среќен да го проширам дијалогот за еврејската приказна да биде слушната. Со надеж дека ќе ги видиме членовите на Дипломатскиот клуб и лидерите на Еврејската заедница и организација да маршираат заедно во март на „Маршот на живите“ во Битола (Монастир) – вели амбасадорот Ориан за „Нова Македонија“.