Парадоксална е ситуацијата да се бара политички азил во земја-членка на ЕУ од личност во чие време на владеење земјата-кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од самата Европска комисија, му рекол министерот за надворешни работи Никола Димитров на унгарскиот колега Петер Сијарто, во вчерашниот телефонски разговор во врска со поднесеното барање за азил до унгарските власти од страна на осудениот пратеник и поранешен премиер Никола Груевски.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Димитров посочил и дека во случајот станува збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела и ја истакнал важноста на принципот на владеењето на правото, кој претставува темелен европски принцип.
– Сијарто ја потврди информацијата дека Никола Груевски поднел барање за азил до надлежните унгарски власти и дека правната процедура е веќе почната. Притоа, тој нагласи дека унгарската поддршка за реализација на аспирациите за европска и евроатлантска интеграција на Република Македонија, како и добрата билатерална соработка меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина – информираа од Министерството.
Како што објави претходно агенцијата Ројтерс, унгарската влада потврди дека Груевски изразил намера оти ќе бара азил во унгарско дипломатско претставништво надвор од Македонија. Гергели Гулаш, шефот на кабинет на унгарскиот премиер Виктор Орбан, одбил да каже во која земја побарал Груевски азил и како стигнал до Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта, каде што официјално ги поднел документите.