Со 10.000 полицајци на Фронтекс, ЕУ планира да ги заштити своите граници од надворешно влијание и со тоа да го зголеми нивото на безбедност на државите во Унијата. Ваков заклучок неодамна беше донесен од министрите за внатрешни работи на Европската Унија, кои се заложија за зајакнување на заштитата на надворешните граници на Унијата.
Според нив, сигурноста на европските граѓани зависи токму од решавањето на прашањето со мигрантите и од заштитата на деловите од Стариот Континент што за време на кризата во 2015 година и сѐ уште се зафатени со напливите на мигранти. На состанокот на министрите за внатрешни работи на Европската Унија во австрискиот град Инсбурк уште еднаш е потврдена нивната заложба за поголема контрола на надворешните граници на Унијата.
Според претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, овој план ќе се спроведува порано од планираното и зголемувањето на бројот на припадници на Фронтекс ќе биде направено до 2020 година, а не како што беше првично планирано до 2027 година.
Според австрискиот министер Херберт Кикл, меѓу лидерите на Унијата има широк консензус за ставање поголем фокус врз ова прашање.
– Ако сакаме да ја спасиме шенгенската зона – што е она што сите го сакаме, тогаш мораме да создадеме заштита за нашите надворешни граници и систем за азил – изјавил австрискиот министер.
Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер заштитата на границите ја оправдал со оцена дека прашањето на миграцијата е клучно прашање за луѓето во Европската Унија.
Комесарот за миграција на ЕУ, Димитрис Аврамопулос, најави формирање европска погранична полиција со постојан корпус.
– Во однос на нашите надворешни граници, наскоро ќе предложиме зајакнување на капацитетот и мандатот на европската гранична и крајбрежна стража за да ги заштитиме нашите надворешни граници. Ќе предложиме вистинска европска гранична полиција и ќе формираме постојан корпус од 10.000 европски граничари до 2020 година. Ова особено ќе ѝ овозможи на агенцијата да ја засили својата поддршка за сите земји-членки во секое време – изјавил комесарот.
Аврамопулос оценил дека во моментов Европа веќе не се наоѓа среде голема миграциска криза, како пред три години, а тоа е резултат на преземените мерки, кои треба постојано да се надградуваат, за да не се повтори мигрантската криза во Европа.
Во контекст на Македонија на оваа тема за нотирање е изјавата на канцеларката Ангела Меркел, која вели дека Германија е подготвена да испрати дополнителни полицајци.
– Ќе ги зајакнеме силите на Фронтекс, распоредени во Грција на границата со Македонија и Албанија и особено во Бугарија – изјавила Меркел.
Полскиот премиер, пак, месецов ги поздрави напорите на Македонија за решавање на проблемот со миграцијата на Европа.
Според Матеуш Моравицки, многу е важно она што го прави Македонија во однос на миграцијата, во однос на бегалците.
Тој додаде дека Полска испратила свои гранични службеници да ги поддржат напорите на Македонија за заштита на европските граници.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги овие актуелни случувања, вели дека Европа со 10.000 припадници на Фронтекс планира да ги „бетонира“ своите граници еднаш засекогаш и со тоа да им стави крај на проблемите на Стариот Континент со мигрантите.
Аналитичарот додава дека овие трупи на Фронтекст, кои ќе се распределат најмногу на Балканот, ќе бидат своевидно засилување на постојните граничари на европските држави и со овој чин Брисел практично, но и физички ќе стави точка на безбедносно-хуманитарното прашање што го мачи од 2015 година.