Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, вчера оствари прв контакт со членови на новата грчка влада на премиерот Киријакос Мицотакис. Како што информираат грчките медиуми, средбата на шефот на дипломатијата Димитров со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис и министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, била на маргините од конференцијата на „Економист“ во Атина каде што главна тема на разговор со новите власти во Грција бил фокусот на имплементација на Преспанскиот договор. Во изјава за медиумите, Димитров вели дека ќе биде потребно да се работи на градење доверба, но и да има поголема надеж дека започнатиот ритам на средби со претходната, ќе продолжи и со новата влада. Според македонскиот шеф на дипломатијата, Грција не би требало да го блокира почетокот на пристапните преговори со Македонија со ЕУ, туку напротив да ја поддржи и европеизацијата на нашата земја.
– Договорот е мост кон пријателство, па и стратегиско партнерство. Суштински е во интерес и на Грција не само во интерес на Северна Македонија. Во таа смисла, јас секогаш сум внимателен во однос на очекувањата, бидејќи не сакам да бидам изненаден, но мојот главен впечаток е дека главната порака беше сега треба да се фокусираме на имплементација. Мислам дека како ќе се зголемува довербата и блискоста и со новите одлучувачи во Атина, така и кај нив ќе станува јасно тоа што е добро за нас е добро и за Атина. Како што нам сега ни е јасно дека една политички стабилна и економски успешна Грција, е добро за нас како сосед и мислам дека тука ќе треба да вложуваме и да се гледаме често – вели Димитров.
Македонскиот министер за надворешни работи вели дека пред да дојде Нова демократија на власт постоеле стравувања дека е можно новата партија да нѐ блокира, меѓутоа сега според него и посетата во Атина, пораките се некако поразлични и позитивни. Според Димитров, од новите власти во Атина тој очекува поддршка, а не блокада на нашиот евроатлантски пат.