Мерењата на степенот на демократијата што, меѓу другите, и за Македонија редовно ги прават повеќе меѓународни организации, според експертите во земјава, се добредојдени, но не секогаш ја отсликуваат реалната состојба
Дали сондажите и истражувањата на меѓународните организации поврзани со степенот на практикување на демократијата и слободата во Македонија ја отсликуваат реалната состојба е дилемата што се наметна по објавувањето на двете посебни истражувања на оваа тема од страна на британски „Економист“ и на меѓународната организација „Фридом хаус“, и тоа во рок од само неколку месеци.
Имено, според најновото истражување на британскиот магазин „Економист“, Македонија изминатава година напреднала за десет позиции во споредба со предминатата година, и се наоѓа на 78-то место од вкупно 167 држави од светот, со резултат од 5,87 поени, на скала од нула до 10, каде што повисоката цифра означува подобра демократија. Македонија, според тоа, се вбројува во групата земји категоризирани како „држави со хибридни режими“. Во истата категорија Македонија беше ставена и четири месеци претходно, во извештајот на „Фридом хаус“, во кој исто така е забележан напредок.
Сепак, експертите констатираат дека овие истражувања, иако позитивно се изјаснуваат за нашата држава, во својата суштина не можат целосно да ја отсликаат состојбата на демократијата во Македонија. Според нив, тоа се должи пред сѐ на фактот дека резултатите од истражувањата зависат од државите што ги спонзорираат.
Па, така, доколку истражувањата доаѓаат од земји пријатели на Македонија, како САД и Британија, тогаш нивните резултати се позитивни, но доколку потекнуваат од земји што немаат блиски релации со нашата, тие некогаш може и да се критички.
Политикологот Димитар Димов вели дека сондажите не нудат комплетна слика за земјата, но, сепак, можат донекаде да проценат во каква политичка состојба се наоѓа таа. Сепак, како што вели, овие сондажи и нивните резултати се добра основа врз која надлежните во земјава би требало да ги креираат државните стратегии за подобрување на слободата на граѓаните и за практикувањето на демократијата во Македонија.
Инаку, според истражувањето на „Економист“, кога станува збор за регионот, Македонија се наоѓа зад Словенија (на 36-то место), Грција (39), Бугарија (46), Хрватска (60), Србија (63) и Албанија (76), а е подобра од Црна Гора (81) и од Босна и Херцеговина (101).
Според Индексот на демократија, земјите што имаат од нула до четири поени се заведени под категоријата „авторитарни режими“, од четири до шест се „хибридни режими“, од шест до осум се „недоволни демократии“, додека тие што имаат од осум до 10 бода спаѓаат во категоријата „целосни демократии“.
„Економист“ истакнува дека во неговото истражување од петте категории што ги оценува индексот и кои го сочинуваат вкупниот резултат, Македонија има најголем проблем со политичката култура, каде што има само 3,75 поени, а највисок резултат има во категоријата граѓански слободи 7,06. Политичкото учество на граѓаните, пак, е оценето со 6,67, изборниот процес и плурализмот имаат 6,50 поени, а демократското функционирањето на Владата добило 5,36 поени.
Магазинот во своето истражување нотира дека во последниве 12 години, откога Македонија е вклучена во анкетата, таа осетно позитивно напредува во последниве две години, иако сè уште е далеку од својот најдобар рејтинг постигнат во 2006 година. Британското истражување истакнува дека најголем пад на демократијата во Македонија е регистриран во 2016 година, кога земјава имала резултат од само 5,23 поени на скалилото.
Претходно, пак, беше објавен извештај со наслов „Ослободување на заробената држава“, кој го публикуваше меѓународната организација што го мери степенот на слобода и демократија во земјите во светот „Фридом хаус“.
Според извештајот на оваа организација, Македонија е сместена во групата земји во транзит или држави со „хибриден режим“ и е забележано дека земјата првпат од 2010 година ја запира надолната траекторија и бележи благ пораст на коефициентите, особено во однос на независноста на медиумите и на демократското владеење.
во извештајот на „Фридом хаус“ се движат од 1 до 7, со тоа што земјите оценети со 1 се најдемократски земји, додека оние оценети со 7 се најмалку демократски. Македонија е оценета со 4,4, при што е забележано дека земјата поради своето демократско дејствување и подобрување на имиџот заслужува поддршка од САД и од Европската Унија.