Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска оствари средба со шефицата на Специјалната изборна оценска мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Лаима Лиусија Андрикиене, а во контекст на набљудувањето на предвремените парламентарни избори на 15 јули годинава.
На средбата, министерот Димитров изразил благодарност до ОДИХР за брзото распоредување на набљудувачката мисија, при што ја истакнал подготвеноста на институциите да обезбедат неопходни услови за успешно набљудување на изборите од страна на мисијата, во актуелните околности.
– Цврсто сум убеден дека и овој изборен процес уште еднаш ќе ја потврди македонската демократија, каква се очекува од земја членка на НАТО и од земја која забрзано се движи кон ЕУ – истакнал Димитров.
Шефицата на набљудувачката мисиј информирала за досегашните активности, при што истакнала дека набљудувањето на изборите, со оглед на здравствената криза, ќе биде спроведено со помала мисија која има целосен мандат да ги набљудува сите аспекти на изборниот процес.