Делегацијата на Владата предводена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на покана на Владата на Обединетото Кралство, на 10 и 11 јули 2019 година, ќе престојува во работна посета на Лондон.
Министрите Димитров и Поповски ќе учествуваат на дводневната Меѓународна конференција за слобода на медиумите, којашто за прв пат во ко-организација на Обединетото Кралство и Канада оваа година се одржува во Лондон, а следната година ќе се одржи во Канада.
Шефот на делегацијата на МНР Димитров ќе биде дел од панелот „Слободата на медиумите во Западниот Балкан и нови начини на работа“. На вториот ден од Конференцијата, министерот Димитров ќе биде говорник на панел-дискусијата „Што можат да сторат Владите за да ја зголемат медиумската одржливост?“.
Министерот Димитров ќе учествува и на пленарни сесии и работна вечера во организација на домаќинот и ко-организаторот на Конференцијата, односно со министрите за надворешни работи на Обединетото Кралство и на Канада, Џереми Хант и Кристиа Фриланд.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, пак, ќе има свое обраќање во рамките на Националните изјави, а ќе учествува и на тркалезна маса „Кампања за слобода на медиумите: кон 2020 – одржување на влијанието“.